Генетика или ген-Етика

Во најгротескните претстави и ментални слики за “мрачното” средновековие на западната цивилизација, секако, централно место заземаат ликовите на алхемичарите и демонопоклоните жреци на едно огромно шаренило од опскурни, псевдо-научни култови. Но овие “интелектуалци”-самотници од темната страна на науката и религијата не се само дел од минатото. Тие не исчезнаа во тајните лавиринти на духовното подземје и не се јагленосаа во лабораториите на расчовечената и разбожената свест. Тие се денес темел и протокол, па дури би рекле и наивна праисторија на интитуционализираното човекоборство и богоборство кое не експериментира со “каменот на мудроста” туку со душата и телото на човекот.

Трговија со витални органи, трансплантација на животински органи во човечко тело, пресадување човечки генетски материјал во животни кои се одгледуваат за храна, дизајнирање на вирусни мутации со кои ќе се регулира прирастот на населението во светот, употреба на човечки фетуси во козметичката индустрија, безброј неуспешни експерименти на клонирање дури и на човек (ако поимот “успешно” воопшто можеме да го ставиме во корелација со поимот “клонирање”)… И ова е повторно само едно површно набројување на чинителите на моралната наказност која го карактеризира нашево време, или поточно моралната наказност која нé карактеризира нас – луѓето кои живееме во ова време. Во каков Доктор Фауст се изродивме кога духовната просвета и здравата наука ја ставаме на Прокрустовата постела на ваквите “надчовечки” достигнувања? Некој ќе рече дека генетичарите кои експериментираат со клонирање си играат Господ. Но тоа не е точно. Тие не создаваат нов живот. Тие манипулираат, го извитоперуваат тој најголем од Бога даден дар – животот. Ако таа соматска клетка, врз која се врши насилие, не е жива, тогаш никој не би можел од неа да воскресне човек. Затоа клонирањето е, засега, човечко насилие нон плус ултра.

Британскиот психијатар Роналд Дејвид Леинг (Ronald D. Laing) во своето дело “The facts of life” вели: “Ми се чини веродостојно, во најмала рака, дека севкупното искуство на нашиот животен циклус потекнува од една единствена клетка од која сме апсорбирани и во која сме вскладиштени од почетокот, можеби особено во почетокот. Како може тоа да се случи – не знам. Како една клетка може да генерира милиони милиони клетки кои сум сега јас? Ние сме невозможност, освен што стои фактот дека сме (дека постоиме)”. Севкупната наша гносеолошка идентификација Леинг ја поврзува со генетскиот тестамент кој го добиваме на самиот почеток од нашето постоење – во периодот од зачнувањето до раѓањето. Врз база на ова тој ја поставува тезата за постоење на преднатална свест и преднатално искуство кои се клучни за развојот на архетипската свест, а оттаму и за развојот на логичкото и аксеолошкото мислење. Во понатамошниот тек на својата медитација над сопствениот живот Леинг, со цел да ја поткрепи својата теза, укажува на тоа дека митологијата (јас би додал – есхатологијата) може да биде клуч за нашето ембрионално искуство. Во манирот на неговите анализи би можеле да поставиме ваква паралела, или поточно аналогија помеѓу процесот на оплодување и развој на “едната клетка во која сме вскладиштени (сублимирани) од почетокот” и библиската историја за детството на Мојсеј.

  1. Во бурната предисторија на оплодувањето само еден сперматозоид ја оплодува јајцеклетката / Раѓањето на Мојсеј и стравот дека ќе биде убиен како и сите машки Еврејски деца во Египет. Сепак тој е единствениот кој се спасува.
  2. Оплодената јајцеклетка се изолира за да го заштити оплоденото јадро / Мојсеј е ставен во ковчеже од сита облеано со смола.
  3. Јајцеклетката го започнува својот пат низ јајцеводот за да биде примане од матката / Ковчежето плови по неизвесноста на реката Нил до местото каде што ќе биде најден од Египетската принцеза.
  4. Јајцеклeтката доаѓа во матката, таа ја прифаќа и од клетката се образува ембрион / Египетската принцеза го зема ковчежето, го отвара и го прифаќа детето како свое.
  5. Развиениот ембрион е спремен да се роди / Возрасниот Мојсеј е подготвен да ја изврши Божјата мисија.

Оваа дигресија ја направив со цел да поставам нова, аналогија мултиплекс со која би го илустрирал она што се случува во процесот на клонирање човек и последиците од него. Се разбира заради вербална економија процесот ќе биде многу поедноставен.

  1. Се зема јајце клетка од која се вади јадрото и се вметнува јадро од соматска клетка на организмот кого го клонираме кое треба да имитира оплодено јадро (има ист број хромозомски парови како клетка во митоза) / Мојсеевото ковчеже се распечатува, малиот Мојсеј се исфрла и на негово место се става негова имитација.
  2. Јајцеклетката носител треба да го прифати модулираното јадро, а веројатноста за тоа е мошне мала (прва критична точка) / Лажниот Мојсеј треба да преживее во распечатеното ковчеже кое плови по Нил.
  3. Јајцеводот треба да ја пропушти клонираната клетка до матката (втора критична точка) / Реката Нил треба да го однесе ковчежето до истото место каде што по веројатност престојува Египетската принцеза.
  4. Матката треба да ја прифати и храни клонираната клетка со течноста која ембриолозите ја нарекуваат “маткино млеко” (трета критична точка) / Принцезата треба да го прифати и одгледа лажниот Мојсеј.

Овој агресивен потфат (во кој треба да се поминат трите критични фази) подразбира уништување на огромен број клетки (огромен број носители на “севкупното искуство на животот”) со посредство на човековата волја. Кај приврзаниците на генетската алхемија често се среќаваат два контрааргумента на критиките упатени од поголемиот дел научници (и од природните и од хуманитарните науки) и од теолозите. Првиот е дека во секојдневниот живот, заради незначителни физички повреди или физиолошки процеси, во човекот умираат многу повеќе клетки одошто при нивните експерименти. Вториот контрааргумент, пак, е дека и во самиот организам природно се одигрува процесот на клонирање при секое регенерирање на ткивото (зацелување на рани и слично). Одговорот и на двете тврдења е дека, како и во секој криминал, пресудна е волјата, а не самиот чин.

Сепак да претпоставиме дека таквата волја е сообразна со волјата на една жена да се подвргне на ваков фрустрирачки третман на вештачко оплодување. Такви лабораториски заморчиња за жал секогаш ќе можат да се најдат (доброволно или присилно). Но какво суштество ќе се роди во агонијата на сулудата псевдо-научна љубопитност или гордост и која е нашата морална одговорност кон него? Ќе можеме ли да го живееме блаженото игнорирање на оние што не си заминуваат од Омелас, според параболата на Урсула Легвин? Со какво преднатално сеќавање ќе живее тој новороден човек? Каков запис ќе остави неговиот почеток во генетското предание на неговите потомци, нашите потомци? Кој Мојсеј ќе го избави народот Божји од ропството на гревот и од гревот на ропството? Која цел ќе ги оправда средствата употребени во клонирањето, ако хипотетички прифатиме дека целта е возвишена? Наспроти демагогијата на наследниците на Макјавели и Лајола секогаш стои моралната максима на св. Иринеј Лионски: Доброто не е добро, ако не е направено на добар начин!

Митрополит Методиј Златанов
„Вавилон и Ерусалим“

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz