За редовното причестување

Владико, колку често можеме и колку е потребно да пристапуваме кон Светата Тајна Евхаристија?

Во моите епархии и парохии, секаде се трудам да нагласам дека основа на духовниот живот на секој христијанин и основа за црковната заедница е токму Евхаристијата, Литургијата, Светата Причест.

Евхаристиската побожност е каменот на кој се гради секоја духовна заедница. Забележувам дека таму кај што нема редовно причестување, каде што луѓето пристапуваат кон Путирот само за големите празници или во посебни случаи, многу е тешко, или дури е невозможно да се изгради цврста црковна заедница, бидејќи ја нема основата врз која би требало истата да се гради. Без таа основа невозможно е да се изгради цврсто семејство, кое е повикано да биде „мала црква“, и кое може да стане такво само во случај ако сите членови на семејството редовно се причестуваат. Поради тоа, во проповедите секогаш ги повикувам христијаните да се причестуваат што е можно почесто и сметам дека во принцип секој христијанин има право да се причести на секоја Литургија во која учествува. Секако, под услов да ги почитува црковните правила, да живее во согласност со црковниот календар и неговиот начин на живеење да одговара со природните норми кои ги востановила Црквата. Ако се исполнети тие услови, тогаш нема никакви пречки човек да се причестува на секоја Литургија. Зборовите Христови, кои ги изговара свештеникот: „Примете, јадете, ова е Телото Мое“, „Пијте од неа сите, ова е Крвта Моја на Новиот Завет“, зборовите на ѓаконот:„Со страв Божји, вера и љубов пристапете“, се зборови упатени кон сите во Црквата, а не само кон една категорија луѓе, на пример на оние кои се припремале за Светата Причест. Секако, тука треба да се внимава на крајностите и важно е човек, според зборовите на апостол Павле, со разбрирање да пристапува кон Светите Христови Тајни, причестувањето да не се претвори во формалност, рутина, односно поради често причестување да не дојде до чувство на навика на примање на таа најголема Тајна. Но, повторувам, дека честото и редовното причестување мора да биде основа на духовниот живот на секој христијанин. Мене ми е тешко да го замислам својот живот без да се причестам барем еднаш неделно. Во одредена смисла, живеам од недела за недела, од еден празник до друг. Токму причестувањето дава сила да се биде христијанин.

Владико, едно прашање за правилата. Согласно уставот на РПЦ, постојат низа молитви пред причестување кои треба да ги прочита човек пред да се причести. Ако го земеме во предвид ритамот на живеење со кој денеска живеат мноштво луѓе, особено младите, учениците, навистина е тешко да се исполнат овие правила. Како резултат на тоа, многумина не пристапуваат кон Путирот поради тоа што не можат на прописен начин да се припремат за Причеста. Што мислите вие?

Како прво, нема никакво официјално правило на РПЦ кое укажува на тоа што конкретно треба да биде прочитано пред причестувањето со Светите Христови Тајни. Во молитвениците постојат молитви пред Света Причест – треба да се ориентираме според нив. Мислам дека читањето на тие молитви еднаш неделно, ден пред причест, не е нешто за што треба толку многу време и толку големо одрекнување. Мислам дека и учениците и вработените и оние кои ги воспитуваат деца можат да најдат 20 минути да го прочитаат тоа правило. Ако се нема толку време, тоа правило може да се скрати и да се ограничи на неколку молитви. Смисолот не е во тоа да се зголемува одреден број на молитви, туку во тоа, на компетентен начин духовно да се подготвиме за примање на Светите Христови Тајни. Некогаш е покорисно да прочитаме една молитва, но неколку пати – полека, со разбирање, отколку да го прочитаме цел молитвеник, а при тоа умот да ни остане рассеан и мислите да ни лутаат настрана. Покрај тоа, постои пракса за читање какон и акатист пред Причест. Има и духовници, кои таа пракса им ја одредуваат на своите духовни чеда како обврска. Се вели дека, на пример, пред причест треба да се прочитаат минимум три канони, еден акатист и плус молитвите пред Света Причест. Јас не се согласувам со овие барања. Како прво, ниту едно црковно правило не го предвидува ова – тоа е само една побожна традиција, што не е пропишана во ниту еден црковен устав. А како второ, ако човек сака да чита канони и акатисти и има време за тоа, тоа читање не може да донесе ништо освен корист. Но, да се постави ова исчитување на канони како предуслов за Причест, сметам дека е многу погрешно. На тој начин, само ги бркаме луѓето од Путирот, лишувајќи ги од она што е срж на христијанскиот живот – причестувањето со Светите Христови Тајни.

Владико, постои уште една пракса – пред Причест треба да се пости три дена. Човек ако се причестува секоја недела, излегува дека треба да пости од среда до сабота. За многумина тоа е невозможно.

Одговорот на ова прашање, како и на другите прашања слични со ова треба да се потражат во типикот. Каде тоа типикот пропишува постови надвор од ноие кои се востановени од страна на Црквата? Никаде. За човек кој ретко се причестува, кој не пости, кој е оддалечен од Црквата, корисно е да пости неколку дена пред Причест. Но, ако човек ги почитува сите постови кои го востановила Црквата, нему не треба да му се додаваат никакви постови. На тие луѓе кои редовно постат, би им препорачал во недела и празнични денови со мирна совест да пристапуваат кон причестување со Светите Христови Тајни.

Архиепископ Иларион Алфеев

Оставете коментар

1 Comment on "За редовното причестување"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

prekrasen komentar.

wpDiscuz