Причестувањето е смислата на Литургијата

Трет и последен дел (продолжение на првиот и вториот дел) од интервјуто со претседателот на Синодската комисија за канонизација на светии, викарот на Свјатејшиот патријарх московски и на цела Русија Кирил, намесникот на Спасо – Преображенскиот Валаамски манастир, епископот Троицки Панкратиј

Владико, како вие советувате да се подготвува за Причест?

Еп. Панкратиј: Покајното чувство треба да нѐ придружува постојано, и тоа треба да биде нашата главна подготовка за Причеста. Ако постојано се подготвуваме за примање на Светите Христови Тајни и ги примаме нив толку често, колку што можеме, тоа и ќе биде правилно христијанско устројство.

Досега, колку и да е чудно, се водат спорови не само за честотата, но и за деновите, кога е можно да се причестува: некои свештеници не ги причестуваат возрасните на Светлата седмица, затоа што во тие денови не се пости…

Еп. Панкратиј: Не одете кај таквите свештеници. Нека се испразнат нивните храмови. Ако сте некаде во провинција ќе мора да истрпите. Или да барате. Барајте и ќе ви се даде.

А, свештеникот самиот како служи (понекогаш неколкупати во неделата)? Тој се причестува. Зошто тој распространува поинакви барања да се пости од своите парохјани? Зошто тој од нив бара строго да постат една седмица, а самиот не пости? Зошто за себе прави исклучок? Зошто врз својата паства поставува „неподносливи бремиња“?

Ако го запазуваме постот во среда и петок, никаков дополнителен пост при подготовка за Причест не е потребен. Освен тоа, на Света Гора сега токму така и живеат: постат во понеделник, среда и петок, а се причестуваат четири дена во седмицата – во вторник, четврток, сабота (после посни денови) и во недела. И тоа е навистина правилно: луѓето живеат со Христа. Литургијата е центарот на нивниот живот, околу кој се гради сѐ останато. Не може поинаку.

Тело и Крв Христови

Се разбира дека лаиците не можат да живеат како монасите. Но да се погрижат, во центарот да биде Литургијата, соединувањето со Христа – можат.

Познато е мислењето на многу Свети Отци за тоа, дека е неопходно почесто да се причестуваме. Тоа му е јасно на секој човек, кој барем малку го изучува ова прашање. Смислата на Литургијата е во тоа да се причестиме. Зашто Господ вели: пијте од Чашата сите – сите се поканети.

Друга работа е тоа што не сме секогаш достојни да пристапиме кон Чашата. Но, не треба ни да го преувеличуваме своето недостоинство. „Никој не е достоен“, така се вели во литургиските молитви на св. Василиј Велики. Но тоа не значи, дека не треба да се пристапува кон Таинството – ако не се причестуваме, во нас ќе го нема Животот, ќе Го нема Христа. Едноставно ќе загинеме. Тоа треба да му биде многу јасно на секој христијанин.

Се случува верните да се ограничуваат со причестувањето на еднаш месечно или само на големите празници. Тоа не е многу добро. Според мене, за христијанинот е правилно на секоја неделна служба да се причестува со Светите Христови Тајни, а да се подготвуваат за тоа во сите претходни денови – со молитва, внимателен живот, покајно расположение. Но, сепак, за тоа кога да се причестува, секој христијанин треба да реши самостојно, откако ќе се посоветува со духовникот.

Внимателно да се следи што се случува во сопствената душа

А што да се прави со нашата постојана „подвоеност“? Во храмот сум црковен човек, а во световниот живот, секојдневието – животот те проголтува, суета… Често испаѓа како во нас да сопостојат двајца различни луѓе – блага „духовна шизофренија“. За каква постојана покајна состојба зборуваме!

Еп. Панкратиј: Лесно. Се случила некоја непријатност, лош збор излетал од устата, некакви помисли – веднаш покај се. За тоа е потребен внимателен живот. Внимателно треба да се следи што се случува во сопствената душа. Тогаш нема да постои никаква подвоеност.

Како живеевме во советските години? Имавме уште поголем контраст меѓу Црквата и вообичаениот живот. Но дури и во тие услови се трудевме да го определуваме својот живот преку верата.

Должни сме да го градиме својот живот според верата, според Евангелието, според заповедите – независно од условите во кои тој тече.

Сега суетноста не е поголема од што била тогаш. Истото се случува. И, според мене, така било секогаш и во секое општество. Може да се помисли дека во древноста немало суета, вообичаен и вонцрковен живот! Секако дека имало. И исто така тој ги обземал луѓето. Но, пред сѐ, треба да го бараме Царството Божјо, а сѐ друго ќе ни се додаде. Тоа треба да биде најглавно за христијаните.

Но, во Средновековието животот бил поинаку устроен и животниот ритам бил потчинет на Црквата, макар околу постите и молитвите: во одредно време сите оделе на служба, во одреден ден сите го менувале режимот на исхрана… Освен тоа, човекот не бил толку разоткриен за јавноста – а сега корисниците на Интернетот се наоѓаат постајано на увид. Лично јас, на пример, кога пишувам на блогот или на социјалната мрежа, се појавува еден проблем – се трудам да бидам поискрена, но сепак постои чувство на театралност: се покажувам пред луѓето таква, каква што сакам да изгледам. Ми се чини дека современиот човек има искушение да лицемери – не директно со лага, туку некако посуптилно…

Еп. Панкратиј: Не мислам дека она главното многу се променило од минатите векови. Се разбира, ние претрпуваме огромни информациони товарења – значајно повеќе од нашите предци сме вовлечени во животот на светот, помалку време, за разлика од нив, можеме да поминеме во тишина и осаменост. Но, фундаменталните основи на човековиот живот во светот останале непроменливи. Едноставно треба да го следиме она што ни го рекол Господ: да го откриеме Евангелието и да дејствуваме соодветно Неговите заповеди.

Како да се создаде црковна заедница?

Друг проблем е тоа што се распаднаа врските на заедницата. Дури и заедничката молитва, Литургијата, се претвори во приватна работа. Што да се направи за луѓето да се чувствуваат себеси како заедница, како едно цело?

Еп. Панкратиј: Тоа зависи од парохискиот свештеник. Ако има добар свештеник ќе има и активен парохиски живот, ќе има и христијанско општење.

За да го достигне тоа, свештеникот треба да се труди да живее како што живеел светиот праведен Јован Кронштадски – за неговото служење, неговото слово да ги соединува луѓето.

Тука имаат место сите форми на вонбогослужбена парохиска дејност. Трпеза, пиење чај по службата – сето тоа го приближува свештеникот до парохјаните, се појавуваат потопли, почовечни, доверителски односи. Ако парохискиот свештеник е и духовник на своите парохјани, тогаш за време на таквите трпези може да беседи за духовниот живот (секако, не станува збор за личните духовни прашања – тука треба да се најде време за разговор очи в очи). Многу е лошо кога свештеникот претставува недостапна фигура. Негово дело е да биде пастир.

Проблемот е во тоа што имаме многу големи храмови – вклучувајќи ги и новите. Во него служат неколку свештеници, таму оди многу народ – како тука да се најде единство?! Древните парохиски храмови биле многу мали. Духовниот отец бил свештеник, кого го познавала целата парохија и кој ја познавал целата парохија. Тоа и претставува основа за живот во заедница.

Приредил: М-р. Георгиј Глигоров

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz