„Повикот“ на жената во свештеничката служба на својот сопруг (1)

Карактеристики на сопругата на свештеникот

Според Амилка Ц. Аливизатос, грчки теолог од дваесеттиот век, каноните на Црквата јасно зборуваат дека жената, која, по благодатта Божја ќе стане сопруга на свештеник, мора да поседува духовни добродетели и дарови (харизми). Идната сопруга на свештеникот треба да биде полна со љубов, грижлива и добродушна, со длабока вера и љубов кон Бога. Треба да биде жена со добри карактеристики и да има желба да ја сподели и да му помага во свештеничката служба на својот сопруг.

Блаженоупокоениот Архиепископ Христодул на Атина и цела Грција говореше, за да се биде сопруга на свештеник потребно е следново: благослов (евлогија), жртва (тисија), служење (ѓаконија) и одговорност (евтини).

Нејзиното образование

Години наназад, образованието не беше опција за сопругата на свештеникот и за останатите жени. Традиционално, во многу култури, бракот и мајчинството се сметале доволни за една жена да си најде исполнување. Денес, образованието е широко достапно и за жените. Но и денес, луѓето во општеството и парохијата очекуваат образованите и работноспособните жени на свештеници и останатите жени да се придржуваат до традиционални задачи и обврски на сопруги и мајки.

Сопругите на свештениците можат поефикасно да му помогнат на својот маж во извршување на неговата служба ако се подобро образовани. На пример, тие можат да го користат верското образование за да подучуваат други, особено жени, во учењето на Православната Црква. Жените на свештениците може да сведочат за Православната вера во младински групи, собири на жени и во колеџ кампуси (студентски домови). Тие исто така можат да учествуваат и да придонесуваат во разни проекти во парохијата од верски карактер.

Многу жени, вклучувајќи ги сопругите на богословските студенти и на свештениците, се запишуваат во Богословски училишта поради личен интерес да научат повеќе за Бога, притоа добивајќи дипломи од Православните факултети. Некои сопруги на богослови, додека живеат со своите сопрузи во интернатите на факултетот присуствуваат на курсеви по Теологија без да добијат диплома од програмата. Други сопруги на свештеници се запишуваат на курсеви во близина на колеџите или универзитети.

Ако жената нема време или средства да се запише на студии за да учи Богословски факултет или теолошки курсеви, во најмала рака, сопругата на свештеникот може да присуствува на некои од предавањата од верска едукација каде ќе се запознае со основните учењата и практики на Православната вера. Тоа ќе ѝ биде корисно и од помош во службата на својот сопруг, за да може да одговори на основните прашања што можат да ги имаат парохијаните. Но, кога ќе и бидат поставени прашања каде се бара постручно објаснување, тогаш таа може да се обрати до свештеникот или друг теолог, особено ако темата е деликатна.

Светотаинска врска меѓу свештеникот и неговата сопруга

Два настани се издвојуваат во животот на сопругата на еден свештеник: денот на венчавањето и денот на ракополагање на нејзиниот сопруг во свештенички чин. Овие два настани во Црквата формираат светотаинската врска помеѓу свештеникот и неговата сопруга.

Најпрво, со светата тајна брак, двојката се посветува еден на друг доживотно. Едниот го исполнува другиот: Но во Господа ниту мажот е без жена, ниту жената – без маж (1 Кор 11,11). Но исто така, тие се во безусловната обврска да му служат на Бога преку целиот живот. Оваа посветеност формира триаголник: Господ – сопруг – сопруга.

Второ, со светата тајна свештенство, свештеникот е подготвен да му служи на Бога, а сопругата на свештеникот потребно е да му помага во неговата мисија, по неговото ракополагање.

