Пророштвото за Божик (1)

Суета над суетите, вели проповедникот, суета над суетите – сé е суета!.. Род еден си заминува, и род друг доаѓа, а земјата си постои секогаш. Сонцето изгрева и заоѓа, и пак брза кон местото свое, од каде што изгрева… Она што било, пак ќе биде, и она што се правело, пак ќе се прави – нема ништо ново под сонцето (Проп. 1, 2.4.5.9).

Созерцанието на постојаното, еднообразното и цикличното движење на нештата во еден ист правец го довело Еклизијастот до овој заклучок. Во неговите зборови како да се антиципира очекувањето и потребата од Настан, што ќе ја преобрази целата човечка историја. Стотици години подоцна ќе се случи она за што тој жеднеел, она што ќе биде апсолутно ново под сонцето, собитие со космичка димензија – Воплотувањето на Словото Божјо.

Целата свештена историја на избраниот еврејски народ е упатена кон една одредена цел – доаѓањето на Денот Господов. Денот Господов е времето на исполнување на Божјите ветувања, тоа е периодот на Месијата (Помазаникот). Во личноста на Исуса Христа Назареецот сите израилски очекувања ќе го добијат своето исполнување. За човекот кој Gо познал Христа преку опитот на личносното општење со Него во Црквата, не му се потребни дополнителни докази за да се увери во месијанството на Исуса. Иако подоцна секој христијанин, читајќи ја Библијата, се фасцинира од еден чудесен факт – како сето тоа, како целиот живот Христов: Неговото Воплотување, учење, дејствување, Распетие, Воскресение и Прославување, било до детали предобразено, на еден пластичен начин претскажано и вообличено, уште векови пред Неговото доаѓање.

Кои биле пророците во историјата на избраниот израилски народ?

Св. пророци Даниил и Езекиил
Св. пророци Даниил и Езекиил

Пророците Евреите ги нарекувале нави, т.е. оној кој говори. Тој збор има корен во глаголот, којшто и денес е зачуван во арапскиот јазик, наваа, т.е. известување (сп. асирски наву – повикува, етиопски навава – говори). Под тој епитет – оние кои говорат (невиим) се подразбирале особени луѓе, кои со своите зборови привлекувале исклучително внимание и почит, едноставно кажано, луѓе пратени од Бога да ја возвестуваат Неговата волја. Главната задача на пророците им била да ја утврдат во народот верата во доаѓањето на Месијата и Неговото царство. Христос и Неговото царство претставувале централна точка, на која било насочено вниманието на пророците.

Пророштвата имаат двојствено значење. Како прво, тие се однесуваат на настани кои се во одреден историски контекст, но подоцна преку промислувачката Божествена активност, тие стануваат сенка на месијанското време и се однесуваат на Христа. Евангелската светлина се пролеала врз сите книги на Стариот завет по воскресението Христово, кога Воскреснатиот и Самиот Преобразен, на своите сеуште старозаветно слепи апостоли им го отвори умот за да ги разбираат Писмата, акт кој се исполнува на Педесетница.

Св. Атанасиј Велики одлично ги употребува пророштвата во својата аргументација „За Воплотувањето на Бог Словото“, велејќи дека „од страница во страница во вдахновената Книга јасно се предаваат тие нешта во нивната полнота“.

После трагедијата на гревопадот на прародителите, Бог сакал да ги повика нив кон покајание. Он со кротост им се открил и повикал кон скриените грешници: Адаме, каде си (1Мој. 3,8-9)?

После Божјото повикување и нерешителното, непотполно сознание и раскајание на грешниците следел Божјиот суд – најпрво над змијата искушувач. И во тој суд за паднатите луѓе се открила надеж за спасение од ѓаволот преку Семето на жената, а дури потоа следел судот над жената и мажот. И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Он ќе ти ја гази главата, а ти ке го каснуваш во петата (1Мој. 3,15). Семето на жената ќе ја гази главата на змијата, а таа ќе го каснува во петата. Тие зборови укажуваат на тоа дека Бог определил, без оглед на човечкиот грев, да го заврши Своето творење со успешен акт. Тоа ветување се препознало како месијанско пророштво.

Светите отци на Црквата, од времето на св. Иринеј па наваму, во овој текст го гледаат „првото евангелие“ (Protoevangelium) за доаѓањето на Спасителот. Под Семето на жената отците Го гледаат Христа. Најверојатно според филолошката методологија на интерпретација кај ап. Павле за местото каде Бог го дава ветувањето на Авраама, дека во неговото семе ќе бидат благословени сите народи (1Мој. 22,18; Гал. 3,16). Употребата на еднина на ова место (Семе, а не семиња), Павле го препознава како укажување на единствена личност, тој Го препознава Исуса Христа.

Со посредство на жената човекот паднал, но со нејзино учество и ќе биде искупен. Тоа ќе се случи со посредство на човекот; Он ќе биде семе на жена, т.е. Он ќе се роди од Жена, но без физичко учество на маж. Тоа древно предвестување укажува на Раѓањето Христово од Дева. Постоел само еден Потомок на Ева, Кој се родил од Жена без учество на семе од маж. Ова укажување поконкретно е изразено во пророштвото на Исаија: Затоа Самиот Господ ке ви даде доказ: ете, Девица ќе зачне и ќе роди син, и ќе му го дадат името Емануил (Ис.7,14).

Чудесно и неслучајно е решението на благочестивите јудејски преведувачи на ова место од Исаија на грчки јазик, кои упорно овде го поставиле неочекуваниот термин за означување на жена која зачнува, необичниот збор воопшто за јудаизмот παρθένος, т.е. девица, преведувајќи го така еврејскиот збор ха-алма. Директниот еврејски збор за означување на девство и девица е „бетула“. Зборот „алма“ е поширок по своето значење. Тој означува зрела девица во брачна возраст и млада жена веќе стапена во брак. Од седумте случаи на употребата на зборот „алма“ во Стариот завет, само уште во 1Мој. 24,43 грчките преведувачи го превеле него со παρθένος, според потребата за јасна смисла на зборот (станувало збор за невестата на Исак, Ревека). Во петте други случаи тие секогаш го преведувале со νεα̃νις т.е. млада жена (слов. отроковица, 2 Мој. 2,8; Песна 1,2); Изрек. 30,19 – младост (неточно); Пс. 67,25 νεανίδες неточно во мак. прев. „девици“. Но окото на евангелистите, кои ја читале Библијата веќе вообичаено на грчки, навлегол во зборот παρθένος и ни возвести, дека тој смел неточен превод не е случаен, туку е провиденцијален, праобразен. Не попусто целиот александриски превод, наречен LXX (Превод на седумтесетмина), е примен со љубов од Црквата, а од јудејството, кое го создало, е отфрлен со мистично ужасување и е заменет со други (на Акила, Симах), антихристијански обработени.

(продолжува)

м-р Георгиј Глигоров
Извор: Православен пат бр. 26

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz