Преподобна Параскева (Петка)

Оваа славна светителка се роди во градот Епиват, меѓу Силинаврија и Цариград. Родителите ѝ беа богати и благочестиви христијани, а освен Петка имаа и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонаши и подоцна стана угледен епископ Малитски. По смртта на родителите девицата Петка желна за подвижнички живот го напушти родителскиот дом и отиде најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што се подвизуваше до својата старост. Кој би можел да ги прикаже сите трудови и страдања и демонски искушенија што ги претрпе Света Петка во долгата низа години? На старост еднаш ѝ се јави ангел Божји и ѝ рече: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да ѝ го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господ.“ Света Петка го послуша небесниот глас, ја остави својата возљубена пустина и се врати во Епиват. Тука таа поживеа уште две години, повторно во непрестајна молитва и пост и потоа го предаде својот дух на Бога. Се упокои во 9 век.

Два века по нејзиното претставување пред Господа, Цариград и околината беа под владеење на папските крстоносци. Во 1238г. благочестивиот бугарски цар Јован Асен ги пренесе моштите во својата престолнина во Трново, каде беа свечено дочекани и положени во придворната црква. Од нив се точеа секакви исцеленија на оние кои со вера им пристапуваа. Кога турскиот султан Бајазит го зазеде Трново, моштите на св. Петка беа пренесени во Валахија; а кога Турците ја освоија и Валахија, моштите беа пренесени во Белград. Во 1521г. султан Сулејман II го освои Белград и ги пренесе моштите на св. Петка во Истанбул, во неговите палати. Моштите продолжија да точат исцеленија, и овој пат светителката се прославуваше не само меѓу христијаните, туку и меѓу муслиманите. Овие пак, боејќи се дека поради чудата на светителката може да биде загрозена муслиманската вера, ги предадоа нејзините мошти во Вселенската патријаршија.

Штом благочестивиот молдавски војвода Василиј Лупул узна дека моштите на преподобната се наоѓаат во патријаршиската црква во Истанбул, со голема вера и љубов Му се помоли на Господа тие да се пренесат во неговата православна држава. Оваа негова желба ја потпомогна Господ, Кој во срцето на Цариградскиот Патријарх Партениј благослови мисла за благонаклоност кон молдавскиот господар. Тогаш патријархот, во согласност со целиот свештен собор и другите пресвети патријарси, ги испрати чесните мошти на преподобната Парскева во престолниот град на војводата Василиј, Јаши. Таму, со големо торжество и огромна радост на цела Молдавија, моштите на св. Петка беа положени во црквата на светите Три светители на 27 октомври 1641 година, каде до ден денес се наоѓаат.

Оставете коментар

1 Comment on "Преподобна Параскева (Петка)"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] овој празник е познат како „летна света Петка“. 3) Преподобна Параскева Епиватска/Трновска/Српска: подвижничка од 11. век, нејзините мошти се наоѓаат во […]

wpDiscuz