Самоубиството – смртен грев кон Бога, блиските и себеси

Не знаете ли вие дека сте храм Божји и дека Духот Божји живее во вас?
1 Кор. 3, 16

Самоубиството по губењето на идејата за бесмртност е нешто потполно неизбежно, па дури и принудно за секој, кој се барем малку се издигнал над животните. Напротив пак, бесмртноста, која како идеја нуди живот вечен – многу повеќе го поврзува човекот за земјава. Во ова, наизглед, има противречности: ако веќе постојат толку други животи, тоа е ако освен земскиот постои и бесмртен живот, поради што тогаш до таа мера да го цениме овоземнкиот живот? Но, испаѓа сосема спротивното: само со помош на верата во нашата бесмртност човек може да ја сфати својата разумна цел на земјата. Без верата во својата бесмртност се губи човековата врска со земјата, па таа постанува тонење и губење на смислата на животот ( па макар тоа да се изразува и во облик на несвесна тага ) сигурно води кон самоубиство.

Фјодор М. Достоевски

Смрт со самоубиство е сигурно најсуровата и најбезнадежна смрт. Тоа и по Божествените и по човечките закони зазема однос, како една од најнеприродните, несреќно – душевно пореметени појави. Според тоа во сите времиња, иако скоро во сите религии – самоубиствата се осудувани, тие постојат до ден – денес, ширејќи ги и зафаќајки ги сите опшествени слоеви.

Според религиското учење, а пред сè на Христјанството – самоубиство се смета и преставува голем грев, кој не се простува. Но, иако така заповедала нашата Црква – самоубиствата се шират сè повеќе – како страшна епидемија, околу нас.

Зошто тоа е така? Зошто се случуваат самоубиствата и зошто нивниот број денес е поголем ?

Има повеќе причини, кои наведуваат и доведуваат до самоубиство, но во повеќето случаи се покажува дека главна и основна е една: врзаноста за материјалното, минливото, т.е. слабеењето и губењето на верата во Бога и Неговата вечна промисла. Од сите овие размислувања на оваа тема произлегува следната мисла: Самоубиец е човек, кој ја загубил верата!

За него престанал Бог да биде реална, добра сила, која управува со нашиот живот. Всушност го изгубил правиот пат, бидејќи… Бог е Патот, Светлината и пред сè Животот. Губејќи ја смислата за Бог, човек ги губи сите три христијански добродетели: вера, надеж и љубов.

а) Ако имал вера, би можел да ја прифати основната библиска вистина (заповед), дека Бог е Творец на светот и на човекот, и така човекот нема власт, пред сè ни кон својот, ни кон другите животи. Зашто никој од нас не живее за себе и никој не умира за себе, туку било да живееме или да умираме, за Господ живееме и за Господ умираме, – ние Му припаѓаме на Господ. Според тоа – живееме ли, умираме ли – Господови сме. Бидејќи Христос затоа и умре и воскресна и оживееа, за да господари и над мртвите, и над живите (Рим. 14, 7 – 9). Затоа одземањето на животот како туѓиот и твојот е против Божјата волја – грев кон Бога.

б) Самоубиецот нема ни надеж во Бога, односно нема ни вера во Неговата промисла кон него, водејќи се кон поставената цел: Тој носи сè со својот силен збор… (Евр.1,3).

в) Ниту третата христијанска добродетел – љубов – не може да се најде во душата на самоубиецот. Тој е иноцентрик, кој мисли само на себеси, а не на блиските, кои преку самоубиството ги остава тажни – прави грев кон нив.

Но, самоубиецот преку својот слеп егоизам не гледа дека врз себе го навлекува најголемиот грев, опуштајќи се на мислата – Сè е дозволено! Значи суштината на гревот на самоубиството е во тоа што самоубиецот отпаднал во разни лоши сфаќања и мисли, врзувајќи се за минливите добра, а со тоа отпаѓајќи од Бога и убивајќи го својот живот, кој е дар Божји – нам доверен на чување за вечност, за воскресение и живот, а не за смрт.

Богоубиството завршува со самоубиство

Значи самоубиството е последица на богоубиството, а преку тоа се оделува од Црквата и нејзината благодатна помош, од молитвите за упокоените и помените, .. бидејќи на оние на кои Бог не им е татко – ним ни Црквата не им е мајка

Но, вие бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен. (Мт.5,48)

Покајанието е лек за секој грев, односно грев против духовна смрт. Нема грев од кој човекот не може да се ослободи со искрено покајување, преку самата тајна на исповедта, па макар тоа да биде и најсуровото нешто. Но, единствено самоубиството и смртта му оневозможува на човека покајание, обраќање кон Бога за простување и поправање. Затоа самоубиството е најголем грев !

Гревот на самоубиството и смртта којашто оневозможува покајување се случуваат во исто време, па така смртта и гревот, тука се поклопуваат. Всушност самоубиството е грев кој води кон смрт во што самоубиецот останува вечно, бидејќи после смртта нема можност за покајание.

Благочестиви христијани !

Ако и Црквата не ја послуша тогаш нека ти биде тој како незнабожец и митник. (Мт.18,17)

Гледате ли колку е страшен и безнадежен гревот со самоубиство. Со него човек несреќно ја приведува својата душа кон вечно осудување и останува грешник до Страшниот Христов Суд. Сличен е на пчела, која ќе избега од една кошница во друга и станува немила и во кошницата каде што отишла и во кошницата од каде и избегала, бидејќи самоубиецот со обидот за бегање од овој свет, односно од ова царство на живот не е примен ниту во вечното Царство, подготвено за оние, кои го љубат. Бегањето од овој свет на таков начин, поради различни проблеми не е бегање, туку пропаѓање. Животот во овој свет, каде се измешани и лошите и добрите не може да биде без проблеми.

Петар Петковски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz