Вие, кои сте за Просветување, пристапете…

diveevo

Од средата на Крстопоклоната седмица, до Претходноосветената литургија на Велика Среда, по ектенијата за огласените се кажува ектенија и молитва за оние кои се подготвуваат да се просветат, односно да се покрстат.

Во ектенијата за просветените, во која првата прозба гласи „Вие, кои сте за Просветување, пристапете; помолете се вие кои сте за Просветување…“, ѓаконот го повикува народот да се моли Бог да ги утврди и укрепи овие луѓе, да ги удостои во добро време со бањата на обновувањето (Крштението), да им дарува прошка на гревовите и да ги облече во облека на бесмртноста. Во молитвата, пак, свештеникот се моли Бог да ги просвети нивните мисли, да ги зацврсти во верата, да ги утврди во надежта, да ги восоврши во љубовта и да ги покаже како чесни членови Христови.

По кажувањето на возгласот „Зашто Ти си наше Просветување, и Тебе слава Ти вознесуваме…“, ѓаконот повторно повикува: „Вие кои сте за Просветување, излезете; кои сте за Просветување, излезете; вие кои сте огласени, излезете, да нема никој од огласените, а вие верните…“.

Во Раната Црква имало само неколку денови во годината кога се совршувала Светата тајна на Крштението, а тоа биле: Слегувањето на Светиот Дух – Педесетница, Богојавлението, а особено повечерието на Велигден или ноќта на Велика Сабота. Всушност, затоа на овие празници наместо Трисветото се пее „Вие кои во Христа се крстивте…“. Оттука и читањето на дури петнаесет паримии (Старозаветни читања) на Велика Сабота, кои требале да го пополнат времето во кое се вршело покрстувањето. Крштевањето се сметало за заеднички и литургиски, а никако приватен чин, како што тоа (за жал) е денес.

Огласените, односно луѓето кои сакале да се покрстат на Велика Сабота, морале својата желба да му ја кажат на надлежниот епископ уште на почетокот од Четириесетницата, а најдоцна до крајот на втората седмица од Постот. Потоа, тие биле одделувани од другите катихумени и биле упатувани и поучувани во повисоките поуки на христијанската вера, учејќи го Символот на верата и Господовата молитва. Потоа, тие биле ставани на т.н. испити, а потоа и биле осенувани со крсното знамение, бил изведуван егзорцизам, се кажувале молитви за нив и врз нив биле полагани раце. Најчест ден на овој испит била средата од четвртата седмица на Постот, и оттука била додадена и оваа ектенија, поради вообичаениот испит и близината на времето кога требало да бидат крстени.

Оставете коментар

1 Comment on "Вие, кои сте за Просветување, пристапете…"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Вие кои сте за Просветување, пристапете […]

wpDiscuz