Православна Македонија: Свети Ахил Лариски

Остров Свети Ахил, Мало Преспанско Езеро

Во денешниот Пролог читаме:

Свети Ахил, епископ Лариски. Овој голем јерарх и чудотворец беше роден во Кападокија. Учествуваше на Првиот вселенски собор, на којшто ги посрами еретиците како со својата ученост така и со светоста, предизвикувајќи голем восхит. Зеде Свети Ахил еден камен и им викна на аријанците: „Ако Христос е создание Божјо, како што велите вие, речете од овој камен да потече елеј?“ Еретиците молчеа и се чудеа на таквата покана од светителот. Тогаш Свети Ахил повторно рече: „А ако Синот Божји е рамен на Отецот, како што веруваме ние, нека потече елеј од овој камен!“. И навистина, на општо восхитување, потече елеј. Свети Ахил се упокои мирно во Лариса во 330 година. Кога македонскиот цар Самоил ја освои Тесалија, ги пренесе моштите на Свети Ахил во Преспа, на островот во езерото којшто се нарече, а и денес се вика Свети Ахил.

Личноста на светиот Ахил е поврзана со верниот народ во Македонија: географски, историски, но над сè, духовно. Православните христијани од овие простори отсекогаш имале особена почит и молитвена заедница со свети Ахил, за што сведочи и присуството на неговиот лик во фрескописот повеќе цркви. Така на пример, тој има значајно место во црквата св. Ѓорѓи во Курбиново, во костурската црква „Св. Бесребреници Козма и Дамјан“, во црквата „Св. Никола“ – с. Манастир во Мариово, во црквата „Св. Никола“ во Псача, во црквата на св. Георгиј Победоносец во Старо Нагоричане, во „Св. Никола Болнички“, во црквата на манастирот на св. Наум и други цркви во Охрид како и на други места во Македонија. Во реканското село Требиште има и црква посветена токму на овој велик отец од Првиот вселенски собор.

Ова предание е живо и денес. Црковниот хор во Ресен за свој заштитник го има избрано токму светиот Ахил Лариски и Преспански, чие име и го носи. По повод денешниот празник на св. Ахил, закажан е духовен концерт во ресенската соборна црква на светите Кирил и Методиј, со почеток од 19 часот. Доколку сте во близина, се надеваме дека ќе ја искористите оваа можност да присуствувате на вечерниот концерт.

Свети оче Ахиле, моли Го Бога за нас!

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz