Прашањето на сексуалноста и интернет-порнографијата

Порнографија

Единствено религијата сè уште му пристапува на прашањето за сексуалноста сериозно, во смисол дека соодветно ја признава моќта на сексуалната енергија да нè одврати од важните работи. Единствено религијата го гледа сексот како нешто потенцијално опасно, нешто на што треба да се внимава. Можеби не ни се допаѓа она што религијата ни го посочува како правилен однос кон сексот, или пак, не сме задоволни со начинот на кој религијата го цензурира сексот, но со сигурност, после десетици, ако не и стотици и илјадници часови поминати на порнографски сајтови, ќе признаеме дека религијата е во право по ова прашање: сексот и порнографијата може мошне лесно да ги заробат нашите умствени капацитети.

– – –

Секој оној кој, општо земено, ја искусил моќта на сексот, или поконкретно, моќта на порнографијата, тешко дека ќе биде сангвиничен по прашањето на сексуалните слободи. После одреден број на поминати доцни вечерни часови во опсесивно гледање на луѓе како се соблекуваат и пенетрираат едни во други, дури и најслободоумните меѓу нас ќе посакаат да се исклучи секој сервер, рутер, фарма на податоци и кабел на планетава, за еднаш засекогаш да се прекине со системот одговорен за доставување на оваа отровна храна до нашите домови и умови.

Порнографијата, како и алкохолот и дрогата, ја поткопува нашата способност за соочување со проблемите, пренасочувајќи го нашето внимание во друг смер. Поточно, ја намалува нашата способност за справување со промените во нашето расположение, со грижите и досадата. Нашата анксиозност е автентичен и збунувачки сигнал дека нешто сме промашиле, и дека треба да се ослушнеме себеси, внимателно да се протолкуваме, а не да седнеме пред компјутер и вниманието да го пренасочиме во нешто сосема друго. Целиот интернет простор во некоја смисла е порнографски, со тоа што ни доставува постојана возбуда за која немаме вродена способност да ѝ одолееме; интернетот е заводник што најчесто нè заведува да не правиме ништо за да се соочиме со нашите вистински потреби и проблеми. Уште повеќе, достапноста на порнографијата на еден клик ја намалува нашата толеранција на досадата, нешто што е од особена важност да нашиот ум да може да роди добри идеи – креативната досада во која може да се впуштиме додека сме под туш, на пример, или патуваме во воз.

Секогаш кога ќе почувствуваме неодолива желба да им побегнеме на своите мисли, треба да бидеме сигурни дека нешто се обидува да се пробие во нашата свест, а тоа се токму оние тешки моменти кога интернет порнографијата ја засилува нејзината струја, помагајќи ни да побегнеме од себеси, на тој начин помагајќи ни да си ја уништиме нашата сегашност и иднина.

Алан де Ботон

авторот е атеист, писател, философ, уредник и покренувач на проектот School of Life („Училиште на животот“)

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz