Противотров за секојдневниот притисок

Современиот образовен систем нееднакво ги вреднува стекнатите вештини и постигнатите успеси во различни области. На пример, достигнувањата во областа на уметноста, музиката и книжевноста се сметаат за инфериорни пред успехот во логичко-аналитичките вештини како математиката, природните науки и памтењето податоци. Од друга страна, не е секој човек надарен на сѐ. Секако, секој од нас би требало да го совлада основите на сите училишни дисциплини, но секому треба да му се овозможи да ги развие своите вродени таленти и дарови од Бога дарувани, за светот да стане навистина поубаво место на живеење. Не може на едно дете кое речиси совршено свири на тромбон да му се наметне очекувањето да биде следниот Исак Њутн, како што може од дете на кое од рака му оди математика, да биде под притисок да стане следниот Ван Гог или Меси.

Како што вели светиот апостол Павле:

Оти и телото не се состои од еден орган, туку од многу. Ако ногата рече: бидејќи не сум рака, не сум од телото, зар само заради тоа таа не е од телото? И ако увото рече: бидејќи не сум око, не сум од телото, зар поради тоа увото не е од телото? Ако целото тело би било око, тогаш каде ќе е слухот? Кога целото би било слух, тогаш каде е мирисањето? Но Бог ги наредил органите, секој од нив во телото така, како Му било угодно. Ако сите тие би биле само еден орган, тогаш каде е телото? А сега се, пак, многу органи, но сепак едно тело. И не може окото да ѝ рече на раката: „Не си ми потребна”, ниту, пак, главата на нозете: „Не сте ми потребни”. Напротив, оние органи од телото, кои ни изгледаат послаби, се многу попотребни; и на оние членови на телото, за кои сметаме дека се понеугледни, им оддаваме повеќе чест; и нашите понеугледни органи имаат поголема чест: угледните, пак, органи немаат потреба од чест. Но Бог го направи и телото така, што на најнезначајните органи им дал најголема чест, за да нема расправии во телото, а органите подеднакво да се грижат едни за други. А кога страда еден орган, тогаш страдаат сите органи; и кога се слави еден од органите, тогаш со него се радуваат сите органи. Вие сте телото Христово, а поодделно – членови.

1Кор. 12,14-27

Својот став по ова прашање го изложиле и мадридските аниматори Даниел М. Лара и Рафа К. Мендел во овој седумминутен видео запис преку кој се надеваат дека ќе ни одржат животна лекција.

Но, овој филм нуди и една друга димензија – онаа на родителството и огромната одговорност што лежи на родителите. Грижејќи се за своите деца, и посакувајќи го само најдоброто за нив, неретко се случува токму родителите да станат главната пречка во развојот на вродените таленти на нивните деца. Да помниме дека она што нам ни се чини како најдобро, не секогаш мора да биде најдобро и за нашите деца. Треба да бдееме постојано над себеси и нашите деца, но да не забораваме дека Бог е Тој Којшто ни ги дал и во нив вложил дел од Својата креативност. Потиснувајќи ја креативноста на нашите деца, на некој начин може да се покажеме како богоборци кои се борат против Божјата промисла за нашите деца. А тоа, ќе се согласите, не го посакуваме.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz