Преполовение на Педесетница

Христос и како Јудеец и затоа што Самиот го даде Законот во Стариот завет, за време на Своето присуство на земјата го пазеше Законот. Така и Пасхата ја празнуваше, но и празникот Сеници. И тоа беше во рамките на Божјиот кеносис. Евангелистот Јован ни го прикажува случајот на Христовото одење во Храмот и она што се случило таму помеѓу Него и Јудејците. Не можеме да направиме детална анализа, но ќе ги нагласиме поистакнатите и позначајните моменти.

Преполовение Христос

Присуството Христово на празникот може да се подели на четири стадиуми.

Прво, кога се искачи во Ерусалим, откако најнапред таму заминаа Неговите браќа од страна на Јосиф, „не јавно, туку скришно“. Јудејците Го бараа, веројатно за да Го обвинат дека не го пази Мојсеевиот закон (Јн. 7, 10 – 13).

Второ, кога го направи видно Своето присуство во Храмот, поучувајќи го народот, „кога се преполови празникот“ (Јн. 7, 14 – 36). Значи, додека се наоѓаше во Ерусалим за време на празникот, на средината од седумте денови се појави во Храмот и го поучуваше народот. Тоа што го избра тој период од годината за да поучува се оправдува затоа што од една страна сакаше да го омекне гневот на Јудејците, бидејќи претходеше голем бунт кај нив поради Неговите чуда и поуки, а од друга страна за да Го слушнат со внимание, бидејќи на почетокот од празникот било нормално да постои расеаност (блажени Теофилакт).

Трето, кога во последниот ден од празникот објави дека Он ги наситува жедните луѓе и ги повика да дојдат близу Него. На крајот од последниот ден отиде на Елеонската Гора (Јн. 7, 37 – 53).

Четврто, кога на следниот ден утрото повторно дојде во Храмот. Се работи за т.н. осми ден, со кој завршуваше празникот Сеници. На тој ден книжниците и фарисеите ја одведоа кај Христа жената фатена во прељуба, за да се уверат во Неговиот став. Во тој ден Он го учеше народот дека е светлината на светот и вистината која го ослободува човекот (Јн. 8, 1 – 59).

Во сите разговори што ги направи Христос на празникот Сеници, коишто се многу откровенски и богословски, се гледаат две големи вистини.

Прво, дека Христос континуирано проповедаше дека е единосуштен со Својот Отец, дека е испратен во светот од Отецот, дека Он е Синот Божји, Христос – Месијата што Го чекале Јудејците. Се работи за една голема откровенска вистина. Чисто нагласи дека е испратен од Својот Отец: „и Јас од Себе не дојдов, а има Еден Вистински, Кој Ме пратил и Кој вие не Го познавате“ (Јн. 7, 28). А на друго место рече: „Јас Сум што сведочам за Себе, и Отецот Кој Ме прати сведочи за Мене“ (Јн. 8, 18 – 19). Освен ова сведоштво, во сето Негово учење се гледа дека пројавуваше особини што ги има Бог, како што се: „ако некој е жеден нека дојде при Мене и нека пие“ (Јн. 7, 37), и „Јас Сум светлината на светот; којшто Ме следи нема да оди во темнина, но има светлина во животот“ (Јн. 8, 12).

Второ, се гледаат, во сиот овој разговор, реакциите на Јудејците за овие откровенски зборови на Христа. Постојано прашуваа реактивно. Понекогаш го оспоруваа тоа што Он го кажува, а понекогаш прашуваа иронично врз основа на законот Божји. Меѓутоа, толку многу реагираа, што се обидоа да Го удрат и да Го убијат. Го нарекоа демонизиран: „Нели добро велиме дека Си Ти Самарјанин и дека имаш демон“ (Јн. 8, 48). На почетокот сакаа да Го фатат, но никој не можеше да Го допре затоа што не беше дојден Неговиот час (Јн. 7, 30). Потоа, книжниците и фарисеите ги испратија служителите за да Го фатат, но тие не можеа да го направат тоа затоа што беа воодушевени од Неговите зборови (Јн. 7, 44 – 46). Но на крај земаа камења во своите раце за да Го каменуваат, затоа што мислеа дека хули со тоа што Себеси се смета истосуштен со Бога Отецот. „Тогаш зедоа камења за да ги фрлат на Него“. Но тогаш Христос, во крајната величина на нивната злоба, „се скри, и излезе од Храмот, минувајќи помеѓу нив, и така си замина“ (Јн. 8, 59). Тоа што од евангелистот се кажува дека се скри, не треба да се сфати дека прибегнал во некоја куќа или се сокрил во некој агол, туку со Својата Божествена власт се направи Себеси невидлив за тие што правеа заговор против Него (блажени Теофилакт).

Во ова резимирано прикажување на тоа што се случи за време на празникот Сеници се гледаат како Божеството на Христа, така и реакцијата на Јудејците кои не можеа да прифатат дека Он е очекуваниот Избавител на Израилот. Тоа ја покажува и нивната бесчувствителност. Освен тоа докажува и дека ако човекот не се очисти и не се подготви соодветно, не може да Го познае Христа и можно е да стане непријател Божји и во самото Негово откривање.

Митрополит Јеротеј Влахос
„Господовите празници“, СПЕ 2012
Превод: Отец Атанасиј Арсоски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz