Родови врски

Некој Му кажа: ‘Ете, мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да зборуваат со Тебе.’ Он му одговори на оној што Му зборуваше и рече: ‘Која е Мојата мајка и кои се Моите браќа?’ И како покажа со рака на учениците Свои, рече: ‘Еве ја Мојата мајка и еве ги Моите браќа! Зошто кој ја исполнува волјата на Мојот небесен Отец, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.’

Матеј 12, 47-50

За среќа сум припадник во левото ќоше во еден од ограноците на доста разгранетото родово стебло, така што микрограмот заедничка крв со братучедот од снаата на мајка ми, второ дете од бракот со нејзиниот втор маж кој растеше во исто село со зет за сестра на мојот чичко, ми овозможуваше секаде да се претставувам правилно со јасна потенцираност на лозата на која припаѓам и секако на генетските предиспозиции кои би требало да следат. Секоја врата ми беше отворена и секако насмевките за пречек беа дополнително растегнувани кога ќе започнев да ги евоцирам роднинските спомени.

Мајка Му и браќата негови го чекаа надвор за да зборуваат со Него. Да беше мајка ми, немаше да дочека да ги поздравам, а претходно да не ме распраша зошто сум толку блед и ослабен, зошто не се одмарам по говорот пред толпата, што сум доручкувал истото утро, или да не забележи дека одењето по вода е многу ризично, средбата со сатаната не требаше да биде во пустината во место без ангели телохранители и дека побезбедно е да се донесе мир отколку меч. Да беа браќа ми ќе ме потчукнуваа по рамо за излекувањето на хромиот и ќе ме прашуваа како се прави тоа и дали ќе може да се регистрира како дејност во медицинскиот бизнис систем. Ќе ми замеруваа зошто се качив на крстот толку смирено без да употребам нуклеарно оружје против римските војници. И сите ќе беа во заблуда едноставно зошто не ја прифатија волјата на нашиот Отец небесен.

Која е мојата мајка и кои се моите браќа? Мајка ми е жена која ме откинала од утробата, се грижела кога сум дете ако ги раскрвавував коленцата и кога сум возрасен дали имам несогласувања во бракот со сопругата, дали заработувам доволно согласно сенката од стресот во мојот поглед, дали кога патувам пристигнувањето на превозните средства е безбедно гарантирано од статистиката. Таа не верува во промислата од Небото која ме ставила во нејзината утроба и го посадила семето на надеж за враќање кон преобликот. Ниту верува дека крвавите колена некогаш заздравуваат само со допир до неговата облека, дека љубовта кон реброто кое недостасува е поголема од привремените гнев и лутина, дека парите не се тоа што го заработувам со задоволство поголемо од она што не ‘рѓосува и не се чува од крадци, дека кога патувам крилјата на авионот се мешаат со оние на ангелите пазители. Браќата ми се луѓе со кои во детството сме ги поделиле искинатите пантолони, солзите за загубениот натпревар, препирките кој беше погледнат од најубавата девојка… Подоцна со нив бев во револуција за ослободување на кафеаните од вишокот на вино, за слободен поглед во деколтето на естрадните уметнички, за смешно криволиниско движење под дејство на алкохол и нагон за повраќање, за слободно однесување како во харемите на римските императори. Тие не веруваа во вистинската слобода на благиот јарем на Пастирот која не ја поднесуваше недостојноста на куќите полни со похот, го промовираше фактот дека прељубата е само прифатена негодна мисла и го споредуваше виното само со крвта на Непроценливиот.

Еве ја мојата мајка и моите браќа и сестри. Тие ја исполнуваат волјата на нашиот Отец Небесен. Ги нема никаде на моето родово стебло, но добиле пространо место во моето срце. Немаме сличност во генетиката, но надежта заеднички ни ги преклонува колената со поглед и зборови кон Небото. Без звучност на лозите на кои им припаѓаме, се грижиме само за родот преоблечен од отпаднатиот со палмови гранчиња во рацете.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz