Раздори и несогласувања

Нашиот Господ Исус Христос, секаде, каде што се појавувал како светлина на светот ја расссекувал темнината и ги одделувал синовите на светлината од синовите на темнината. Некои пристапувале кон Него од далечни градови за да седат при Неговите нозе долг низ на часови, заборавајќи на храна и на домашни задачи. Други пак, слушајќи го Неговото слово, се соблазнале да говорат дека „тој човек не е од Бога“ и составувале планови за негово заробување и казнување. Поводите за роптање и незадоволство секогаш биле законско-формални: „не ја запазува саботата“, „може ли нешто добро да дојде од Назарет?“ и така натаму. Така неколкуте години од проповедта на Спасителот изминале помеѓу чекан и наковална, помеѓу поривот да се прогласи за цар и поривот да се убие со камења. Секако, тоа не е случајно, туку длабоко природно. Имено, такво е дејството на благодатта врз синовите човечки.

На идниот суд „праведниците ќе се зарадуваат, а грешниците ќе заплачат“, како што читаме во покајниот канон. Луѓето започнуваат да се радуваат и да плачат веќе во овој живот, добивајќи го Евангелскиот суд. Едни одат кон светлината, други од светлина се тргаат. Оти не им е речено на едни: „Дојдете возљубени од Мојот Отец“, и не им е речено на други „Одете од Мене проклети во вечен оган“, туку самите луѓе, застанувајќи на судот на Божјите зборови, се разделуваат на две големи групи. Разликата е единствено во тоа што на Страшниот суд разделувањата ќе бидат конечни и за века, додека сега границата сѐ уште не е сосема определена – преместувањето од една група во друга е возможно, и тоа непрестано се извршува.

Та зар може вистината да не ги разделува луѓето на различни групи и страни, кога таа и самиот човек го разделува, одделувајќи ја од него неповредената добра срцевина од, во долг низ на лета, однадвор прилепената нечистотија? „Зашто, словото Божјо е живо, тоа дејствува и е поостро од секаков меч со две острици; и навлегува до разделување на душата и духот, до зглобовите и мозокот, и ги проценува мислите и намерите на срцето.“ (Евреите 4,12).

Она што се гледа во животот на Господа се гледа и во делата на неговите служители. Едни и исти слова на апостолите раѓале, во зависност од внатрешната состојба, разни чувства во слушателите. „Ние, – вели апостол Павле – сме Христов мирис пред Бога за оние, кое се спасуваат, и за оние, кои гинат; на едните сме смртоносен мирис за смрт, а на другите животворен мирис за живот“ (2.Кор. 2,15-16).

Така, гледаме дека спротивното дејство на едни и исти зборови врз разни луѓе е правилна и неизбежна појава. Та сега од висината на умозрението да се нурнеме во брановите на дејствувањето. Нè раздразнуваат зборовите на свештениците. Зошто?

Кажано во име на вистината зборовите на свештеникот и не смеат а да не нѐ раздразнуваат. Доколку од неговите зборови никому не му бидува ниту студено, ниту топло, доколку неговите зборови се умилително-бескорисни, или нејасно – убави, тогаш подобро е воопшто и да не говори ништо. И токму доколку молчи свештеникот би требало да нѐ раздразнува, оти каков е тоа свештеник, ако молчи?! Старозаветното свештенство извршувало кадења, заколувања на животни и поросувања со жртвената крв во молк. Можеби нешто при тој чин и се кажувало, но, како прво, за тоа нам Eвреите денес ништо не ни кажуваат (предолго живеат без храмот), а како второ, тогаш зборовите не биле на начелно место. На начелно место биле обредните дејства. Нашето служење е словесно служење, затоа што е служење на Самото Слово, Кое стана тело. Нам не ни прилега да молчиме. И повторно тоа што не смее да се молчи, раздразнува мнозина, па дури и неволно.

Секако, можно е свештеникот да е малуобразован. Тогаш образованиот човек на неговите зборови ќе се намурти. Секако, пастирот може да биде груб или со отсечен характер. Тогаш нежните души со високо себечувство ќе осетат трепет со негодување, и нивното срцебиење ќе се убрза. Но, има и трета варијанта. Имено, свештеникот се допрел до раните на душите кои се внимателно завиени во различни одежди. Свештеникот, кој како доктор прашува: „Овде боли? А овде?“, ненадејно притиснал на болно место и ни ја направил очевидна нашата внатрешна болест. Тогаш, ако во нашите планови влегува излечението, плачеме и се молиме, се скрушуваме и низ солзи му благодариме на Бога. Доколку, пак, немаме намера да се излечиме, доколку не сакаме да знаеме за нашите болести, тогаш ние „свештено негодуваме“, и ете веќе, како од топ, кон свештеникот полетале стрели: „реформатор“, „конзерватор“, „мракобесен“, „гордеец“.

Да им се угоди на сите е невозможно. Та и грев е да се сака да им се угоди на сите. Најнапред затоа што е кажано „ тешко вам, кога ќе почнат сите луѓе да зборуваат добро за вас. Зашто така им правеа на лажните пророци и нивните тетковци! “ (Лука 6,26). Како второ, свети Павле вели дека, „кога би бил слуга човеков, не би бил слуга на Исуса Христа“. Но, бездруго е навредливо, понекогаш и до самата смрт, како Јона, да се сретнува зацементирано неразбирање, или фарисејска прикриена злоба во оние, со кои исповедаш една и иста вера.

На некои им се чини дека сѐ им е јасно, дека сите одговори се пронајдени. Секое несовпаѓање на мислата на другите со нивната „кристално-јасна“ позиција им се чини небаре посегнување кон нивната светина. Тие се склони кон расправање и злопамтиви.

За други „сѐ е добро“. За секоја болест тие советуваат да се стори тоа и тоа и „«как рукой снимет» “. Тоа дека животот е противречен, а судот неизбежен тие како и да не забележуваат. Токму таквите „во она време“ со пила го пресекле Исаија и го фрлиле Исаија во прлава јама.Колку лесно се убиваме едни со други, ако и не со камен, како Каин, тогаш со зборови коишто не рануваат помалку! Колку малку умееме да ги слушаме зборовите на другите и да се замислиме над нив, туку реагираме бурно и брзо, небере сме се допреле до огин!

Кога благословениот Господ Исус го поставиле пред судилиште и му задале прашање за Неговото учење, Он рекол: „Прашај ги оние, кои слушале, што сум зборувал; тие знаат што сум говорел.”
Кога Он го рече тоа, еден од слугите, кој стоеше близу, Го удри Исуса по образ и рече: “Така ли му одговараш на првосвештеникот?”

Исус му одговори: “Ако реков лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто Ме биеш?”“ (Јован 18, 21-23)

Да се загледаме во таа слика, браќа. Слугата кој го биел Христа бил уверен во својата праведливост. Тој истапувал во одбрана на честа на свештената власт, воплотена во лицето на првосвештеникот. Така се покажува дека застапувајќи се за очевидниот авторитет може да му удриме шлаканица и на самиот Христос, и тоа со чувство на праведливост!

А сега да го прочитаме уште еднаш одговорот на Исуса и да се воодушевиме од тоа колку Он е смирен: „Ако реков лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто Ме биеш?“

Ајде да се научиме да постапуваме така и во нашите врели религиски спорови, во кои често секој се гледа себеси како поборник на правдата, а соперникот – еретик. Ако лошо говорам, покажи го лошото. Не брзај да ме биеш. Тоа е можеби твојата прва, бурна реакција, твоето негодување е дејство на гревот, кој се буди откако е допрен на таа точка. Можно е дека за еден месец, година, или за подолго време ќе разбереш дека не си бил во право. Животот ќе ги исфилтрира твоите чувства, дополнително ќе те смири, годините ќе ја оладат врелината, искуството ќе додаде мудрост. Многу нешта одвнатре ќе се изменат, а следствено на тоа, многу од она што однадвор го слушаме ќе звучи поинаку. Затоа, зарем не е подобро да се сосредоточиме на подигнување на култура на дијалог во црковната средина и на внимателно размислување за суштината на Црквата наместо на престрелување со цитати и лепење на етикети?, наместо сето она, коешто подоцна може да изнедри покајание и горки издишки од типот „се прашувам дали….“

Да нашите зборови не смеат да не нѐ раздразнуваат. Доколку не го прават тоа се мртви. Или, пак, мртви се оние коишто ги слушаат. Впрочем, од зборовите на Евангелието и мртвите често оживуваат. Така, нашите зборови нека ги раздразнуваат „надворешните“, нека „неверните или оние кои се неупатени “се уверуваат или осудуваат“ (види 1Кор.14, 24). Должни сме да живееме во братска љубов и привремените несогласувања на нашите позиции треба да ги решаваме во дух на заемно уважување. Та иста вера имаме. Во она што е второстепено ни е дозволено разнообразие од страна на отците. А, заповедано ни е, љубовта да ја имаме и покажуваме во сѐ. Ние, православните, всушност, и не сме толку многу за наместо да се возљубиме едни со други, и наместо во единомислие да Ја исповедаме Троица, да подигнуваме раздори во домот на нашата заедничка Мајка – Црква.

Протоереј Андреј Ткачев
Превод од руски: Даниел Јовановски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz