Прво послание до нас, самите: За Пресветата

Денес има крстени луѓе, верници, во поодминати години од овоземниот живот, кои сè уште не знаат како изгледа иконата на Пресвета Богородица. Со самото тоа, тие не знаат каков е ликот на Пресветата. Друго, со тоа тие не знаат Кого Го има Таа во Своите прегратки или на Своите раце…

А, ако прашаат, тоа е затоа што сакаат да стават чорапи и крпи на иконата.

Но, во што е целата суштина?

Ние денес почнуваме да не знаеме ништо за нашите родени мајки. Почнуваме да не знаеме ништо за нашите родени баби (или стари мајки). Воопшто не покажуваме интерес и почит кон сите оние стари и нови вредности кои тие нам ни ги пренеле или покажале, искуствено, практично или со збор. Забораваме на целата топлина, нежност, милост со кои тие нè одгледале. Од мало бебе, детенце, дете, тинејџер или младинец; вредности кои од нив никогаш не престанале или застанале, Ние денес почнуваме да не знаеме ништо за семејството и семејните потреби. Не нè интересираат родителите. За браќата и сестрите и да не говориме…

А, уште поирелевантно е кога говориме за прошка, разбирање, помагање, внимание, утеха, сочуство, доброчинителство.

Пресветата ја прегрнала вселената. Пресветата го покрила сиот народ со својот Свет Покров. Пресветата нè заобиколила со Светиот Појас. Пресветата нè има на десницата. Милостивата Мајка Исусова постојано Го моли Него за сите нас. Владичицата севселенска нè спаува секојдневно. Таа Прва дала прошка на сите кои ѝ го откорнале Нејзиното срце, за да се спасат сите кои виделе светлина од кога постои векот. Таа дала Милост на сите кои милост немале. Таа дала Радост на сите за кои радоста била само во желбите и во соништата. Таа е дрво на животот за сите кои барем со најмала семенка посакале да го засадат тоа дрво во животот по Христос.

Нејзиното застапништво пред нејзиниот единороден син, Господ Исус Христос, нема запрено ни во еден миг вселенски… светот се потпира на Нејзиното битие, Нејзиното постоење, Нејзините стапки, Нејзините солзи, Нејзиниот жезол владичиски и светогорски, Нејзината круна како на царица врз сè што постои, Нејзината светлина и топлина.

Пресветата е радост, Пресветата е милост, Пресветата е прошка, Пресветата е молитва, Пресветата е виделина, Пресветата е химна, Пресветата е насмевка, Пресветата е добрина, топлина, утеха, Пресветата е срцето и душата, Пресветата е Мајката на Оној Кој ни дава да се воплотиме, исправиме, покаеме, поправиме, утешиме, радуваме, твориме и живееме по светот и векот.

Иконата на Пресветата Мајка треба сите да ја знаеме, сите да ја имаме на градите, сите да ја целиваме, сите да ѝ палиме кандило и светлина, сите да ја зографисаме во нашите души, зашто иконата на Пресветата Го носи Богомладенецот, Господ Исус Христос, за Кого и Таа се родила, за Кого сè претрпела, за кого сè простила, пред Кого постојано се застапува.

Пресветата треба за сите нас, да биде секојдневие, живот во дела, ненасушен извор балаклиски кој ке извира од нашите мисли и души, пример на мајка, жена, жртва, доблест, поттик. Прошка за целиот свет, за сите, за секого. Пресветата е вечно застапништво пред Нашиот Господ. Пресветата е вечната светлина и покровителка над нас и бдее над нас и ќе бдее во век и веков.

Да ги почитуваме нашите мајки и баби, да ги почитуваме нашите родители, да го почитуваме семејството. Да постанеме примери за нашите деца, за кои и ние ке бидеме мајки, баби и родители.

Милостивата Мајка Исусова да нè спаси нас грешните, да Го моли нејзиниот единороден син Господ Исус Христос да нè спаси и помилува како Добар и Човекољубив.

Заради името на Пресветата, Господи Помилуј нè.

Кочовски Ѓорги

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz