Самоубиството како излез

Животот не се годините што ги крадеме од Бога за самоугодување. Животот не е ни утопија во која, како во сон, сé им се покорува на нашите желби и очекувања. Конечно, животот не е просто бесмислено време што незапирливо протекува до смртта.

Сведоци сме, безмалку секојдневно, на сé повеќе случаи на самоубиство. И тоа најчесто луѓе во зрели години, пред природниот крај на својот живот. Од каде ваков автодеструктивен порив во она што е создадено за да постои и да му се радува на животот? Недостаток на истрајност, или недостаток на вера? Болест на смрт? Во овој свет каков што го знаеме денес, или поточно каков што го правиме ние самите, има безброј причини да се допре дното на очајот и разочарувањето. “Things fall apart; the center cannot hold” – како што вели Јејтс во поемата “The Second Coming”. Многу нешта инспирираат едноставно да се прогласат за апсурд и таа бесмисленост потоа да се генерализира до крајните граници на нашата егзистенција. Дали е тоа прашање на аспект, на философско убедување?

Човечката природа е создадена природа. Таа има свој почеток, та оттаму природно и свој крај. Единственото нешто што го надминува овој природен детерминизам е благодатната енергија на Светиот Дух со која нашата природа како дар или како можност за слободно и личносно заедничарење станува бесмртна. И имено таа архетипска идеја, или знаење, или интуиција за бесмртноста, вкоренета длабоко во нас, независно од она што сме го научиле во текот на животот или сме го стекнале како непосредно искуство, го темели во нас есхатолошкиот оптимизам кој ни помага секое утро да станеме од нашата постела и да го започнеме денот што ни е даруван.

Самоубиство
Не постои здраворазумно самоубиство.

Најголем доказ дека тоа е навистина така се гробиштата, насекаде во светот и во секоја култура и цивилизација. Парадоксално, но вистинито. Зошто инаку би ги погребувале нашите покојни, зошто би им граделе гробници и вешто украсени надгробни споменици, зошто местото на нивниот земен спокој би го осветувале и дизајнирале со особено внимание, ако со природната смрт сé завршува и никаква метафизика не е во состојба тоа да го компензира или промени? Дури и поборниците на најригидниот атеизам не се лишуваат себеси од ваквиот симптоматичен етос. Факт е дури, дека токму големите диктатори и архитекти на антитеизмот почиваат во најспектакуларните мавзолеи на светот. Митологизирани претстави на желбата за бесмртност.

Овој феномен, или поточно порив кон вечното постоење од една страна е поврзан со инстинктот за самоодржување, длабоко вкоренет во човековата природа. Од друга страна, пак, тој поставува потсвесни релации со непомирливоста со смртта. Човекот може да се плаши од смртта. Да ја предизвикува, или да ѝ задава најфантазмагорични метафорички значења. Но човекот никогаш нема да се помири со смртта. Тоа е во природата на она што е живо, – да тежнее да биде живо, а тоа значи да постои и да сака да постои. Како тогаш да го сфатиме апсурдниот гест на самоуништувањето. Како бегство? Како чин на најсуштинска деструкција? Како предавство?

Да се убиеш себеси не е само изневерување на инстинктот за самоодржување. Тоа само ни го потврдува фактот дека основната причина за самоуништувањето е длабоко патолошка. Но, што всушност е разболено во човекот кој намислил да се самоубие? Не постои здраворазумно самоубиство. Таа алогичност сепак не укажува директно дека причина за самоубиството е болест на душата. Самоубиството не е и не може да биде израз на здраворазумно резонирање, но дали разумот е разболен кога станува збор за суицид? Кој е ставот на науката за ова? Според компетентните извори на современата психопатологија најголемиот број самоубијци се психички здрави. Навидум парадоксално. Но, само навидум. Самоубиството е криза на личноста. Социјалните фактори тука немаат некое којзнае какво решавачко значење. Се работи за духовен проблем (Д. А. Авдеев).

Да се убиеш себеси, тоа значи да го уништиш најскапоцениот дар што Бог ти го дава. Зашто кога во чинот на создавањето Бог Троица повела: Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие, како што сме Ние, – тоа беше израз на божественото живототворно дарување. Да се создаде живот според образот и подобието на Оној Кој е Живот и Кој го дарува животот за да нé направи слични на Себе. Да се уништи, пак, овој дар, тоа не значи само враќање на билетот за нашето постоење, не значи само одбивање да се прими она што не сме го побарале, за што не сме биле прашани и не сме се согласиле кога сме се раѓале. Уништувањето на дарот на животот значи суштински да го исклучиме нашето битие од благодатта Божја. Затоа самоубиството и се нарекува во Библијата хула на Светиот Дух. Богохулство кое не може да се прости, бидејќи самоубиецот со автодеструктивниот чин самиот ја исклучува можноста за проштевање и искупување.

Самоубиството значи да го ликвидираме нашето единство со Бога преку Црквата, т.е. нашето единство во Духот на животот со нашите блиски, со нашите роднини и пријатели, со нашите родители, со сето она што е живо. Тоа е она крајното НЕ со кое го негираме нашето заедничарење со сето она што е проткаено со живот. Токму затоа самоубијците не се сметаат повеќе ниту за членови на Црквата, ниту за членови на заедницата. Токму затоа, конечно, семејството и целото човечко општество го доживуваат чинот на самоубиство како нешто многу срамно. Тоа не е само повреда на малограѓанската етикеција, туку суштинско изневерување, грев – par excellence. Од овие причини самоубијците не се погребуваат со црковен чин и се закопуваат надвор од атарот на гробиштата. Самоубиството е осквернение кое не може да се компензира, т.е. да се преосвети. Тоа е крај на секој крај. Крај без исчезнување. А тука лежи и најотровната противречност за самоубијците.

Во историјата на философската и религиозната мисла многу често со идејата за апсурдноста на нашето постоење се врзува силогизмот: животот е бесмисла полна со страдање; смртта е бесмисла ослободена од страдање; значи: смртта е поприфатлива од животот. Овој отровен софизам охрабрил многу очајници да посегнат по својот живот. Но вистината е далеку од овој погрешен логички каламбур. Смртта по пат на самоубиство не е блажено исчезнување во некаква нирвана. Не е онтолошко исклучување на прекинувачот на постоењето. Нашето постоење и понатаму е во зависност од Оној Кој е Причина и Почеток на нашето битие, т.е. Бог. Самоубиството е само директен билет за во пеколот, подготвен за оние кои го избрале гревот за свој начин на постоење. Самоубиството, имено, е неповратна влезница за вечното страдање и проклетство. Мошне поразлично од она што го рекламираше силогизмот за животниот апсурд.

Но, животот не е апсурден. Него го осмислува крстот Христов и, според неговиот образ и подобие, личниот крст на нашиот живот, којшто треба да го прифатиме без оглед на искушенијата и мачнотијата на крстоносењето. Само треба да бидеме внимателни и истрајни.

Постои самоубиство и по физичката смрт, тогаш кога оставаме неблагочестиво завештание нашето тело по упокојувањето да биде кремирано. Спалувањето на телото е уништување на божествениот украс на нашето физичко постоење. Ако телото е храм на Светиот Дух, тогаш каков одговор ќе дадеме на Судот Божји кога сме изгореле една таква светиња. Она што е од земја треба да ѝ се врати на земјата. Ние не сме создадени од оган, за да му се враќаме на огнот преку кремирање. Затоа треба да сме претпазливи со сите форми на самоубиство коишто го загризуваат нашиот богоизборен и блажен живот.

Се убиваме пред да се родиме, а се убиваме и по умирањето. Покрај војните и насилствата, секоја омраза и злопамтење е еден вид убиство (и самоубиство, едновремено). Од каде е во нас таа смртопоклона фиксација и порив?

Митрополит Методиј Златанов
„Безбојни патокази“

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz