Допуштањето кон Чашата да биде во проширена форма

Зошто лаиците пред причестувањето треба да постат построго од свештениците? Од каде е праксата да се поставува цел ред прегради на патот на човекот кон Чашата? Дали свештениците се виновни за појавената пракса? Размислува свештеникот Сергиј Круглов.

Случката за која ми раскажуваа пријателите воопшто не е приказна, туку најобична вистина!

Пристигнуваме, велат, во еден манастир како поклоници. Се собираме на Литургија и однапред сме напнати, затоа што таму служи еден многу суров свештеник. Суров во смисла дека на многумина не им дозволува да се причестат, им наложува како на старите, така и на младите, да постат строго со и без епитимија, и детално исповеда, од покајниците извлекува такви нијанси на гревови, кои дури и во „потполните исповеди“ (стари обемни исповедални форми, заб. на прев.) ги нема… И, секако, службата со него долго трае, затоа што додека не ги исповеда сите според потполната строгост на законот – Чашата не ја изнесуваат.

Ама ние сме дамнешни поклоници, одамна се смиривме… И еве, очигледно, и до овој манастир стигнале некакви трендови од времето. Излегува нашиот ригорозен баќушка на амвонот пред исповедта и вели: „А знаете ли вие, браќа и сестри, дека светите тајни Исповед и Причест воопшто не се условени една од друга? И дека исповедта воопшто не претставува пропусница за причестување, како што сме се свикнале да мислиме?“.

Ај, во себе се израдувавме и извикавме! Зар не станавме сведоци на чудо?!… А тој речта ја заврши со овие зборови: „Не! Исповедта и Причеста се две различни таинства. И затоа, вие треба да се причестувате еднаш годишно, а да се исповедате еднаш неделно…“.

Крај на цитатот, како што се вели.

Не, немојте да мислите дека го осудувам тој свештеник. Во никој случај. Дури ниту затоа, дека да осудуваш е грешно – едноставно затоа што Црквата е просторна и голема и во неа има место за сите, конзервативци и либерали, вакви и онакви луѓе, од кои секој, при единството на Христовата вера, има и сопствен неповторлив карактер, личносно својство итн. И некои од верните бараат мек и либерален свештеник, а на некои им се допаѓаат токму вакви сурови отци, како погореопишаниот. И што е важно, секој во Црквата го наоѓа своето, само ако не е мрзлив и трага.

Лебот на Животот
Христос – Лебот на Животот

А јас би позборувал за друго… За она што повеќепати говореа и пишуваа моите собраќа – сослужители (во просторот на православниот сектор од Живиот Журнал во последно време, на пример, се разгледува мислењето на извонредниот киевски свештеник протоереј Андреј Дудченко, чиј потпис во ЖЖ е „webpadre“, токму на таа тема…).

Имено, дека неподносливите бремиња и барања да се пости строго и задолжително да се исповеда пред причестување, што обично им се наложуваат на парохјаните и се сметаат за утврдено правило, воопшто не соодветствуваат како на каноните на Црквата, така и на духот на Евангелието. И самите свештеници не ги запазуваат овие правила, бидејќи се над немоќните сили човечки – а еве, истите се бараат од мирјаните…

Дали задолжително да се исповеда пред причестувањето или не, да пости строго пред да пристапи кон Чашата или поинаку – за сето тоа решава за себе самиот човек. Свештеникот може нешто да поткаже, препорача на оној кој за првпат пристапува кон таинството, да објасни зошто е потребно тоа и да го предупреди: еве, ти ќе се соединиш со Христа, но размисли, ќе ти биде ли мило тоа, ќе ти биде ли добро со Христа, зашто Он не е поддржувач на нашите страсти, Он може од тебе да побара усилби и промена на животот – но не повеќе од тоа.

Свештеникот не е Кербер (монструозно куче-чувар на подземниот свет, заб. на прев.) пред Чашата, не е контролор на премин. Од една едноставна причина: во Чашата не се неговите тело и крв. Туку Христовите. И Христос ги повикува кон неа сите: „Примете, јадете, за да се соедините со Мене, за живот вечен и прошка на гревовите!“ И самата мисла за „посредник“ кој дава или не дава, според својата желба, пропусница кон Чашата на Животот, мене ми изгледа богохулна…

И во врска со тоа, еве што мислам… Зошто ние, свештениците, ги товариме врз луѓето тие неподносливи бремиња од правила и услови? Далеку сум од мислата дека ние, чувствувајќи ја сопствената титула, управувани од гревовната страст на властољубието и „делењето благослови“, едноставно сакаме да го спречиме човекот, докажувајќи ја својата власт над него и авторитетот на чинот. Секако не.

Ние, свештениците, повеќето сме луѓе расудителни, и ние сме го читале Евангелието и знаеме дека, ако така се однесуваме, Господ ќе нѐ вдахнови и тоа ќе биде изразено. Но, сепак, во нас живее искрен страв: а зар нема да се оскверни светињата?.. А зар нема да излезе нешто лошо?.. Затоа сигурноста во делото на допуштање на човекот кон Причеста кај нас одамна станала норма на црковниот живот. Искрен, да – ама страв. А тој страв тешко дека потекнува од Бога… Искреноста, како што се вели во познатиот израз, и вистината воопшто не се едно и исто.

Тој страв во многу потекнува од нашето маловерие. Од тоа што не веруваме во луѓето. И не ги љубиме. Не можеме ниту да ја положиме душата своја за парохјаните, ниту да поверуваме во нив… А ако не го љубиме ближниот свој, когошто го гледаме – како велиме дека Го љубиме Бога, Когошто не Го гледаме? Овие зборови на апостолот се едноставни и актуелни за сите времиња, и јасна е нивната строга смисла – да не се заобиколи, ниту одмине.

Да му ја довериме на човекот неговата слобода, во најдобар случај – да го научиме на одговорна слобода. Да поверуваме во неговата вера и неговата совест. Да му го покажеме патот кон Чашата, да го спроведеме до Христа и да се тргнеме настрана, според зборовите на митрополитот Антониј Сурожски, да не го засениме со себе Христа, да не ѝ наштетиме на таа таинствена и трепетна љубов, на тие релации со Христа што ги има човекот, можеби, само што се зародуваат…

Да се види човекот, да се слуша и да се верува во него. Еве за тие најважни нешта размислуваме ние, свештениците, разгледувајќи го овој, чинам, приватен момент на нашиот парохиски живот.

Приредил: М-р. Георгиј Глигоров

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz