Беседа на Рождеството на Пресвета Богородица

Денес е голем Благден, Себлагден, Мала Богородица. А тоа значи дека е мал Божик, оти денес се роди Пресветата Богомајка, Која ни Го роди Христа, Господа и Бога. Затоа, овој Благден е со радост преисполнет. Во безбројните денешни молитви и химни непрестајно се нагласува дека денес, со рождеството на Пресветата Дева Марија, со радост сè се исполни. Сè и сешто, затоа што токму Таа Бога ни Го роди. А, што е поголемо од тоа на оваа земја?

Рождество на Пресвета Богородица

Денес е и мал Велигден, оти Пресветата Богомајка по тело Христа Господа ни Го роди. По тело, со кое Воскреснатиот од мртвите ја победи смртта, и сè исполни со бескрајна радост. Оти, што е порадосно за нас, луѓето, одошто тоа смртта да биде победена, смртта да биде уништена, Животот Вечен да ни биде осигурен? А токму тоа го направи Пресветата Богомајка, по тело раѓајќи Го Христа Господа, тело на кое Господ му даде воскресна сила, му даде бесмртност и Живот Вечен.

Денес е и мал Спасовден, оти се роди Онаа Која тело Му даде на Христа Господа, тело кое од мртвите воскресна и на Небо се вознесе, и седи над сите Херувими и Серафими. Каква чест за човечкото тело, и каква радост за нас, луѓето! А сето тоа е чудесна заслуга на Пресветата Богородица, Која на денешен ден се роди.

Денес, исто така, е и мал Духовден, зашто се роди Онаа која ни Го даде Синот Божји, Господ Христос, Богочовекот, Спасителот на светот, Кој го исполни сиот домострој на спасението, на Небо се вознесе и Духот Свет ни Го испрати, и на земјата Црквата ја основа, на еден начин, давајќи ѝ небесна душа на телото на Богомајката. Затоа, денешниот Благден навистина е Благден со голема и неискажлива радост.

Сè од Неа е, од Пресветата Богомајка; сè што Христос направи во овој свет, од Неа е. Таа Му ја даде човечката природа, Таа Му ја даде нашата душа, Му го даде нашето срце, Му го даде телото наше, за сето тоа Тој да го спаси, за сето тоа да го богоисполни, за сето тоа да го очисти, освети и обожи, и на тој начин да го исполни човекот со најголемата радост, со радоста бессмртна, серадоста. А тоа, тоа е подвигот и делото на Пресветата Богомајка. Сè во Господа Христа е од Неа, сиот Спасител, сиот Богочовек, сето Благовестие Негово, сета Црква Негова, сите Светители, сите христијани, сите праведници, вие и ние, денешните христијани. Сето тоа е од Неа, од Пресветата Богомајка.

Нека Богомајката секогаш нè води по сигурниот пат, патот на молитвата, на постот, на милосрдието, патот на благовестната љубов, на кротоста и смирението кон Својот Син, и нека нè изведе од овој во оној свет, и нека нè воведе во Царството Небесно. И таму, заедно со Неа, далеку од Неа, но секогаш присутни во Неа, да Го славиме Нејзиниот Чудесен Син и Господ Христос. А и Неа, Пресветата Богомајка, Која Него Го роди, Него – Серадоста на сите светови, Севредноста на сите човечки светови. Нему, преку Богомајката, нека Му е чест и слава, сега и секогаш, и низ сите векови. Амин.

Преподобен Јустин Келиски
Извадок од беседата на Рождество на Пресвета Богородица

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz