Препорака на филмови за септември

Ordet

Ordet, или „Слово“ е минималистичка екранизација од 1955 на истоимената данска лутеранска драма од 1932 година. Раскажувајќи ја приказната за тројцата синови на Мортен Броген, филмот се фокусира на нашето поимање на Бога, верата и молитвата, животот и смртта, на чудата. Ако Бог постои, зошто не веруваме во Него? А ако веруваме во Него, зошто не веруваме во Неговите чуда? Што или Кој е Бог, и што или кои сме ние? Режисерот и мајстор на зборот Карл Дејер дава свое видување и можни одговори на овие прашања.

The Century of the Self

The Century of the Self, или во слободен превод „Столетие на задоволството“ е британски ТВ-документарен филм од четири дела на режисерот Адам Куртис, емитуван во 2002 година. Се фокусира на влијанието на делата на Зигмунд Фројд, Ана Фројд (ќерка на З.Ф.) и Едвард Бернејс (внук на З.Ф.) врз начинот на кој организациите и владите го анализираат, се справуваат и го контролираат народот. Бернејс е творецот на PR-машинеријата (Односи со јавноста) и првиот човек кој ги употребил теориите на Фројд за манипулирање со народните маси. Воедно, тој е еден од главните архитекти на конзумеристичкото општество, и креатор на техниката за потчинување на човекот преку задоволување на неговите внатрешни нерационални желби.

Сметаме дека за соочување со современите предизвици на секонзумеристичкото и хиперсексуално општество, полезно е да се изгледаат овие четири епизоди во кои дел по дел се објаснува создавањето на денешниот свет.

Black Mirror

Black Mirror, или „Црно огледало“ е ТВ-антологија во продукција на BBC во која се опишува ужасот на технологијата во кој човештвото полека, но сигурно зачекорува. Самиот наслов алудира на црните огледала во кои секојдневно се огледалуваме – екраните од мобилните телефони, компјутерските монитори, ТВ-екраните… Во две сезони од по три епизоди, Чарли Брукер пророчки раскажува шест навидум неповрзани приказни на кои заеднички именител им е робувањето на технологијата и губењето на човечноста. Некои епизоди од оваа речиси совршена дистопија се премногу напнати и не се препорачани за луѓе со слаб стомак.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz