Рождеството Христово – откровение

Празникот на раѓањето на Христа како човек е митрополијата на празниците, како што вели свети Јован Златоуст. Од Раѓањето следат сите други Господови празници: Богојавлението, Преображението, Страдањата, Крстот, Воскресението и Вознесението. Без Раѓањето немаше да постои Воскресението, но и без Воскресението немаше да се исполни целта на Божјото вочовечување. Сите овие Господови настани се единствени. Ние ги делиме за да ги празнуваме и за да се
вдлабочиме во содржината на празниците. На секоја Литургија ги живееме сите настани на Божјото вочовечување. Затоа, според светите отци, секогаш е Божик, секогаш е Велигден, секогаш е Педесетница.

Со Христовото раѓање почнува да се открива тоа што се случи при Благовештението. Кога зборуваме за откривање, подразбираме дека постојат неколку личности, како што се Богородица, Јосиф и др., на кои им се откри дека Христос, Когошто Го чекаа сите векови, дојде во светот. Секако, Христос се крие, објавувајќи се и се открива криејќи се. Тоа го гледаме во целиот Негов живот, но и при Неговото откривање на светителите.

Христовото раѓање во тело е историски настан, бидејќи се случил во еден конкретен историски момент, кога со Римската Империја владеел кесарот Август, а во Јудеја царувал Ирод. Евангелистите настојуваат да ја нагласат историчноста на настанот, затоа што сакаат да кажат дека Христос е историска личност. Тоа значи дека Христос прими вистинско човечко тело и вочовечувањето. Кај православните христијани на овие простори, Страдањата и Крстот не се одделни празници, туку се одбележуваат во рамките на Страсната (Страдалната) недела, а тоа е последната недела од Велигденскиот пост (заб. на прев.) не се случи привидно, како фантазија.

И покрај својата историчност, овој настан останува тајна. Знаеме дека постои Богочовекот, совршен Бог и совршен човек, но останува тајна тоа како се соедини Божјата со човечката природа во личноста на Логосот. Впрочем, тоа што се случи во личноста Христова, ипостасното соединување на Божјата со човечката природа, се случи еднаш. Затоа свети Јован Дамаскин ќе рече дека Христос е „единственото ново под сонцето“, т.е. единственото ново по создавањето. Тоа значи дека по создавањето на светот и на човекот, ништо ново не се случува во светот. Сè се повторува. Раѓањето на еден човек е продолжение и резултат на Божјите зборови „да создадеме човек…според наш образ и подобие“, и „плодете се и множете се, и наполнете ја земјата и владејте со неа“ (1 Мојс. 1, 26 – 28). Новото е само Богочовекот Христос.

Така, историчноста на настанот не ја одзема тајната, но и тајната не ја поништува историчноста. На Божик го празнуваме Христовото раѓање, но истовремено ги доживуваме светотаински во срцето сите настани кои се поврзани со тоа, затоа што кога живееме во Црквата учествуваме и ги доживуваме сите стадиуми на Божјото вочовечување.

Митрополит Јеротеј Влахос
Извор: „Господовите Празници“, 2012, издание на СПЕ
Превод: отец Атанасиј Арсоски

Оставете коментар

1 Comment on "Рождеството Христово – откровение"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Рождеството Христово – Откровение […]

wpDiscuz