Православие и празноверие

Во битието на човекот, уште од неговото зачнување, е всаден стремежот кон возвишеното, кон она што е надвор од границите од рационалното спознание. Потрагата по изворот на животот, но и по невидливите причинители за она што ни се случува, нè следи во текот на целиот живот. Историјата докажува дека од почеток, па сè до денес таа потрага не престанува. Но, степенот на спознание не е ист кај сите луѓе. Сепак, во однос на ова прашање можеме да разликуваме две категории на луѓе: православни и празноверни. Се разбира, од овие категории можеби произлегуваат и други подгрупи со различни нијанси, но основната и суштинска поделба е таа.

Во моментот кога родоначалникот Адам, преку непослушанието, Го отфрли Бога, влезе во состојба на помрачен ум. Стремежот кон натприродното, несфатливото и кон изворот на животот не го загубил, но без просветлен ум не може да го најде вистинскиот пат. Затоа во текот на старозаветната историја имаме континуирани Божји откровенија, а со вочовечувањето на Синот Божји нам Бог ни го даде целото откровение што ни е неопходно за да го најдеме вистинскиот пат до Него. „Народот, што седеше во темнина, виде голема светлина и на оние што седеа во пределот на смртна сенка им изгреа светлина“ (Мат. 4, 16). Христос ни ја покажа, и секојдневно непрестајно ни ја покажува светлината за да не залутаме по други, споредни и слепи патчиња. Или уште попрецизно да се изразам: Самиот Христос е Светлината!

Меѓутоа, една од главните карактеристики што ја има човекот е слободата на избор. Така, секој човек има право да одбере дали ќе оди во светлина или во темнина или, пак, во магла. Во секој случај, очигледно е и неизбежно ако го отфрлиме Божјото откровение, тогаш влегуваме во маглата на празноверието или суеверието. Ако таа магла не ја изгониме благовремено, тогаш полека и сигурно ќе нè одведе во потполна темнина и пропаст.

Така, живеејќи во состојба на помрачен ум, честопати на луѓето мислата за Бога им изгледа апстрактна, нереална и смешна, а истовремено им изгледа реално да се врзуваат за безброј бесмислени суеверија. Кога човекот доброволно ќе се оттргне од Создателот, тогаш почнува да му служи на созданието. Во категоријата „создадено“ не спаѓаат само Божјите созданија како такви, туку и сите оние предмети, состојби и ситуации коишто ги произведува човекот. Гледаме како не мал број луѓе се буквално робови на својата врзаност за нив, а таквото врзување и робување се нарекува суеверие. Зборот „суеверие“ значи празноверие, односно поседување празна, залудна вера којашто нема никаква смисла и цел.

Списокот на примери би бил толку голем, така што не би можел да се смести не само во овој текст, туку ниту во една библиотека. Тоа е така, затоа што секогаш од едно суеверие произлегуваат уште неколку други. Буквално од сè и сешто се прави суеверие. На пример, среќни и несреќни броеви или денови, парен и непарен број цвеќиња, црна мачка, гледање на кафе, амајлии, потковици, места итн. Па дури и личности во одредени ситуации се ставаат во контекст на суеверие. Ако, на пример, во присуство на извесна личност се случуваат позитивни работи, тогаш суеверните луѓе велат: „ти ми носиш среќа“. Истото важи и за предметите, коишто суеверно се поврзуваат со некои ситуации и состојби.

Во што е суштинската разлика помеѓу Православието и празноверието, и зошто многумина го одбираат второво? Прво, Православието ја има верата во Живиот Бог, несоздаден Создател и наш Татко и Седржител на светот. А во празноверието имаме своевидно идолопоклонство со безброј различни богови на кои им робуваме. Секоја суеверна иновација претставува „оживување“ на некој нов бог, којшто ни станува немилосрден господар. Второ, основното и главно што го нуди Православието е исцелението на човекот. Огревовеноста на човечката природа претставува болест, бидејќи се работи за дисфункција на човековото битие. Гревот и страстите претставуваат болести, затоа што водат во духовна смрт преку оддалечувањето од изворот на животот, односно од Бога. За да се врати човекот на првобитната состојба, и од таа точка да продолжи да расте кон обожувањето, неопходно е најнапред да помине низ процесот на очистување на срцето од страстите. Меѓутоа, тоа бара вложување труд, којшто помогнат од Божјата благодат ќе доведе до просветлување на умот. Процесот на очистување на срцето може да биде подолг или пократок, но во секој случај е макотрпен и бара време, при што се потребни одрекувања, воздржание и борба со „ пролевање крв, за да се прими Дух“. Во таа смисла се Христовите зборови упатени до нас: „Ако те соблазнува десното око, извади го од себе; затоа што подобро ти е да погине еден дел од твоето тело, отколку целото да биде фрлено во пеколот“ (Мат. 5, 29). „Десно око“ е всушност страста која толку многу нè поробила, така што дури ја чувствуваме и како дел од себеси, како наш орган, и тоа со почесно место (десната страна означува чест). Е, сега, колку ли само волја и труд се потребни за да се отфрли таа страст којашто толку многу сраснала со нас…?! Целото Православно предание претставува терапевтски метод, со цел исцелени од страстите да растеме кон и во обожувањето. Оние коишто се поискусни на тој пат, и коишто успеале да го поминат процесот на очистување стануваат духовни раководители на оние кои слободно и доброволно тргнуваат по истиот пат. Спротивно на ова, пак, во празноверието човекот наидува на инстант решенија за своите проблеми со кои се соочува секојдневно.

