Признавање и одрекување

И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец небесен. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен.

Матеј 10, 32-33

Толпа среде место кое никако не може да се нарече дом, полно со чад и неслухова музика и многу поданици од посилниот пол со очи вперени во деколте и облини, паднати во транс од похот и животинска страст. Можноста да се припадне на тоа друштво, а да се говори за седмата Божја заповед е блиска до нула. Велам блиска бидејќи за доброволно да се биде таму ќе мора да се навива за уште поизложена голотија, подлабоки чаши со алкохол, зачинети разговори и полупцости кои водат кон срамна врева. Тоа ќе значи газење на заповедта, односно одрекување од Бога пред луѓето. Тоа значи дека потоа и Јагнето ќе се одрече од нас пред нашиот Отец небесен.

Толпа среде место исполнето со женски парфем и тон висококикотечки кои се дел од атмосферата отсликана во разуздани разговори со промашена поента е и место на многу поданички од послабиот пол тесно збиени една до друга во мрежа која не смее да дозволи бег на ниту еден збор. Можноста да се припадне на тоа друштво, а да се говори за Божјата заповед против озборувањето и судот е повторно блиска до нула. Велам блиска бидејќи за доброволно да се биде таму ќе мора да се учествува и со полна мемориска картичка со информации за најинтригантните случувања во животот на тематската личност на тој состанок, но и најбунтовно да се вклучи во споровите, толкувањата и гласањето што би произлегло на крајот. Тоа ќе значи газење на заповедта, односно одрекување од Бога пред луѓето. Тоа значи дека потоа и Јагнето ќе се одрече од нас пред нашиот Отец небесен.

И други толпи насекаде во различни колорити на однесување кое во случајот е поразлично од даруваното од Духот. Главна преокупација: служење на идоли, непријателство, караници, гнев, завист, убиства и други слични работи кои не доликуваат на наследници на царството на Небото. Можноста да се припадне на тоа друштво, а да се говори за Божјите заповеди за негување на љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добрината, милосрдноста, верата, кротоста и воздржливоста е исто така блиска до нула. Блиска бидејќи за доброволно да се биде таму ќе мора многу повеќе од душата, да се сака телото свое, да му се слугува на неговите желби, да се водат неговите однапред изгубени битки, одново и одново да се проживува лажниот сјај кој завршува со полуглува празнина. Но, со исклучување на чувството на од без патокази, навидум тоа е уживање во смисла на зборот опишан со монтажа од слика која прикажува лежалка од пајакова мрежа распрострена помеѓу две палми на пуст песочен остров со многу сонце и мирис на вода и лесен ветер кој ниша и задремува. Во секој случај тоа значи газење на заповедите, односно одрекување од Бога пред луѓето. Тоа значи дека потоа и Јагнето ќе се одрече од нас пред нашиот Отец небесен.

Си ветив дека ова утро настрана од толпите кои ми го замолкнаат гласот на совеста, ќе биде утро на тишина со светот. Зад завесата која нè разделуваше гледав во спротивен правец, кон хоризонтот полн со светлина и отворен канал за комуникација. Беше убаво утро да се признае дека ветувањата повторно се лажни. Се обидов да поминам покрај местата со чад, неслухова музика и непристојно покажани облини, висококикотечки озборувања и суд, на служење идоли и лакомост и гнев, завист и караници … Поминував, но некои ме привлекоа и застанав само да ги допрам, уверен дека сум доволно силен да продолжам без нив. Видно вознемирен продолжував напред, но остатоци од нивната пот останаа некаде по мене, да замирисаат секогаш кога ќе го започнам својот спокој. И така не успеав да го признаам Јагнето пред луѓето. За среќа го имам покајанието и непресушните солзи несреќнички. Можеби Тоа ќе ме признае пред нашиот Отец небесен.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz