Празнично лудило или смирена светост?

DSC0797

Бидете бодри, стојте во верата, бидете мажествени, бидете крепки
1Кор. 16,13

Светиот апостол Павле им ги упатува овие зборови на верните во Коринт, град што се наоѓа околу 75 километри југозападно од Атина, Грција. Ова послание тој го напишал додека бил во Ефес, околу 55 година по раѓањето Христово. Неговата цел била да ги поучи дека сме создадени за заедница со Бога и ближните. Откако претходно му било кажано за некои проблеми и грижи (со кои се соочувала) заедницата, апостол Павле во своето послание им ги пренесува учењата на Црквата за заедницата, семејството и верата.

Овие охрабрувачки зборови на светиот апостол се подеднавко важни и за нас, коишто денес живееме во овој свет1. И нам ни треба поткрепа во верата; и нам ни треба потсетување за различните аспекти од заедничкото живеење; и нам ни треба поттик за исповедање и објавување на верата.

Рождеството на нашиот Господ и Спасител Исус Христос ќе го прославиме на седми јануари. Дотогаш, сета „забрзаност“ на сезоната на празници ќе биде позади нас. Не сум баш сигурен за каква „забрзаност“ се работи, кога според календарот на Црквата сме повикани на пост (и поусрдна молитва, зголемено милосрдие, намалување на овоземните активности со цел да го воздигнеме умот на црковно ниво, да се вежбаме во послушност кон Црквата преку намалување на храната, односно отстранување на месото и млекото од трпезата, учество во богослужбите и почесто исповедање и причестување итн.). Сепак, се чини како да забораваме на календарот на Црквата и го следиме световниот календар на празнична „забрзаност“ и трескавичен животен стил. Сето ова не може да биде поспротивно од учењата на нашата Света Црква.

Постои цело едно изобилие од искушенија и мамки кои што му пречат на нашето живеење според верата. И сите тие се убаво наиктени со зборови како „слобода на изразување“, „модерно живеење“, „современо размислување“, „индивидуални права“ итн.

Ве прашувам: Зарем не е Црквата Христова иста вчера, и денес, и утре? Зарем не е Црквата Христова нашата вистинска Мајка? Зар не сме сите чеда на Отецот Небесен? Зар не сме сите создадени според образот и подобието Христово, да живееме во заедница со Бога?

Да, и повторно да, на сите овие прашања. Тогаш, „бидете бодри, стојте во верата, бидете мажествени, бидете крепки“. Нашето време не се разликува од она на мачениците. Тие Го сведочеа Христа до смрт. Тие говореа со љубов и храброст за Него, од Кого требаше да се откажат. Му се поклонуваа Нему, место на лажните богови. Тие најдоа начин да љубат и тогаш, кога целиот свет беше полн со омраза. На крајот, тие го преобразија светот, или уште подобро, Христос го преобрази светот преку нивните зборови и дела.

Повикани сме да ја преобразиме оваа „сезона на празници“ во време на свети денови. Потребно е бдеење, бодрост, храброст и сила вера да се стори ова.

Бидете извршители на словото, а не само слушатели, мамејќи се сами себе.“ (Јаков 1, 22)

Протоереј Брацо Крстиќ


1 Во изворниот текст стои Америка, но опишаната проблематика подеднакво важи за сите православни христијани во светот.

Оставете коментар

1 Comment on "Празнично лудило или смирена светост?"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Празнично лудило или смирена светост? […]

wpDiscuz