Празноверието всушност ги легализира и утврдува страстите, затоа што со своите „решенија“ дејствува само како аналгетик за последиците од огревовениот начин на живот, но во никој случај не се обидува да ги лечи. Се разбира, тоа не се реални решенија, но човекот којшто не сака да се бори и оди на линија на помал отпор се задоволува и се лаже себеси мислејќи дека со некој суеверен рецепт ќе си го реши моменталниот проблем. Поради тоа што тука не се бара труд и борба со себеси преку воздржание и разновидни неопходни откажувања, на паднатиот човек му е многу попривлечен ваквиот начин на решавање проблеми. Како еден вид „духовни раководители“ тука се појавуваат таканаречените бајачи, коишто ја користат помраченоста на умот на луѓето за свои лични интереси и цели. Тие празноверни раководители на неверојатни начини се обидуваат, и за жал често успеваат, да ги измамуваат луѓето нудејќи им „излез“ од нивните нерешливи проблеми. Така, за еден проблем тие препорачуваат извесни постапки после кои би требало да следи ослободувањето од маката, проблемот, дилемата. Но, наместо ослободување, преку тоа човекот добива уште поголем немир, затоа што влегувајќи во просторот на празноверието всушност влегува во темниот простор на сатаната. А плодовите на сатанското дејство се немирот, депресијата, очајот итн.

Меѓутоа, за жал, празноверието успева понекогаш да се протне и помеѓу христијаните. Црквата е духовна болница во која сите се лечиме за да станеме вистински личности во заедница со Бога. Но, пројавите на острастеното и неочистено срце никако не смеат да се прогласуваат за нормални, така што би си зазеле свое место и во просторот на Црквата. Суеверијата во однос на Бога и на духовниот живот произлегуваат од немањето слобода. А слободата ја нема таму кадешто ги нема љубовта и вистината. Патот за стекнување на слободата е едноставен и се состои во следниве Христови зборови: „Ако вие останете во Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици, и ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8, 31). Следствено, отклонувањето од животот според Христовото слово води во лажна и празна вера, со која се губи слободата и се влегува во ропство.

Затоа треба да бидеме многу внимателни и да не дозволиме легализирање на суеверни пројави во црковното живеење. Во тоа многу ќе ни помогне доколку бидеме сконцентрирани на суштината, а не само на формата, при тоа знаејќи дека Бог гледа на срцето. Тогаш ќе разбереме дека во храмот влегуваме со слободата што ја имаат синовите пред таткото, а не како да одиме кај некој господар. Исто така и кога сме на богослужение, на Литургија или на останатите Свети Тајни: Крштевање, Венчавање, Опело итн., треба да го насочиме нашето внимание кон читањето на молитвите и свештенодејствијата кои ја сочинуваат суштината на Светата Тајна. Значи, да не ни помислуваме дека од клучно значење е дали и колку свеќи ќе бидат запалени, кој каде и како застанал итн. Како што од суеверијата надвор од Црквата се раѓаат уште по неколку други, истото се случува и тука. Особено внимание треба да обрнуваат свештениците кога ќе бидат прашани „дали ова бидува вака или онака, дали ако сме имале годинава погреб можеме да правиме свадба или крштевка, што да правиме со свеќите од слава, венчавка, погреб и сл.“, и ред други такви слични суеверни дилеми, коишто сега не можат ни да се набројат сите. Причина за таквиот суеверен пристап е и постоењето на страв. Таму кадешто се има погрешна претстава за Бога, што всушност произлегува од отсуството на општење со Бога, постои патолошки страв од Бога. Но, уште побесмислено е кога во таа помраченост тие луѓе влегуваат во уште поголема заблуда, сметајќи дека со некои свои постапки можат да „Го задоволат и смират“ Бога, по што Он ќе им ги исполни нивните барања или, пак, нема да ги „казни“. Всушност, во ваквиот вид на однесување Бог се третира како човек со нешто поголема моќ од останатите.

Во животот на христијаните не треба да има простор за страв, од кој неизбежно произлегува врзувањето за разновидните суеверија. Нема страв, затоа што нашата цел е стекнување на несебична и нелицемерна љубов кон Бога и кон сите луѓе. А љубовта го изгонува стравот и носи слобода. Слободата и љубовта секогаш одат заедно, и тука веќе нема никаков простор за страв. Живеејќи на тој начин во Црквата, ние ќе можеме многу лесно да го препознаваме празноверието кое и на најсуптилен начин се труди да влезе и да нè зарази. Завршната порака му ја препуштам на светиот апостол Јован Богослов: „Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку проверувајте ги духовите дали се од Бога, бидејќи многу лажни пророци се јавија во светот…Да се љубиме еден со друг, затоа што љубовта е од Бога, и секој кој љуби е роден од Бога и Го познава Бога“ (1.Јн. 4, 1 и 7).

Отец Атанасиј Арсоски
Православен Пат бр.31

Оставете коментар

1 Comment on "Православие и празноверие"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Ovoj komentar, navistina dopira do mene. Bidejki seuste neamam duhovnik a imam dosta prasanja, dali moze Otec Atanasij Arsoski da me posvoetuva okolu toa.

wpDiscuz