Неколку препораки

Manufacturing Consent: Noam Chomsky and the Media (1992)

Како што насловот кажува, овој документарен филм го пренесува мислењето на Ноам Чомски (лингвист, философ, политички дисидент, глас кој вика во пустината) во врска со фабрикувањето лаговистини со кои јавноста би била согласна, а медиумската индустрија би книжела профит. Како најпознат канадски документарен филм, преведен на десетици јазици сметаме дека секој човек кој живее во овој хиперповрзан и хиперинформативен свет и век треба да одвои малку време и да погледне што има да каже еден од најучените луѓе на денешницава.

„Архиереј“ – јеромонах Тихон Барсуков

Во издание на Скопската епархија излезе преводот на книгата „Архиереј“ на јеромонахот Тихон Барсуков. Книгата има нешто повеќе од 200 страници, но е навистина добро освежување за православната читателска публика. За малку барем да ја заинтересираме вашата љубопитност, од книгата ви ги пренесуваме храбрите зборови на ликот на Сергеј Димитриевич Алешин, студент на Духовната академија (страна 73):

Во тоа се состои сета беда, што вистините за христијанството, колку и да се добри сами по себе, немаат оправдување во животот што тече пред нашите очи, и поради тоа се создава вечен простор за секаков вид спорови. Простете, ќе зборувам со најгруба непосредност: еве вие, Павел Иванович, професор, доктор по богословие, во извесен степен перјаница на црквата и православието… Вие се сметата себеси за вистински верник-христијанин, крстен, миропомазан, венчан, неколкупати сте се исповеале и причестиле. А, пак, Садула Мирзабекович е мухамеданец. Каква е разликата помеѓу вас? Покажете ми барем еден знак според кој би можел да увидам дека вие сте исчистен, а тој нечист, дека вие сте прероден, дека во вас е Христос, дека навистина вие сте новиот човек, новата творба во Христа, а тој старозаветниот човек, гнил во своите похоти, роб на ѓаволот. Дури и јас можам, на пример, гледајќи на луѓето веднаш да определам, дека еве овој е интелектуалец, а овој пак, недоделкан маж. Нема тука ништо спорно. Во стварноста пред мене се двајца пристојно облечени господа на приближна возраст; вие се мачите со костоболка, а Садула Мирзабекович од тешко дишење; тој има жена и деца; вие, простете, немате деца, а жената одамна избегала од вас. И обајцата ќе умрете и изгниете; вие – со надеж дека ќе стасате во небесниот Ерусалим, а тој – во прекрасниот рај на Мухамед. А каде навистина секој од нас ќе се најде – никој не знае.

Серија „In Treatment”, три сезони

Серија која го следи животот на еден психотерапевт, и ги руши повеќето стереотипи поврзани со психотерапијата. На доста реален начин (сепак, се работи за филм) е пренесена динамиката која се развива меѓу лекарот и неговите пациенти, овозможувајќи на секој гледач да се пренесе де во едниот, де во другиот лик, зависно од животното искуство, комплекси и трауми. Доколку сте подготвени за три сезони и 106 епизоди од по дваесетина минути, оваа серија е добар начин за одмор од напорното секојдневие. А можеби и ќе ви помогне да почнете да ги поставувате правите прашања, кој знае?

Soundtrack-от од филмот „Πολίτικη κουζίνα“

Доколку сте го гледале филмот, и ви се допаднал, тогаш нема потреба од дополнително објаснување за музиката. За другите, филмот „Константинополска кујна“ ја раскажува приказната Фанис Јаковидес, грчки астроном (и гастроном) и астрофизичар, кој како мал бил присилен да го напушти Истанбул и да живее во Атина. Целото детство му минува во кујната, во која на чудесен начин ги проучува луѓето и светот, на крај заборавајќи да го зачини сопствениот живот. Музиката е на Евантија Ребуцика, и совршено ги доловува сите моменти од филмот.

Fight Club (1999)

Во врска со овој филм, мора да молчиме, затоа што првото правило на Боречкиот клуб е да не се зборува за Боречкиот клуб.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz