Пророштвото за Божик (3)

продолжува од првиот и вториот дел

Пророците ги гледале идните настани, кои тие ги предвестувале, како да се извршувале пред нив или дури како тие да се веќе поминати. Исаија нé зачудува со своите опишувања за страдањата на Месијата, како самиот тој да бил сведок на Голготската драма. Тој пишува: Он беше изнаранет за нашите гревови и мачен поради нашите беззаконија… Он беше измачуван, но страдаше доброволно… како што е јагнето пред стрижачите свои безгласно, така и Он не ја отвори устата Своја… Му определија гроб со злодејци, но он беше погребан кај богатиот, зашто не беше направил грев и во устата Негова немаше лага (Ис. 53,5.7.9). Поради оваа глава пророкот Исаија се нарекува старозаветен Евангелист.

Ова искуство го доживува и пророкот Давид. Истата сцена на крсната Христова жртва уште векови пред Месијата ја опишува токму тој, како самиот да присуствувал на Голгота, заедно со Пресвета Богородица и ап. Јован. Христовите зборови изговорени на крстот: Боже мој, Боже мој, зошто си ме оставил? – претставуваат почеток од 21. псалм, кој пророкува за страдањата на еден колоритен начин. Кучиња многу ме опколија, цела чета од злочинци се врти околу мене; ми ги пробија рацете и нозете… ги разделија меѓу себе алиштата мои и за облеката моја фрлија жреб (Пс. 21,16.18). Овие стихови на неверојатен начин зборуваат за случувањата при крстот на Господа, како да се напишани од самиот евангелист Јован. Таму се зборува за тоа како Христос бил опколен од кучиња, т.е. од старешините еврејски, се зборува за клинците, со кои бил прикован на крстот. Се зборува за разделувањето на облеката помеѓу војниците. За сето тоа јасно е напишано во Евангелијата.

Св. прор. Соломон и св. прор. Мојсеј Боговидец
Св. прор. Соломон и св. прор. Мојсеј Боговидец

Пророштвата се безбројни, во Стариот завет целиот живот на Месијата е претскажан: било претскажано и точното време на Неговото пришествие (Дан. 9,25-27). Он требало да се роди од Дева во Витлеем (Ис. 7,14; Мих. 5,2). Дел од Своето детство да го помине во Египет (Ос. 11,1), а потоа повторно да се врати во Назарет. Галилеја била местото на неговото служење (Ис. 9,1), творел чудеса и исцелувал (Ис. 35, 5-6; 53,4). Говорел во параболи (Пс. 77,2). Бил отфрлен од лидерите на својот народ (Пс. 117,22). Он бил поразен Пастир, Страдалник, Маж на болки (Ис. 53 гл.). Влегол во Ерусалим на осле (Зах. 9,9). Бил предан од еден од неговите ближни за 30 сребреници, кои биле потрошени за да се купи нивата на грнчарот (Зах. 11,12-13; Пс. 40,9). Он бил воден како јагне на колење, Он умрел заедно со злодејците, откривајќи го изворот за очистување на гревот, оддалечувајќи го гревот во еден ден (Ис. 53 гл.). Дури Неговите зборови, кажани во времето на смртта, биле претскажани (Пс. 21,1). Во времето на агонијата му поднесувале жолчка и оцет (Пс. 68,21). Неговите раце и нозе биле прободени (Пс. 21,16; Зах. 13,6). Коска не му била скршена (2Мој. 12,46; 4Мој. 9,12.46; Пс. 33,20) и жрепка ќе се фрла за неговата облека (Пс. 21,18). Ќе биде погребен кај богатите (Ис. 53,9) и ќе се наоѓа во гробница 3 дена (Јона 2,1). Ќе воскресне од мртвите (Пс. 15,10; Ис. 53,10), ќе се вознесе на небо (Пс. 23,7-1; Пс. 67,18) и ќе седне од десната страна на Бога (Пс. 109,1). Исто така, било претскажано дека Он на човештвото ќе му даде Нов завет, дека Неговото царство ќе ги приброи кон себе незнабошците и ќе нема крај (Пс. 44,6; Ис. 9,6; Дан. 7,14).

Оваа предназначена историја на Исус била претскажана неколку столетија пред Неговото доаѓање и таа толку зачудува со своите детали. Овде би немало простор и време ниту само да се споменат пророштвата, кои зборувале и пророкувале за Месијата и Неговото царство, а да не зборуваме за подетално опишување и толкување. Тие се толку многу, како и делата Христови на земјата, за кои ап. Јован вели дека доколку би се напишале по ред, не би можеле да се сместат во целиот свет напишаните книги (Јован 21,25). Сите тие сведочат за Христа како за вистински Месија, за Оној Кого Евреите Го очекувале и со самото тоа, тие сведочат за автентичноста и вистинитоста на Црквата Христова и христијанската проповед.

Но Бог, подготвувајќи ги Евреите за доаѓањето на Христа, истовремено ги подготвувал и другите народи. В.Иљин е во право кога расудува дека „не само Свештеното писмо на Стариот завет е исполнето со пророштва за идниот Избавител од гревот и неговите последици – смртта и адот; очекување на Богот Кој доаѓа, Кој е победител на адот, Кој страда, умира и воскреснува, како молња ја расекувала темнината на паганското сознание… Човештвото жедувало за богочовештвото… Пророштвото за богот кој страда, кој слегува во адот за гордиот и озлобениот Прометеј е еден од најизумителните образи на Есхил. Хермес, обраќајќи се кон Прометеј, вели: И знај, твоите страдања ќе завршат само тогаш, кога некој бог ќе се согласи да слезе наместо тебе во темното царство на Хадес, во мрачните бездни на тартарот“.

И така, пророштвото за Божиќ е исполнето. Христос се роди. Спасението е извршено и дарувано. Но, како што вели Кураев, Христос може и илјадници пати да се раѓа во Витлеем, но од тоа нема никаква корист, ако Он не се роди во душата човечка. Секој треба да го доживее својот личен Божиќ, Христос да се роди во неговата душа. Па, преку подвижничкиот живот во светотаинството на Црквата да ја одржи радоста од плодовите на Божиќ и конечно да направи таа радост да продолжи во Вечноста.

м-р Георгиј Глигоров
Извор: Православен пат бр. 26

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz