Проблемите на биоетиката

1. Бурниот развој на биомедицинските технологии кои активно навлегуваат во животот на современиот човек од неговото раѓање до смртта, како и неможноста да се одговори на моралните прашања кои при тоа се создаваат во рамките на традиционалната медицинска етика, предизвикуваат сериозна загриженост во општеството. Обидите на луѓето да се постават себе си на местото на Бога и по сопствената волја да ја изменат и „подобрат“ Неговата творевина можат на човештвото да му нанесат нови потешкотии и страдања. Развојот на биомедицинските технологии значајно го надминува разбирањето на духовно-моралните и социјалните последици од нивната неконтролирана примена, што мора да предизвика длабока пастирска загриженост во Црквата. Формулирајќи го својот однос кон прашањата на биоетиката за кои на широко се расправа во современиот свет, а првенствено кон оние кои се поврзани со непосредното делување врз човекот, Црквата поаѓа од поимите засновани на божественото откровение, т.е. од поимот за животот како непроценлив дар Божји, за неотуѓливата слобода и богоподобното достоинство на човечката личност, за наградата на небесниот повик Божји во Христа (Филипјани 3,14), кон достигнувањето на совршеноста на небесниот Отец (в. Мт. 5,48) и за обожувањето, односно за причесноста со божествената природа (2Петр. 1,4).

2. Уште од најраните времиња, Црквата го смета намерното прекинување на бременоста (абортус, чедоморство) за тежок грев. Канонските правила го изедначуваат абортусот со убиство. Во основата на таквата проценка лежи убедувањето дека зачнувањето на човечкото битие е дар Божји, поради што секој напад врз човечкиот живот, од моментот на неговото зачнување, се смета за злодело.

Развојот на плодот во мајчинската утропа Псалмопеецот го опишува како творечки чин Божји: „Зашто Ти ја створи утробата моја, Господи… не се притаи од Тебе ниту една коска моја што си ја создал тајно, и природата моја [испостас] во длабините на земјата; очите Твои го видоа невообличениот зародиш мој“ (Пс. 138; 13, 15-16). За тоа сведочи и Јов, со зборовите упатени кон Бога: „Твоите раце ме создале и ме оформиле… Нели Ти ме излеа како млеко, и ме згусти како сирење? Со кожа и плот ме облече, со коски и жили ме затегна, дарувајќи ми живот и милост, и Твојата грижа го чуваше духот мој… ме изведе од утробата“ (Јов 10; 8, 10-12, 18). „Пред да те вообличам во мајчината утроба, Јас те знаев; пред да излезеш од утробата, Јас те посетив.“ (Ерем. 1,5), му рекол Господ на пророкот Еремиј. „Не убивај дете предизвикувајќи пометнување“ – таа наредба се наоѓа меѓу најважните заповеди Божји во „Учењето на Дванаесетте апостоли“, еден од најраните споменици на христијанската книжевност. „Жената која направила пометнување е убиец и за тоа ќе одговара пред Бога, оти зачнатото во утробата е живо битие, за кое Господ води грижа“, пишува Атинагора, апологет од вториот век. „Оној кој ќе стане човек, веќе е човек“, тврди Тертулијан на преминод од вториот кон третиот век. „Онаа која погубува плод зачнат во утробата подлегнува на осуда за убиство… Оние, кои даваат напитоци за исфрлање на зачнатото во утроба се убијци, исто како и оние кои приготвуваат отрови за убивање на деца“, пишува во 2 и 8 (второто и осмото) правило на светиот Василиј Велики, кои се вклучени во Книгата на правила на Православата Црква и потврдени со 91-то правило на Шестиот вселенски собор. При тоа, светиот Василиј прецизно назначува дека тежината на вината не зависи од времето на бременоста: „Ние не правиме разлика помеѓу плодот кој веќе е вообличен од плодот кој сè уште е невообличен.“ Свети Јован Златоуст говорел дека оние кои вршат абортуси „се полоши од убијци“.

Широката распространетост и оправдување на абортусот во современото општество Црквата го сфаќа како закана на идните генерации на човештвото и како очигледен знак на морална деградација. Верноста на библиското и светоотечко учење за светоста и непроценливоста на човечкиот живот од самиот негов зачеток неспоива е со сфаќањето за „слободниот избор“ на жената да одлучува за судбината на плодот. Освен тоа, абортусот претставува опасна закана по физичкото и духовното здравје на мајката. Исто така, Црквата непоколебливо го смета за своја должност истапувањето во заштита на најранливите и најзависните човечки битија, а тоа се токму неродените деца. Православната Црква во ниту еден случај не може да даде благослов за извршување на абортус. Неотфрлајќи ги жените кои извршиле абортус, Црквата ги повикува на покајание и надминување на погубните последици од гревот преку молитви и поднесување на епитимијата, после кои уследува учевство во спасоносните Свети Тајни. Во случај кога продолжувањето на бременоста непосредно го загрозува животот на мајката, особено во случајот кога таа веќе има деца, во пастирската пракса се препорачува изразување на снисходливост (т.е. попустливост, икономија, м.з.). Жената која во такви околности ја прекинува бременоста не бива одлачена од евхаристиското заедничарење со Црквата, но тоа заедничарење е условено од нејзиното исполнување на личното молитвено покајно правило. Тоа правило го определува свештеникот која ја исповеда. Борбата со абортусите, на кои жените понекогаш се одлучуваат поради крајната материјална оскудница и беспомошност, побарува од Црквата и државата создавање на делотворни мерки за заштита на мајчинството, но исто така и создавање на сулови за посвојување на децата кои мајките од некои причини не можат самостојно да ги одгледуваат.

Одговорноста за гревот за убиство на неродено дете, заедно со мајката ја сноси и таткото, во случај тој да се согласил на извршување на абортус. Доколку жената извршила абортус без согласност на сопругот, тоа може да биде основа за развод на бракот. Гревот го споделува и лекарот кој го извршил абортусот. Црквата ја повикува државата да им го признае правото на медицинските работници, во согласност со својата совест да можат да одбијат извршување на абортус. Не може да се смета за нормална ситуацијата во која правната одговорност на лекарот во случај на смрт на мајката е неспоредливо повисока од погубувањето на плодот, со што лекарите, а преку нив и пациентите, се поттикнуваат на извршување на абортуси. Лекарот е должен да покаже максимална одговорност при давањето на дијагноза која би ја поттикнала жената да ја прекине бременоста. При тоа, лекарот – верник е должен медицинските податоци да ги спореди со заповедите на христијанската совест.

Црквата во историјата
Основни социјални концепции на Руската Православна Црква

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz