Православие и спорт

Во црвено-жолтата атмосфера која деновиве преовладува во Македонија, поради успехот на нашата кошаркарска репрезентација на Европското првенство во кошарка, пренесуваме дел од интервјуто со Драгутин Топиќ, еден од најпознатите и најуспешни атлетичари на Балканот во кое тој прави паралела помеѓу спортот и Православието. На нашите спортисти им посакуваме да продолжат со успешните натпревари, знаејќи дека секоја победа, пред сè, е во слава на Бога.

Олимпијада

Во Црквата, една од најважните нешта е послушанието. Колку послушанието им помага на спортистите? Како го одбираш тренерот, и дали си му послушен?

Мислам дека послушанието е многу важно. Пред сè, важна е довербата. Имам среќа со својот тренер да работам веќе 20 години, и да сме си взаемно послушни. Без приговор го правам сето она што тој ми го задава како тренинг, затоа што знам дека тоа е тоа, дека така треба. Никогаш не сум се сомневал во неговиот начин на работа, и резултатите се видливи: веќе 20 години сум на врвот на светската атлетика. Имав среќа, затоа што мојот тренер котира како еден од најдобрите за оваа спортска дисциплина. Од мене тој направи врвен спортист, а јас од него – врвен тренер. Едноставно, тој имаше доверба во мене, и јас во него. И таа формула функционира: послушанието и верата во она што го правиш е основа на сè. Доколку не веруваш во својот тренер и во Господа, сигурно нема да имаш успех.

Каков е односот меѓу верата и спортот? Дали добриот спортист е истовремено и добар верник?

Верата во мене се јави некаде во доцната адолесценција. Започнав да одам во Црква, а при тоа не знаев што да правам таму. Палев свеќи, се молев, но не ги знаев молитвените правила, никој ме немаше научено на тоа. Моите родители не се верници, и мислам дека беше Божја волја и промисла тоа што Бог ме упати во Црквата. Во последниве десет години таа вера се засили, и започнав редовно да учествувам во Литургијата. Како спортист, во минатото се молев на Бога за добри резултати, но подоцна сфатив дека тоа нема никаква врска: тоа што ќе се случи е Божја волја, и Бог знае што е најдобро за нас, дали е тоа првото или дваесет и првото место. Така, започнав да мислам дека што и да се случи, ќе биде добро за мене и тоа кога-тогаш ќе се покаже. Во мојот личен живот согледав дека чудата се дефинитивно можни, и се случуваат. Се случуваше, на пример, да постигнам успех – кога за такво нешто не бев физички подготвен, и да постигнам добри резултати кога не се надевав на нив. Бог секој ден ми се открива сè повеќе и повеќе, и ги наградува добрите дела. Се трудам да живеам според христијанските правила во овој живот, и гледам дека тоа е возможно; се надевам дека Бог ќе ме прими во животот кој доаѓа.

Дали една успешна спортска кариера е во спротивност со духовните вредности? Каков е твојот однос кон искушенијата?

Постојано наидуваш на искушенија, но Бог ни дал разум да размислуваме и одлучуваме за нив. Понекогаш најмногу би сакал Господ да одлучува наместо мене, но понекогаш мораш и сам да одлучиш. Човекот мора да си ја чува душата. Многу сум грешел, а грешам и денес, но повеќе несвесно отколку свесно. Човекот мора да се бори за да си ја сочува душата. Доколку се запознаеш со православниот начин на живеење, ако знаеш како треба да живееш и што треба да правиш, тогаш е многу полесно. Многу научив од пријателите, од духовникот, свештениците, од книгите кои ги читав, и сфатив дека она што денес младите луѓе не го поимаат како грев, всушност, е многу голем грев. Во спортот е присутен мамонот на парите, и многу е тешко да му се спротивставиш, затоа што парите ти овозможуваат подобар и полагоден живот, што сам по себе неминовно ги вклучува и страстите. Ми се случуваше да потпаднам под таквите влијанија, но се извлеков од тоа, затоа што знам каде е светлината и Кој е вистинскиот Пат. Има многу спортисти кои се движат по линијата на помал отпор, но има и светли примери меѓу нашите спортисти кои живеат православно. Мислам дека неупатеноста на луѓето е проблем кај нас, затоа што луѓето не знаат многу за верата. Мислам дека Црквата би требала да се вклучи во спортот, да има свое место во спортот. Би требало да има духовници за спортистите и естрадните уметници, затоа што можам да видам по себе, а и по луѓето во моето опкружување дека луѓето се менуваат, и ги сфаќаат нештата. Црквата треба да се вклучи во спортот, затоа што на тој начин спортистите ќе се вратат во заедницата од која потекнуваат и во која живеат. Спортистите се вистинските претставници на верата во светот, и успешните спортисти можат да го шират Православието ширум светот. Луѓето од светот и новинарите со кои таму разговарам ме гледаат како некој кој го прави тоа што го прави за Бога, а не за некоја лична корист. Во Грција сум исклучително популарен токму поради верата, затоа што пред секој скок се прекрстувам и го целивам Крстот. Во Грција постојат духовници кои се вклучени во спортот, кои патуваат со спортистите на големите натпревари. На Олимписките игри патува и свештеник, кој ги исповеда и причестува спортистите, затоа што без духовна, нема ни физичка сила.

Што би им порачал на младите?

Бог секого повикува посебно. Верата се открива секому, во онаа мера во која Господ Бог тоа го дозволува. Тоа што е до нив, треба да го направат. Да започнат да учествуваат на Литургијата во недела, иако на почетокот можеби не ни знаат зошто го прават тоа. Но полека, на еден начин, тоа ќе им се открие. Проблемот кај нас е во тоа што младите се заблудени со некои нешта кои немаат врска во вистинскиот живот. Тоа е линијата на помал отпор. Ѓаволот не спие, и ни го нуди сето она што ни е на дофат на раката. На нас останува да бидеме силни и да го препознаеме тоа. Колку порано го сфатиме ова, толку подобро. Мене лично ми требаше многу време да надминам некои мои стравови, кризи во животот, да ги победам демоните во мене со Божја помош, и секојдневно да просам помош од Бога, затоа што без Негова помош сум никој и ништо. Сега сум млад, силен и успешен спортист, но ќе остарам и ќе бидам грд и немоќен, а душата ќе ми остане. Се надевам дека душата ќе ми оди горе, а не долу. Тоа е некако – главната порака. Работете на себеси. Работете на очистувањето на душата.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz