Пророштвото за Божик (2)

продолжува од првиот дел

Возвишениот збор на пророкот, ненадминат во светската литература по своето вдахновение, јасно ги опишува величието и славата на царството на Месијата, Кој доаѓа. Месијата тој го претставува како фиданка од Јесеевата пењушка (Ис. 11,1), т.е. возвестува дека Он ќе потекнува од царот Давид.

Во Стариот завет е навестено и точното место на раѓање на Месијата. Пророкот Михеј јасно зборува за местото каде ќе се роди Христос: И ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, Кој треба да владее во Израилот и чие потекло е од почетокот, од вечноста (Мих. 5,2). Во коленото Јудино главен град бил Хеврон, во кој Давид се зацарил, а најмал бил Витлеем, местото на раѓање и помазување на Давида за цар. Тоа е мало незначајно гратче во историјата на еврејскиот народ, но Бог него го избрал за место на раѓање на ветениот Месија, потомок на царот Давид.

Св. пророк Исаија и св. пророк и цар Давид
Св. пророк Исаија и св. пророк и цар Давид

А дека под Оној Кој владее над сé се подразбира Месијата, се гледа од тоа што Нему Му се припишува вечност т.е. раѓање од Бога Отецот пред сите векови. Во евангелието според Матеј, онаму каде што се зборува за мудреците од Исток, кои со помош на ѕвездата дошле во Витлеем на поклонение на Богомладенецот Христос и Му донеле дарови, се спомeнува и ова пророштво како претскажување за раѓањето на Спасителот во Витлеем. Во месијанското учење на еврејската религија уште пред Христа тоа пророштво било сфатено како укажување за местото на раѓање на Месијата. Книжниците и старешините јудејски, на прашањето на Ирод за местото на раѓање на Месијата, му укажале на Витлеем, основајќи се на пророштвото на Михеј (Матеј 2,4-9).

Мојсеј, законодателот и најважната личност во историјата на старозаветниот еврејски народ, прорекол за Месијата и Неговото дело. Евреите уште до Христа знаеле за неговите пророштва. Кога Филип го повикал Натанаил да Го види Христа т.е. Месијата, тој му се обратил со зборовите: Го најдовме Исуса, синот Јосифов од Назарет, за Кого пишуваше Мојсеј во Законот и Пророците (Јован 1,45)! Мојсеј прорекол за пророчката служба на Месијата, дека Бог ќе подигне пророк, сличен нему т.е. на Мојсеј, преку Кого Он ќе се обрати на човештвото (5Мој. 18,15).

Псалмите, напишани од царот пророк Давид и неговиот син Соломон, како и од многу други псалмопевци, изобилуваат со укажување и предобразување на Царот Месија. Друг аспект од многуобразната служба на Спасителот, првосвештеничкиот, е изразен во 109 псалм. Таму стои: Се заколна Господ и нема да се покае: Ти си вечен свештеник по чинот Мелхиседеков (ст.4). Мелхиседек е дел од историјата на еврејскиот праотец Авраам. Тој бил цар на Салим и Божји свештеник, како што се вели во Писмото, кој во една прилика изнел леб и вино и го благословил Авраама. Авраам, пак, му дал една десетина од пленот што го придобил претходно.

За Мелхиседек како за цар и свештеник се раскажува во посланието до Евреите во 7. глава. Тој е наречен праобраз на Исус. Во личноста на Мелхиседек се предвестува доаѓањето на Надчовечката личност. Таа личност требало да произлезе од народот, кој произлегол од Авраама. Средбата помеѓу Мелхиседек и Авраам се случила во Салим т.е. во Ерусалим, во истиот град во кој Исус бил распнат. Лебот и виното ги праобразуваат телото и крвта Христови кои се предаваат на Господовата вечера. Во Стариот завет Мелхиседек е претставен како свештеник на Севишниот Бог, свештеник на вистинскиот Бог. Таму не се опишува неговото потекло, не се опишува времето на раѓање, ниту на смрт; самото тоа е уште еден аспект од ликот на Мелхиседек, кој претставува праобраз на Месијата, на Христос – беспочетниот и бесконечниот, Вечниот Син на Отецот. Во таа смисла и се зборува во псалмот за Месијата, дека е вечен првосвештеник по чинот Мелхиседеков.

Јаков, синот на Исак, внукот на Авраама, наречен Израил, пред својата смрт ги благословува своите 12 синови и во таа прилика пророкува за сите нив, но и за иднината на Јуда, од кого ќе произлезе Христос. Нема да недостасува кнез од Јуда, и водич од бедрата негови, се дури не дојде Оној, Кому му припаѓа власта, и Он е надеж на народите (1Мој. 49,10).

За почетокот на службата на Месијата најубаво ни пророкува Исаија во почетокот на 9. глава каде ни вели: Поранешното време ја понизи замјата Завулонова и замјата Нефталимова; но подоцнежното ќе го возвеличи крајморскиот пат, од онаа страна на Јордан, незнабожечка Галилеја. Народот, кој оди во темнина, ќе види голема светлина; врз оние што живеат во земјата на смртната сенка ке болсне светлина (Ис. 9,1-2). Ова се исполнило кога нашиот Господ Исус Христос почнал да го проповеда Своето спасоносно слово и кога почнал да прави чуда во Галилеја (Мат. 4,2-16,23).

м-р Георгиј Глигоров
Извор: Православен пат бр. 26

Оставете коментар

1 Comment on "Пророштвото за Божик (2)"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Пророштвото за Божик (2) […]

wpDiscuz