Овие светотаински врски ќе им помогнат на свештеничките двојки во надминување на проблемите. Но, понекогаш, сопругите на свештениците забораваат дека се во брак со свештеници. Поточно забораваат дека тие се обврзани, прво да му служат на Бога, а потоа и да им помагаат на своите мажи во свештеничката служба. Кога работите се отежнуваат, некои сопруги на свештеници сметаат дека е невозможно да се продолжи во нивниот брак или во споделување на свештеничката служба на својот сопруг. Тешките моменти се како немирно море, но бурните води на крајот се смируваат. Бог е дел од светотаинската врска заштитувајќи ги свештеникот и неговата сопруга бидејќи им го праќа Светиот Дух за да им даде мудрост и сила да ги надминат тешкотиите. Тие мора да бидат трпеливи и постојано да бараат помош од Бога: „Кога би имале вера колку синаповото зрно и ѝ речете на оваа црница: ,Откорни се и пресади се в море!‘ – таа би ве послушала. (Лука 17,6). Бог дозволува да се случат работи во нашиот живот, од само Нему познати причини. Сè што треба да направиме е да се молиме: „Нека биде по твојата волја“.

Согласноста на сопругата на свештеникот при неговото ракополагање

Сопругата на свештеникот игра важна улога при ракополагањето на нејзиниот сопруг. Пред сè, таа мора да даде согласност во писмена форма за нејзиниот сопруг да биде ракоположен. И како што постанува „една плот“ со нејзиниот сопруг преку светата тајна брак, така таа учествува со својот дух при неговото ракополагање.

Сликовито се потсетувам на ракополагањето на мојот сопруг. На тој значаен ден, сонот на мојот сопруг стана стварност. Се сеќавам црквата беше исполнета со луѓе. Сите наши родители, браќа, сестри, пријатели беа присутни. Се сеќавам како солзи ми течеа од очите додека гледав како мојот сопруг оди во олтарот. Кога ги слушнав светотаинските молитви за ракополагање, се почувствував дека сум таму со духот. Нашите семејства и сите верници се молеа со солзи во очите за мојот сопруг да биде достоен за Божјата благодат. Кога Архиепископот Јаков на Северна и Јужна Америка, ги положи рацете на мојот сопруг, Светиот Дух ја истури Неговата благодат врз него. Почувствував дека искра или болскот на Светиот Дух ме допре и мене.

Во еден момент, во црквата се слушна извикот, Аксиос! Аксиос! Аксиос! (Достоен). И јас извикав „Аксиос, покажувајќи согласност и посветеност кон Бога и кон мојот сопруг: дека ќе бидам дел од неговата должност. Во неговите нови златни одежди, сопругот ми изгледаше како ангел. Никогаш нема да го заборавам тој миг, и ќе го чувам како најголемо богатство до последниот ден од мојот живот.

По неговото ракополагање, свештеникот е должен да служи Божествена Литургија. Се сеќавам на радоста и благодатта што ги почувствував кога примив света Причест од рацете на мојот сопруг кога ја отслужи својата прва Божествена Литургија. Бог ме почести со неговата покана да бидам сопруга на свештеник. Вистински благослов! Само жените кои одат низ тоа искуство можат да ги разберат посебните чувства и исполнетост.

Како што е опишано погоре, свештеникот и неговата сопруга се двојно благословени од двете свети тајни, Бракот и Свештенството. Оттогаш, тие се во нераскинлива врска. Навистина сопругата на свештеникот е „дел од расото на свештеникот“ парафразирајќи ја грчката поговорка. Но, од тој момент, започнува тешко духовно патување. Свештеникот и неговата сопруга треба да бидат подготвени да се поддржуваат еден со друг и да одат рака под рака по тесниот пат, имајќи го Светиот Дух како нивен водич.

Свети Кирил, светител од вториот век, прикажал икона со Евхаристија. Рака на човек посега по леб, а една жена стои и се моли. Тие ги претставуваат Христос и Црквата. Оваа икона исто така може да симболизира свештеник и негова сопруга по неговото ракополагање. Со длабока љубов во Бога и еден кон друг, двајцата делат важна одговорност во служењето на Бога и на Неговиот народ.

(Продолжува)

Презвитера Атанасија Пападимитриу
Извор: Православен Пат

Оставете коментар

1 Comment on "„Повикот“ на жената во свештеничката служба на својот сопруг (1)"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

dolgo vreme mi trebase da svatam deka svetoto Evangelie gi nudi site odgovori pa i na ovaa tema.

wpDiscuz