Природните стихии и послушанието

(Мт. 14, 22-34)

Господ ги испрати учениците во кораб преку морето, а потоа, во четвртата сража од ноќта, откако се помоли на планината, дојде при нив одејќи по површината на разбранетата вода.

За човечкиот разум ова е едно од највпечатливите чуда што Спасителот ги направи пред очите на апостолите. Низ целата човечка историја, како црвена нишка се провлекува фасцинацијата од овој за природната логика несфатлив феномен. Надвор од законите на гравитацијата, несвојствено за структурата на водата, неочекувано за човечкото разбирање на светот. Затоа и страв се беше вовлекол во срцата на учениците очевидци. Тие ја чувствуваа силата на природните стихии, но пред нивните очи ете нешто уште посилно од бурата, брановите и темнината. Учителот, Кој кротко и смирено го поучувше и лекуваше народот, им зборуваше за спасението и Царството небесно, сега им се приближува чекорејќи по водената површина, им заповеда на природните сили и им се открива на луѓето како Господар на сета вселена. Тие тоа навидум го знаеја, но она, со што беше искушан нивниот разум, беше над обичното познание. Тоа го сведочи и самото евангелско четиво.

Кога учениците Го видоа како оди по морето, се уплашија и од страв извикаа: “Тоа е привидение!” Колку вообичаена реакција на умот човечки. Отворен да прифаќа секакви измислици и суетни заблуди, потпирајќи се на сетилата, а соочен со натприродната логика на чудата истите ги смета за привид. Тоа е и првиот страв што го разобличува евангелското собитие. Стравот што произлегува од допирот со натприродното. Како некоја невидлива рака да ја отвара пред нас за прв пат вратата кон метафизичкото. Но Исус веднаш почна да зборува со нив и им рече: “Не бојте се! Јас сум, не плашете се!” Со други зборови, она што го лекува ваквиот страв е благочестивото познание на Богочовекот Христос. Логосот Божји кој неразделно и неслеано има удел и во божестевната и во човечката природа.

Петар, пак, со својот темперамент кој секогаш зрачи со непосредност и безрезервност, поттикнат од Христовите зборови, Му рече: “Господи, ако си Ти, позволи да дојдам при Тебе во водата!” Да се сетиме само на неговата реакција при првата средба со Учителот покрај Галилејското море. Па и по воскресението. Јован прв дојде до гробот, но Петар, веднаш по него, без размислување влезе за да го побара телото на Спасителот. И кога подоцна им се јави, пред вознесението. Останатите ученици со коработ се упатија кон брегот, а само Петар се опаша и скокна во морето, пливајќи да Го сретне Христа. Како тогаш, така и во овој случај тој посака да се сретне со Спасителот, но не на брегот, туку среде море. И Исус му рече: “Дојди!” Па штом излезе од коработ, Петар тргна по водата за да оди при Исуса; зачекори, но, кога го виде силниот ветар, се уплаши, почна да тоне и извика: “Господи, спаси ме!” Исус веднаш му подаде рака, го фати и му рече: “Маловернику, зошто се посомнева?”

Петар во морето
Св. апостол Петар извикува: „Господи, спаси ме!“

Овој страв што го беше опфатил Петра нема никаква врска со стравот Божји. Овој страв беше обичен човечки страв поттикнат од инстинктот за самоодржување, маловерен страв на човек којшто буквално го губи цвртото тло под нозете, кој ја губи верата во Бога. Коренот на овој втор страв за кого зборува евангелскиот текст е сомнежот. Недовербата во себе, недовербата во светот и неговите законитости, и конечно, недовербата во Бога. Зашто, Петар со својот прв чекор на морската површина не се исплаши од силата Божја која ги надминува природните стихии, туку се плашеше од ветрот што беше силен, од брановите во темната ноќ што беа високи, и, се посомнева во тоа дали Учителот навистина ќе има сила да го спаси од давење.

Од друга страна, пак, со овој гест Спасителот сакаше да им открие на апостолите една исклучителна вистина. Сознание кое во символичка смисла беше уште еден праобраз на воскресението. Имено, она што на Бога Му е можно по природа, истото по благодат му е возможно и на секој човек, на секој оној што ја носи на себе човечката природа. И единствено што го оддалечува од силата Божја, единствено што го оддалечува од моќта и власт да биде сотрудник Божји дури и во најчудесното е стравот, т.е. сомнежот. Затоа Спасителот постојано ги охрабрува своите ученици: Не бојте се, не плашете се! Токму затоа и ние не треба во ништо и со ништо да се сомневаме, ниту да се плашиме дека она што Бог Го промислил за нас нема да се исполни. Или дека она што е во силата на десницата Божја, а е промислено за нашето спасение, нема да се оствари. Сé има смисла и промисла. Оттаму и редот во овој навидум метежен свет. Присуството на Божјата промисла е изворот на секој поредок и логика. Тоа, на еден мошне едноставен, би рекле интимен, начин го забележуваме и во финалето на евангелското собитие. Кога Господ Исус Христос и Петар влегоа во коработ, ветрот престана. А оние, што беа во коработ, се приближија до Него, Му се поклонија и рекоа: “Навистина, Ти си Син Божји!”

Преку разбрануваното море, темнината и бурата, Господ ги доведе апостолите до познанието што им беше насушна попатнина за идната мисија. Од него, од ова познание, заблеска стравот Божји, третиот и единствено блaгочестив страв, кој ни се открива низ целата библиска педагогија, па и низ ова четиво. Тој страв е почеток на секоја мудрост. Зацврстување и надминување на секоја колебливост. Утврдување во секое знаење. Стравот Божји ни дава сила и смелот пред Бога и во Бога. Со истата таа сила апостолите, бестрaшно и со цврста вера чекореа по разбрануваното море на овој свет и го проповедаа Евангелието по сите краиштa и меридијани. Со истата сила и ние им преодолеваме на стихиите и бедоносните бранови на животот, трудејќи се да Му бидеме верни на Христа и носејќи го својот крст да не потонеме во погубните длабочини на гревот и злобата.

Митрополит Методиј Златанов
„Каскади“

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz