Сѐ треба да Му признаеме и да Му кажеме на Бога

Дојдете при Мене...

Честопати се чувствуваме потиштено, и тогаш ги сфаќаме Христовите зборови: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Мт. 11,28). Младите луѓе не можат потполно да го сфатат ова, зашто тие не се толку обременети, но зрелите луѓе, кои минале низ многу опасности, таги, потешкотии, несреќи и слабости, многу добро разбираат за што се работи. После сето тоа, после толку години што обременуваат, човек сака само да се одмори, да го фрли својот товар, да се ослободи од него.

Единствениот кој може да ни даде олеснување е Христос. Никој друг. Сѐ друго што се обидуваме да го направиме, сето тоа доаѓа од човек. Да, тоа може да ни помогне во одредена мера, на пример, може да појдеме на патување, да посетиме пријател, да одиме на некое пријатно место. Тоа ќе ни помогне и ќе ни даде мир, но нема да биде од суштинско значење. Само Христос може на нашата душа да ѝ подари вистински мир, зашто Тој е „покој на нашата душа“.

Така и се молиме на Литургија: „самите себе, еден друг и сиот свој живот, на Христа Бога да го предадеме“. Да Му ја предадеме на Христа сета тежина на нашето „јас“, да Му ги предадеме сите наши грижи, стравови, таги, сета наша болка и ропот, и самите себе да Му се предадеме на Христа Бога.

Во тоа се состои големата тајна. Ако ова не го сфатиме, нема да можеме да го издржиме сиот товар што во себе го носиме, и ќе папсаме од замор. И, колку што ми е познато, дури и современата психологија нѐ учи да откриеме што сѐ нѐ мачи, да ги спознаеме нашите душевни рани. Мораме својот товар да го споделиме со некого, да го исфрлиме од себеси, да не бидеме затворени за целиот свет, но најдоброто што може да направиме е да го положиме сето она што нѐ обременува во Божјите раце, со помош на молитва и исповед. Сѐ треба да Му признаеме и кажеме на Бога, а не да го држиме во себе.

Како што повеќепати знаеше да каже старец Паисиј Светогорец, сите ние личиме на човек кој на грбот носи вреќа полна со стари дребулии. Бог ни приоѓа и сака да ни ја земе вреќата, за да не мораме да го носиме товарот преполн со непотребни ствари, ѓубре и нечистотија, но ние не ја попуштаме вреќата. Не, цврсто ја држиме со намера да ја носиме со себе каде и да одиме. Но, Бог ни пристапува и се обидува да нѐ ослободи од товарот.

– Остави ја таа вреќа, фрли ја! Што ќе ти се тие дребулии? Немој да ги влечеш со себе. Што си се фатил за него? Што ќе ти е? Навистина ли сакаш да се мачиш попусто?

А ние за ништо на овој свет не сакаме да го испуштиме овој товар од рацете. Ние сме како тврдоглави дечишта што цврсто се држат за нештото и никако не сакаат да го испуштат од раце…

Митрополит Атанасиј Лимасолски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz