Православна митологија

1. Бог е мртов. Да живее нашиот бог. Откако претечата на постмодернизмот ја објави горката вест за Неговата смрт, Каин го доби алибито по кое од почетокот на драмата трагаше. Авел пак, не можеше да го искористи правото на апелација пред богот по чиешто ветување беше жив, а кој сега, ете, е објавен за мртов. И така, првомаченикот неутешно плачеше, а Адам и Ева мораа да одат на психотерапевт (еден Евреин кој живееше во Њујорк), кој пак ги убедуваше дека тоа што (тие мислеле дека) им се случило во Градината било проекција на несфатеното супер-его и потиснатиот ид.

2. Бог е идеја. Идеологија. Систем. Денешната теологија е слична на една добро развиена кујна. Теолозите, барем некои од нив, се врвни мајстори во кујната, и теологизираат (готват) според добро разработени рецепти. Малку христологија, малку пневматологија со еклисиологија, додади две лажички мешавина од сотириологија и ставрологија, прстофат кападокиски отци плус максим исповедник, и три капки органски старци, по можност светогорски. Во случај готвачот, пардон, теологот да е и гастроном, ќе препорача и добро философско, па дури и психолошко четиво во фуснотите. А главната состојка, или зачин, е бог. Тоа е квинтесенцијата што врзува сè. Инаку сѐ би било блуткаво. Дегустатор на овој оброк, претпоставувате, се гладните и жедни читатели и слушатели кои не знаат да препознаат што е вино, а што вода (немало кој да ги научи, нели). Но, она што добро го знаат, е фотографиите од оброците што им ги нудат да ги споделуваат на инстаграм, да се чекираат на фејсбук и да се прават досетливи на твитер.

Vito Acconci
Vito Acconci

3. Бог е богче, едно замислено пријателче Лоди на малиот Ханс. Како конструкт на болното човеково умосрце, денешната копија на она што некогаш беше бог, односно Оној Кој некогаш беше (и сè уште е!) Бог, e траги-комично божуле во чиешто верување оние, со IQ повисок од собна температура одбиваат да веруваат. Секако, од хистеричната садистичка маса тие се предвреме осудени на оган и казани, нешто што ѝ доликува на нивната невроза што тие ја нарекуваат вера, за подоцна да се вратат на своите тантруми, фетиши и рутали. И ова божуле, преку неговите фанатични следбеници на таа православна митологија, го има преполнето пеколот со толку многу жители, што би биле потребни сите градежни работници од православните (се накашлувам) земји три века да работат, за во таа географија на пеколот да изградат живеалишта барем за половина од осудениците. Е сега како би се вратиле овие работници од пеколот, и дали би биле помилувани, тоа не знам. Може со благослов, нели? Знам само дека во Небесниот Ерусалим ќе има проблем со промајата, зашто истиот ќе биде доста празен, барем според сведоштвата на многумина мои побожни пријатели.

4. Бог е мртов, а смртта не постои. Бог е мртов, и смртта е бог. Тоа е тајната над тајните од која денес сите црпат навидум живот бесмртен. Тоа е тајната која на сите им шепоти дека Црквата е една Атлантида чие хипотетичко постоење треба да се препушти на заборавот. А тоа е и темелот врз кој се гради тој brave new world, во чијашто изградба има удел секој еден од жена роден: и верник, и неверник; и на Западот, и на Истокот. И сето тоа, повторно, како нова Вавилонска кула, како пројава на бунт дури и против овој човекотворен бог, против таа неизбежна смрт. Тука лежи и клучот на сè претходно начкртано.

псевдо-Милан

Оставете коментар

1 Comment on "Православна митологија"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted
wpDiscuz