Сабота по Богојавление

Браќа, потсилувајте се во Господа и во силата на Неговата моќ! Облечете се во сето оружје Божјо, за да се одржите против ѓаволското лукавство; оти нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата. Поради тоа примете го сето оружје Божјо, за да можете да се браните во лош ден, та, откако ќе победите, да се одржите. И така стојте, откако ќе се опашете со вистината и ќе се облечете во оклопот на правдата, и нозете да ви бидат обуени во приправност за да благовестите мир. А над сè, земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги угаснете сите вжештени стрели на лукавиот; земете го и шлемот на спасението и духовниот меч, кој е словото Божјо!

Ефес. 6,10-17

Апостолот ги облекува Христијаните во сеоружјето Божјо (Ефес. 6,11). Ова е во согласност со претходното поучување (заб. се мисли на претходните поглавја во книгата). Оти, оној кој го слушнал Божјиот повик, го презел почетокот на новиот живот и со помош на благодатта Божја од своја страна ја принел сета своја ревност, го очекува борба а не одморање на душеци. Тој го оставил светот, и светот поради тоа ќе започне да го притеснува; тој се оттргнал од власта на ѓаволот, и ѓаволот ќе го гони и ќе му поставува замки за да го оттргне од добриот пат и повторно да го стави под негова власт; тој се одрекол од себеси, се одрекол од сопственоста со мноштвото страсти, но гревот – кој во нас живее – не е согласен одеднаш да се раздели со самоугодниот живот, и постојано ќе се обидува, преку различни измами, да го воспостави таквиот животен поредок преку кој претходно богато се хранел и наситувал.

Тоа се три непријатели, и секој од нив има безбројна војска. Главен командант е ѓаволот, а неговите најблиски помошници се демоните. Тие сите ги поттикнуваат кон огревовен живот – противникот на животот духовен. Поради тоа апостолот, како да не постојат други противници, токму против нив го вооружува христијанинот. Оти, вели тој, не војуваме против крв и тело, туку против началствата, и властите, и светските управители на темнината од овој век, против духот на злото во поднебесието. Зашто, можеби кога би ги немало нив, би немало ни борба. Исто така и – ако ги одбиеме и поразиме нив, ние остануваме без непријатели. Затоа, секој нека види кон каде треба да ги усмери своите стрели и од која страна треба најмногу да се чува. И нека се чува! Апостолот навел неколку оружја. Меѓутоа, сите тие имаат сила единствено во Господа. Поради тоа ни се потребни искусни духовни борци кои би ни го пренеле ова: „со името на Господа Исуса победувај ги противниците!“

Свети Теофан Затворник

Оставете коментар

3 Comments on "Сабота по Богојавление"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Човекот да биде постојано прилепен кон Господа и од Него да очекува и на Него да се надева.

[…] Сабота по Богојавление […]

[…] Вчера апостолот го вооружи христијанинот, кој зачекори на патот на спасението, го вооружи со духовното сеоружје, а сега, за да го поткрепи во потешкотиите, му укажува на раководителите во оваа борба, но и последната, света цел на сѐ што постои. Раководители се пастирите и учителите што Господ ѝ ги дарува на Црквата (Ефес. 4,11-13), и преку чии усти Самиот го кажал сето она што е потребно за раководење. Тие му помагаат на секој оној што ќе се обрати кон нив со вера и молитвено обраќање кон Господа. Оваа вистина ја знаат оние коишто, преку себеодрекнување, одат по патот Господов,… Read more »
wpDiscuz