Само оние што ја исполнуваат волјата Господова

Не секој што Ми вели: “Господи, Господи”, ќе влезе во царството небесно, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен. Мнозина ќе ми речат во оној ден: “Господи, Господи, не во Твое ли име пророкувавме? И зар во Твое име бесови не изгонувавме? И не во Твое ли име многу чуда правевме?” И тогаш Јас ќе им кажам: “Никогаш не сум ве познавал, бегајте од Мене вие што правите незаконски дела!.

(Матеј 7, 21-23)

Господи, Господи, ти го повторувам нетрпеливо Твоето име за два пати да ме слушнеш и Го свртиш погледот Твој од многуте милосрдности Твои и ме погледнеш мене, кутриот грешник кој верува дека сето тоа напразно не го сторил и кој мечтае за царството небесно како свој дом.

Господи, Господи, посакувам во Твоето име пророк да бидам. Да им кажам на сите дека за шест дена нѐ создаде, а седмиот застана да се починеш и погледнеш на дел од оние што Те расплакаа. Дека ноќе кога е темно и студи, кога нема утеха за утрешниот ден, треба дланките да се склопат во молитвена форма и изусти гласот на срцето кој никогаш не ќе може да се покае и побара повеќе од она што ќе добие. Дека поделбата на рај и пекол не е само поделба на душата на излетување и мачнина, туку и вистинско место преполно со луѓе во бели облеки кои кликаат на секое наше добро однесување кое нѐ води помеѓу нив.

Господи, Господи, посакувам во Твоето име и бесови да изгонувам. Да ги пронајдам во себе и во ближните мои и да им заповедам да заминат во пустината каде наштетувањето врз зрната песок би било минорно. Да ги видам како излегуваат со наведнати глави и да ги поучам дека погрешиле. Го послушале својот татко Лукавиот и сејат раздор помеѓу страстите и душата, помеѓу спокојот и оганот. Да им покажам дека храмот наш треба да остане очистен за да дојдат Таткото и Синот и престојуваат на подолго и да Ги замолам да не се враќаат повеќе.

8581306287_e8bf9e7e12_k

Господи, Господи, посакувам во Твоето име и чуда да направам. Да го поделам морето на два дела за да поминат бегалците од Сатаната и потоа да го повратам за водите да ги потонат неговите црни мисли. Да ја претворам водата во вино кое не пијани туку само малку развеселува и поттикнува на песна која нема рима, но завршува со среќен крај. Да им го вратам слухот на глувите и видот на слепите, но не само на тие болните, туку и на оние кои не сакаат да ја слушнат и видат Вистината. Да одам по водата без да се најдам на дното и да бидам толку лесен што само грев тежок како пердувче би можел да ме собори. И да се качам на крстот од каде нема веќе назад во правта, туку нагоре право, преку облаците до местото покрај прозирната река.

Но, што ако ми кажеш дека не ме познаваш поради моите незаконски дела? Господи, Господи, зар не ме познаваш и покрај желбата да пророкувам, изгонувам бесови и чуда правам? Во друго ли име го правев тоа?

Не секој што вели: Господи, Господи, ќе влезе во царството небесно, туку оној што ја исполнува волјата на нашиот Отец небесен. Малку ме попречи зависта кон ближниот, ми обои дел од срцето во црно, и тоа се откина. Ми прелета и прељубничка мисла за која не се покајав, и ми обои уште еден дел во црно, кој се откина. Лажев да не се посрамам, а и крадев во мислите да не осиромашам, па срцето не издржа и уште еден дел во црно си замина. Го убивав присуството на оној што го повредував, а тоа е доволно за црна испуштена дамка. Се гневев на тополите што ме надвишија, ја хранев суетата со признанијата и ги мразев птиците кои заминаа на југ, во потопло. Сето тоа обојуваше и разделуваше. И ако сега не си ги признаам незаконските дела, со што ќе настапам на Судот? Со срцево од кое остана само милиметар алово обоен кој сеуште чека правда несвесен за својата немоќ да ги победи страстите и не ја загуби бојата? Или со честото: Господи, Господи, прости ми и благодарам за сѐ? Веројатно и за жал не, на Судот ќе се признаат страницата од Книгата на Животот и редовите само кога Небото се радувало.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz