Информативен пресек: Грузија, Романија, Грција…

Пренос на неколку наслови од светските црковни новински агенции

Седмица.ру

Католикосот – Патријарх на цела Грузија г.г. Илија II успешно го завршил лекувањето во Германија, каде што се наоѓал од 14 јули поради неопходна интервенција што уследила по неговиот коронографски преглед. Денес, 29 јули 2015 г. се очекува Патријархот да се врати во Тбилиси, каде што ќе отслужи Молебен.

Романскиот Патријарх г.г. Даниил го повикал свештенството и верниот народ на Романија да се молат за дожд. Поради екстремно високите температури и летната суша, житните посеви се сериозно загрозени, посочил тој.

Ромфеа.гр

Калаврискиот митрополит Амвросиј побарал руска помош за Грција: „Дојдете, помогнете ни, ни треба вашата помош…“ Во неговото обраќање, тој не заборавил да ја спомене и минатогодишната помош од Руската Црква, која во 2014г. донирала половина милион евра за потребите на грчките епархии.

Александрискиот Патријарх Теодор II и Кипарскиот Архиепископ Хризостом II го посетиле Ерусалимскиот Патријарх Теофил. На средбата било разгледано катарското прашање кое доведе до прекинување на општењето меѓу Ерусалимската и Антиохиската Патријаршија.

Вселенскиот Патријарх Вартоломеј ќе побара од епископите од Новите земји (епархиите од северот на Грција кои после 1928 г. влегуваат во составот на Атинската Архиепископија, но се под омофорот на Вселенскиот Патријарх) да не носат митри на Архиерејската Литургија што ќе се служи на 1 септември (Црковно новолетие, Начало на индиктот) во Истанбул. Според Патријаршискиот типик на кој се повикува Патријархот, само возглавителот на литургиското собрание треба да носи митра и епископски жезол. Според еден јерарх од Атинската Архиепископија, кој дал коментар за Ромфеа, доколку епископите се согласат со барањето на Патријархот, ќе се случи само една „литургиска пародија“, затоа што другите гости-епископи ќе носат митри и жезли, а епископите од Новите земји ќе личат на архимандрити. Претходно, Патријархот Вартоломеј истото го побарал и од архиереите од Критската Црква, но тие се оглушиле на неговото барање.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz