Сè е бесплатно

Бесплатно добивте, бесплатно давајте!

Матеј 10,8

Обичај или наметната потреба во развојот на човечкото организирање стана валоризирање на нештата во противвредности. Многу ретко се случува да добиеш леб ако не поседуваш пари, освен ако виновно не ја испружиш раката или не покажеш солзи маченички. Многу ретко се случува и да добиеш јахта ако не поседуваш полна кредитна картичка, освен ако твојот татко е на топ листата на втората страница од високобуџетен бизнис магазин. Многу ретко се случува и да добиеш смарагден накит со сјај на месечината, освен ако не си блиска пријателка со некој од пријателите на оној на чии пријатели верноста му здодеала. Значи ниту лебот, ниту јахтата и накитот нема да бидат твои ако на некој единствен начин и не ги платиш.

Што добивме бесплатно? Срамот сум го добил, а не сум платил ниту паричка. Ме облева црвенило и погледот не се подигнува од земјата ако се сетам на количината и лакомоста со која погледнував на храната со која би можеле да се прехранат неколку гладници. И совеста ја добив бесплатно. Си дреме некаде долу во душата и повремено гризнува во моментите кога се запрашувам што ја натерало да ги поставува тие глупави прашања, несвесен дека преминувањето на улицата на црвено светло е опасност. И спокојот е бесплатен. Поврзан со мирниот сон, ја нивелираат радоста во живеењето со суровата реалност, изградиле бариери кон секоја тага која настојува да се вовлече и не ја напуштаат својата состојба и по цена на светското неприфаќање. Ветувањата за наследство се исто така бесплатни. Се добива мапа и јасни инструкции за ориентирање покрај означените места. Се тргнува од почетокот, наведен како раѓање или прв здив на земјата. Се оди по тесни патишта, со една облека на себе, без подрагоцени нешта од милоста, како јагне помеѓу волци… Се сопира само поради молитва и корекции на однесувањето преку покајание. Се стигнува на крајот, наведен како сон пред воскресение. Наследството е таму, џагорливо и светло.

Што да дадеме бесплатно? Па, можеме љубовта. Таа никогаш не престанува, не завидува, не се превознесува, не прави што е непристојно и не мисли зло. Ќе биде одличен дар за оној кој заборавил дека највкусниот појадок наутро не се пржените јајца, туку букетот од чувства. Можеме и трпението. Тоа е челично, не го засилува тонот, и одговара со блеење на револуцијата, носи зимска облека насреде пустина и препотувањето внатре го трансформира во оазичен ветрец. Ќе биде одличен дар за брзозапаливите и уште побрзо согорувачките личности кои не биле прегрнувани како деца. Можеме и добрината. Таа е чист, недопрен памук со мирис на свежо печен леб и допира со нежна рака која умее да задржи и над најстрашната бездна. Ќе биде одличен дар за оние кои не го почувствувале исцелувањето на благиот збор и очите полни со искрена грижа. Можеме и надежта. Таа е полна со верување за иднината, дека црните денови немаат вечно траење, дека после дождот доаѓа сонце и дека новото утро нуди одговори за многуте болки. Ќе биде одличен дар за обеспокоените кои заборавиле да погледнат кон небото и учествуваат во трка каде наградата не е венец.

Исус ги прати дванаесетте да раскажуваат за царството небесно, болни да лекуваат, лепрозни да очистуваат, бесови да изгонуваат и мртви да воскреснуваат. Тие бесплатно добија, бесплатно требаше и да даваат. Ги пратил со дарови кои за жал или за среќа јас ги немам. Ако болни лекував и лепрозни очистував, можеби нема да можев да ја сопрам инстиктивноста да ги пребројувам банкнотите кои би ги добил како благодарност. Ако бесови изгонував, можеби ќе подлегнев на искушенијата на нивниот господар. Ако мртви воскреснував, можеби ќе се возгордеев дека сум моќен како Бога. Но, ми остана само словово. Бесплатно го добив за да се чувствувам љубен помеѓу мнозина. И бесплатно го давам и се чувствувам среќен помеѓу малцина.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz