Преображение Христово

Преображение

Преображението Христово на гората Тавор се случи непосредно пред Неговите страдања, односно, поконкретно, четириесет дена пред да пострада и пред да биде распнат. Впрочем, целта на Преображението беше да се утврдат учениците во верата дека Он е Синот Божји и да не се поколебаат од тоа што ќе го видат во тие денови. Во тропарите на Црквата се гледа оваа вистина. Во еден тропар пееме: „Пред Твојот Чесен крст и страдањето, земајќи ги од светите ученици оние за коишто процени, Си се искачил на Гората“.

Според тоа, правилно би било Преображението Христово да се празнува во месец март, аналогно со тоа кога се празнува Велигден секоја година. Но бидејќи тоа време совпаѓа со периодот на Четириесетницата и бидејќи не би можело да се празнува торжествено, затоа празникот бил пренесен на шести август. Овој датум не е случаен, бидејќи е четириесет дена пред празникот на Воздигањето на чесниот Крст (14 септември), којшто е како Велики Петок.

Настаните на празникот се запишани и од тројцата т.н. евангелисти синоптичари, затоа што Преображението претставува централен настан во животот Христов и содржи многу теолошки пораки (Мт. 17, 1 – 8; Мк. 9, 2 – 8; Лк. 9, 28 – 36).

+ + +

Зборот преображение означува менување на формата. Значи, во еден конкретен момент Христос го откри тоа што го криеше, ја објави славата на Божеството, со коешто беше соединета човечката природа од моментот на зачнувањето во утробата на Богородица.

Христос со Своето големо човекољубие го сокри тоа што го имаше отсекогаш, за да не „изгорат“ учениците поради својата неподготвеност, бидејќи сѐ уште се немаа подготвено. Христос во тој час се преобрази, но при тоа не прими нешто што не го имаше, ниту се претвори во нешто што не беше, туку на Своите ученици им го објави тоа што Он е. Всушност, кога зборуваме за преображение, мислиме на тоа дека ја покажа славата на Своето Божество, што го држеше невидливо во видливото тело, бидејќи луѓето не можеа да се соочат со тоа.

Свети Јован Златоуст ќе рече дека Христос не го покажа целокупното Божество, туку едно мало негово дејство. А тоа го направи, од една страна за да извести за тоа која е Божествената слава на Царството, а од друга страна од човекољубие, за да не го изгубат и својот живот гледајќи ја сета слава на Божеството. Затоа тајната на Преображението е и откровение на Царството, но и израз на љубовта и на човекољубието Божјо.

Во литургиските текстови се зборува дека Христос при Преображението ја обоготвори човечката природа што ја прими. Но тоа се вели со една одредена смисла и не значи дека само тогаш се обожи човечката природа. Според свети Јован Дамаскин, човечката природа се обожи од ипостасното соединување со Бога Логосот, што се случи од моментот на Неговото зачнување во утробата на Богородица, на денот на Благовештението. Тогаш Божеството ја обожи човечката природа, а човечката природа се обожи (свети Григориј Богослов). При Христовото Преображение, на учениците им се објави таа обожена човечка природа што беше примена од страна на Бога Логосот. Претходно беше непозната, а сега стана позната. Во таа смисла се зборува во некои тропари за обожување на човечката природа при Преображението.

Токму тој факт нè води кон гледиштето дека на Тавор немаме само преображение, откривање на Христа (бидејќи тогаш навистина покажа некои зраци од Своето Божество), туку и преображение на учениците. Учениците се удостоија да го видат обожувањето на Христовата човечка природа, токму затоа што самите тие се преобразија. Светите отци зборуваат за промна н учениците. „Се изменија и така го видоа изменувањето“ (свети Григориј Палама). Тоа значи дека постои промена, преображение на Христа, но тоа стана познато затоа што имаше и промена, преобразување на учениците.

Преобразувањето на учениците се случи во целото нивно психосоматско битие. Учениците не ја видоа Божествената светлина само со својот ум, кој е око на душата, туку и со самите телесни сетила, што претходно беа укрепени со несоздадената енергија Божја и се преобразија за да ја видат. Телесните очи се слепи за Божјата светлина, бидејќи очите на човекот се создадени и не можат да ја видат несоздадената Светлина. Затоа и беа преобразени од енергијата Божја и се удостоија да ја видат славата Божја (свети Григориј Палама).

Митрополит Јеротеј Влахос
„Господовите празници“, СПЕ 2012
Превод: Отец Атанасиј Арсоски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz