Разоткриени тајни

И така, не плашете се од нив, зошто нема ништо сокриено, што не ќе се открие, или тајно, а де не се узнае. Тоа што ви го говорам во темнина, кажете го на видело, и она што го слушате на увото, разгласувајте го од покривите!

Матеј 10, 26-27

Се плашам од едни лукави очи, од нивните зеници полни со интриги на кои не би се сетил секој холивудски сценарист, од нивниот сјај кој не наликува на оној на изгрејсонцето туку на безбојна светлина од швајц апарат. Не се плашам да не ми продрат во автобиографијата или да дознаат нешто ужасно од денот на моите падови. Повеќе сум исцрпен од нивните обиди да ми пресудат пред Бога, да ме испратат во пеколот според амандманите на кривичниот закон на Дивиот Запад, член втори во кој се говори за човечката проценка на објективната вистина.

Нема ништо сокриено, што не ќе се открие. Така не остана во мене ни гневот зачнат во времето на немарност, туку си правеше пат низ дамарите, преку грлото да одекне како пушка низ околината и го замириса воздухот наоколу, небогоугодно секако. Како да ја сокријам зависта, која ми избила по лицето и ги деформирала усните кои своето природно црвенило го замениле со синило и со искривоколчена насмевка настојуваат да пофалат. Или како да ги сокријам блудните помисли кои загреани на температура повисока од онаа во центарот на сонцето, градат и раскопуваат пустина во мојата глава и тамам се доберат до свежината на оазата сфатат дека тоа е само сон по ниската похот?

Нема ништо тајно, што не ќе се узнае. Можеби тајна се атентатите на значајните личности организирани од државните моќници или пак досие во добро чувана подземна зграда на некоја наполу легитимна служба. Но, никако тајна не е мојата маловерност која понекогаш ме изненадува со нејзиниот недостоинствен страв да тргне по површината од водата без нималку да се посомнева дека по три чекори ќе пропадне во длабината. Тајна не се исто солзите непрекинати по злата судбина која континуирано ја обвинувам за мојот несовршен живот, кои капат ли капат замаглувајќи го патот кон големата надеж. И на крајот тајна не е пропуштената љубов која недостасуваше кога се паѓаше, беше неопходна кога се стануваше, повеќе од темел кога се молеше и мирна ќелија кога се каеше. Беше недоволна и не е тајна дека ми се приближува огненото езеро доколку не преземам сериозни чекори во променет правец.

Тоа што Тој ни говори во темнина, ќе го кажам на видело. Ќе речам дека повеќе не се плашам од лукави очи, од сјајот кој не е немерлив како ореолот на мојот заштитник. Ќе речам дека гневот си го ослободив од грлото и го испратив на највисоката планина со вечен мраз каде човечка нога не стапнала за да се зарази. Ќе речам дека зависта ме напушти со писмо за развод кое двапати го потпишав само и само да се разделиме. Ќе речам и дека блудните помисли ги полеав со поплава за да се однесуваат попристојно и никнуваат само за будење на бакнеж и прегратка.

Тоа што Тој ни го шепна на увото, ќе го разгласувам од покривите. Ќе разгласувам дека мојата маловерност е минато закопано во песокот од кој ѕирка плодот на семето синапово чија големина е мера на верата ако би ја имале и планини да поместува. Ќе разгласувам дека новата надеж не ми е веќе потопена во солзите на негрижата за моите постапки и веќе почнала да учествува во подготовките за празникот на огледалата на кој секој ќе се соочи со сопствената заблуда и покој. Ќе разгласувам и дека љубовта која ми недостасуваше е тука, цврсто зграпчена во моите дланки, цврсто решени до крв да го попречуваат нејзиниот бег.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz