Совет за една поранешна окултистка

Св. Никита, детаљ

М. заедно со нејзините најблиски другарки, определено време се занимавала со окултизам, и како резултат на тоа била демоноопседната. Потоа се покрстила во Православната Црква, над неа бил извршен егзорцизам, по што се почувствувала многу подобро. Сепак, нејзините пријатели продолжиле со практикување на окултизмот.

Драга М!

Поминувајќи низ трагичното искуство на амбисот, треба постојано да Му благодариш на Бога што си жива. Сега требаш да внимаваш на тоа како го живееш својот живот. Не би требало да ги прекинеш односите со твоите пријатели на едно човечко ниво. Немој да ги презираш, туку гледај на нив како на духовно болни. Не смееш да го имаш истиот, претходен однос со нив. Треба да се водиш од Божјите зборови: „Какво согласие може да има меѓу Христа и Велијара? Или, што општо има меѓу верник и неверник?“ (2 Кор. 6,15). Паднатите духови кои ги заробиле [твоите пријатели] се поискусни од тебе.

… Тие ја вршат нивната работа, уништуваат луѓе со неспоредливо поголем успех од најзлонамерните луѓе. Човечката расипаност е мешавина на доброто и злото во него; расипаноста на паднатите духови пак, се состои во нивната полнота на злото, целосното отсуство на доброто. Моќите на паднатите духови се посилни од моќите на паднатите луѓе, чии намери се ограничени од тежината и телесноста од нивната плот. Демоните слободно и брзо летаат низ вселената, и слободно прават нешта кои се невозможни за луѓето (спореди со Јов 1,7). Луѓето мора да се задоволат со било што во нивното искуство во злото со кое се стекнале во нивниот краток век; нивните зли намери природно се замираат во часот кога го напуштаат овоземниот живот, и се повикани пред Божјиот суд и вечноста. Од друга страна, демоните се оставени да престојуваат на земјата од времето на нивниот конечен пад (1 Мојс. 3,14) до крајот на вековите. Секој може да претпостави со какво искуство се стекнале во творењето зло за сето тоа време, со нивните моќи и постојана злонамерност, која не ослабува пред ниту една добронамерност. – Св. Игнатиј Брјанчанинов

Нивното лукавство е многу суптилно; може да те доведе до тоа повторно да им служиш, и тогаш нема да бидеш способна да се ослободиш од нивните остри и жилави канџи. Треба да влезеш во спасителното искуство на Црквата како нејзин полнокрвен духовен член. Биди подготвена да се соочиш со фактот дека твојата окултистичка пракса има оставено болна лузна на твојата душа. Исто како што една сериозна, фатална болест го ослабнува организмот и го прави ранлив за нови болести, така и практикувањето на окултизмот, магијата, натприродните искуства, канализирањето и другите форми на волшепство (овој древен збор опфаќа најразлични форми на свесно заедничарење со демонските сили) го уништуваат внатрешниот поредок на душата. Душевните сили се исцрпени. Затоа, таквата личност е често напаѓана од депресија, која предизвикува малодушност и сомничавост за своето спасение. За време на тие моменти, човекот започнува да мисли дека Бог не му простил. Не смееш да ги прифатиш тие помисли ниту за момент, затоа што се опасни и можат да ја претворат депресијата во вообичаена состојба за тебе. За да се бориш со ваквите помисли, мора да ја засилиш својата вера во Божјата безгранична милост, спомнувајќи си дека Господ им проштева на сите оние кои искрено се каат и се решаваат на промена.

Во нашево огревовено време, многумина си играат со огнот геенски. Луѓето кои ги посетуваат јасновидците не се свесни за опасноста. Понекогаш слушам дури и дека некој бајач или гатач ги испраќа луѓето во црква. А Црквата никогаш не ги прифаќа бајачите како свои мисионери. Еден разбојник кој смртно го ранува човекот, а потоа го испраќа на доктор не може да биде добротвор. Нашиот Господ Исус Христос категорично им забранил на демоните да говорат за Него: »Имаше во синагогата нивна човек со нечист дух, и звика, говорејќи: “О, што имаш Ти со нас, Исусе Назарејче! Си дошол ли да нè погубиш? Те знам Кој си Ти, светец Божји!” Но Исус му забрани, велејќи: “Молкни и излези од него!”« (Мк 1,23-25). Светиот апостол Павле не ѝ дозволил на вражарката да го „сведочи“ пред неговите сопатници. »Таа одеше по Павле и по нас, викајќи: “Овие луѓе се слуги на Севишниот Бог, кои ни го навестуваат патот на спасението.” Тоа го правеше со денови. А кога му здодеа на Павле, се заврти и му рече на духот: “Ти заповедам, во името на Исус Христос, да излезеш од неа!” И излезе во истиот час.«(Дап. 16, 17-18). Еден човек треба да влезе во Црквата на Божјиот повик: „ Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене.“ (Откр. 3,20).

Можеш да им помогнеш на твоите пријатели преку плодовите на твојот духовен живот. Исто така, обиди се да им подариш книги, како би можеле да читаат за светители како Серафим Саровски, Оптинските старци, Јован Кронштадтски, Алексеј Мечев и др. Можеби по дознавањето за живото и благодатно искуство на Православието, ќе сакаат да се ослободат од ропството кое завршува со вечна темнина. „Човекот не може да го избегне или ропството или борбата. Побожната борба не е ништо друго, туку активно прифаќање на спасението како пројава на нашата волја, искажана и докажана низ самото искуство и живот“. – св. Игнатиј Брјанчанинов.

Јеромонах Јов (Гумеров)

Оставете коментар

1 Comment on "Совет за една поранешна окултистка"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Kakoв текст… какво совршенство. да бидеме ревносни во добивање на царството божјо а не на световното гнило и минливо

wpDiscuz