Проповедта на најлошиот светогорски монах

Се сеќавам, додека бев на Света Гора, еден ден дојдоа луѓе од некаква телевизиска куќа. Таму беше забрането новинарите да земаат интервјуа, но понекогаш и тоа се случува, тајно, кој ли ќе ги знае. Некој новинар дошол со камерата и започнал да го интервјуира најлошиот монах на Света Гора. Мислиш – како да знаеја кој е! Знаете, сето она најлошо што може да си го замислите, најлошата слика што можете да ја видите. Тој, клетиот, беше човек кој целосно ја изгубил насоката. Кога чувме дека токму од тој наш несреќен брат зеле интервју, си рековме: „Ај, Пресвета Богородице! Што ли зборел сега, како ли се претставил…“

А, еве што се случило. Го прашале дали има светители на Света Гора, и тој одговорил: „Има!“ „Можеш ли да ни кажеш кој свет човек познаваш“, продолжиле да го распрашуваат и тој им одговорил: „Старец Паисиј“.

Кога дознавме дека го рекол ова, кога го гледавме интервјуто, се зачудивме. И си рековме, „Зарем тој да рече вакво нешто?!“. Секако, луѓето не му веруваа на овој монах, и го прашаа:

– Добро, зошто е свет?
– Видете, го нарекуваат свет, а јас не знам дали е свет, дали пости, дали бдее, дали се моли со бројаницата и прави поклони, не знам за тие работи, можеби и ги прави. Но едно нешто знам – јас, како што можете и да видите, не сум добар монах и тоа го кажувам – пијам, се опивам, никогаш не постам, не одам на служби…

Точно, пустиот по цели денови скиташе по кафеаните во Кареа, и секоја ноќ полицијата го прибираше.

– Другите отци ме презираат, не ме сакаат, ме сметаат за ништо и би биле многу среќни, доколку некако се решат од мене. Но секоја година, бидејќи немав друг начин да заработам за малку леб, Паисиј ме викаше кај него да му ги пресечам дрвата, иако имаше многу други подобри монаси кои можеа да го сторат тоа. Тој ми велеше „ела, оче, да ги пресечеме дрвата за оваа година“. Ќе појдев кај него, и ќе ме прашаше колку пари му барам за тоа, и јас ќе му речев, на пример, десет илјади драхми, а тој ќе ми одговореше – „Петнаесет илјади ќе ти дадам! Ти си добар и сиромав човек, ќе ти дадам петнаесет!“ Кога работам кај други монаси, ме убиваат од работа, ме тераат да ги сечам, да ги носам, да ги редам, им задоволував еден куп хирови, а тој честопати ме прашуваше: „Оче, се измори ли? Седни си малку да отпочинеш!“ И, додека ги сечев дрвата, ги носев и ги редев, тој цел ден ќе ми помагаше, како да беше мој работник и слуга; ми плаќаше повеќе и се грижеше за мене. Тој не знаеше да готви, но внимаваше да има конзерви, да има вино, да се најадам добро, постојано ме честеше со разни нешта и ми велеше: „Одмори малку, да те почестам, да каснеме“. И како да не беше доволно, кога ќе дојдеше некој посетител, ме фалеше пред него и велеше: „Гледаш ли колку добар монах имаме овде, земете благослов од него!“ И ете, јас мислам дека овој човек е свет, затоа што ги прави овие нешта.

Кога го чувме, ова, ние си рековме: „Гледаш, најлошиот светогорец ја кажа најубавата проповед за Света Гора!“

Атанасиј, Митрополит Лимасолски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz