Пресврт во Константинопол: Победа на Православието

Константинопол, 1 март (Терирем Дејли за Пара вести). „Ова е верата Апостолска. Ова е верата на Отците. Ова е верата на Православните. Оваа вера ја утврди вселената!“ – ова се зборовите што насобраните толпи денес ги извикуваат по константинополските улици и плоштади, јавуваат нашите дописници од Градот. Градот се наоѓа под силно фактионско обезбедување. Забележани се најмалку 100 групи од по четири фактиони како галопираат околу толпите, кои како реки притекнуваат кон плоштадот за да го прослават крајот на едновековната контроверза поврзана со гонењето на иконите во Царството. Свечената литија се движи од црквата во Влахерна до црквата на Премудроста и во неа учествуваат, покрај Патријархот Методиј I, и Нивните Височества, царицата Теодора (сопруга на упокоениот цар Теофил) и малиот цар Михаил III, како и логотетот Теоктист.

Очевидци кои сакаат да останат анонимни, за Терирем Дејли велат дека царицата Теодора ја извадила иконата на Пресветата, велејќи: „Ако некој не ѝ се поклонува на оваа (икона) и со љубов не ја целива, не како служење, не како на богови, туку како на икони (образи), поради љубовта кон првообразите (архетиповите), да биде проколнат (анатема).“ Народот со овации и громогласно „Анатема!“ го искажал своето одобрување на ваквото правоверно исповедање на верата од страна на царицата-регент.

Нашата редакција консултираше неколку познавачи на црковните прашања, и сите беа едногласни: „Ова ќе значи затворање на едно болно поглавје од нашата историја. Не би нè зачудило доколку во иднина овој ден биде торжествено празнуван како Победа на Православието.“

Од Канцеларијата за човекови права во Никеа изјавија дека внимателно следат што се случува по улиците во Константинопол. Претседателот на оваа организација, г. Прав Абезобврски предупреди дека она што е најважно во моментот е заштита на правата на иконоборците.

Се очекува торжеството да заврши до вечерните часови, затоа што од утре продолжува постот.

Историја на едно шубе

За потсетување на читателите, нудиме и краток историски осврт на иконоборството. Имено, ова учење започнува да се шири како царско празноверие, по вулканската ерупција во Егејското Море, за што кај царот Лав III Исавријанец се јавило шубе од почитувањето на иконите (слугите од дворот го слушале како вели дека вулканската ерупција е Божја казна за служењето на иконите). Ова шубе се пренесувало на неговите потомци, сè додека, една година по смртта на Лав IV царицата Ирина решила да стави крај на оваа приказна со шубињата. Бил свикан Собор во Никеа во 787 г. и било потврдено почитувањето на иконите. Сите мислеле дека на овој начин се решил проблемот.

Арно ама, не било така. После нецели 30 години, шубето повторно се појавило, овој пат во ликот на царот Лав V Ерменин. Собирајќи монаси, свештеници и епископи на синаксис во Дворот, тој им објаснил како гледа на работите:

Сите цареви кои се заложија за иконите и ги почитуваа, смртта ги пречека или во бунт, или во војна; а сите оние кои не ги поитуваа иконите, умреа по природен пат, и владееја сè до последен ден, а потоа чесно беа положени во мир во царската гробница во црквата на светите Апостоли.

Ова шубе, како што е познато, го наследил и синот на Лав, Михаил II, и внукот, т.е. царот што ѝ е познат на нашата јавност, Теофил, кој неодамна се упокои. Повторно, по неговото упокојување неговата сопруга, царицата-регент Теодора (како и Ирина пред 50 години) реши конечно да стави крај на ова шубе. Се надеваме, така и ќе остане. Барем до Реформацијата.

Update: До нашата редакција стигнаа предупредувања и закани за паѓање на првото и второто митарство поради ваквите текстови. Нашите адвокати нè советуваа случајот да го префрлиме на Судот, пред Судијата.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz