Шарли ебдо, нели

Дисклејмер: Авторот смета дека голем дел од цртежите и карикатурите на споменатиот весник се богохулни.

Можеби би го положил својот живот за Бога, иако не сум сигурен во ова. Но, никогаш не би одзел нечиј живот во име на мојот Бог. И ценам дека никој еден од жена роден нема и не смее да има право на такво нешто. Вака накратко би го сумирал сето мое размислување во врска со дебатата меѓу православната јавност која се разви околу неодамнешните напади во Франција.

Елем, во оваа дебата првата група лицемери (Мт 7,5) откако стерилно го искажаа своето сочувство поради загубата на ионака не толку невини животи, продолжија цитирајќи ги крајните извици од третиот стих на шеесет и деветтиот псалм. Во инквизиторски дух го осудија духовното насилство што жртвите-насилници го вршеле врз цела една група луѓе, во случајов – муслимани. Немреш боливит! На истите би им порачал да се откажат од барем десетици дела од светоотечкото предание, како и од учењето на Црквата за хинудизмот, јудеизмот, исламот, римо-католизицизмот и другите -изми. За да не бидат во расчекор со нивниот став за верските чувства, најдобро би било да прифатат дека ете, „има нешто, еден е Бог за сите, само контекстот на различните религии е различен, инаку сè е исто.“ Таква е нивната ревност.

Втората група лицемери обвинија за лицемерие. Наводно, сите дигале џева за неколку убиени Французи кои „си го барале“, а не кажале ни збор за неправдите со кои се соочуваат други стотици илјади христијани низ целата вселена. За маченичкиот комплекс на христијаните имам напишано десетина текстови кои ги немам објавено од проста причина што знам дека ќе ги вознемирам „религиозните чувства на верниците“. Или кажано апостолски, ќе ги соблазнам послабите во верата (in your face!). Во оваа пригода би кажал дека нема ништо поEPIC отколку кога Црквата и црковните говорат за лицемерие. За мудрите, ова е доста (м.з. интересна е самореферентноста на овој параграф, затоа што и авторот – лицемер говори за лицемерието на лицемерните, што значи дека и тој припаѓа во оваа група).

А сега, пауза за реклами.

Бог го создаде човекот слободен. Бог му дозволи на Адама да погреши. И на Ева. И нам секојдневно ни дозволува да грешиме. Нема потреба, верувам, да нагласувам дека тоа не значи дека треба да грешиме, дека тоа е полезно или не-дај-Боже дека гревот е благословен. Едноставно е: дарувајќи ни ја слободата, Бог ни дарувал да избереме дали ќе ја исполнуваме Неговата волја, или својата, падната. Истовремено, како Премудар, Бог го прифаќа ризикот во кој влегува, дозволувајќи ни да бидеме „како богови“. Да, шансите се големи дека овој дар на слобода ќе го злоупотребиме, но Бог не размислува статистички. Бог не се плаши. Едноставно, Бог нè љуби и верува во нас. И толку. Во Божјата љубов го нема тоа проклето и релативизирачко „ама“. Повторувам дека сето ова го пишувам гледано низ призмата на богохулните цртежи.

Бог има смисол за хумор (и сатира), по зборовите на блаженоупокоениот владика Данило Будимски. Погледнете на мајмуните, зарем во нив не можете да го видите овој смисол за хумор на Творецот како се потсмева со нас? Или во илјадниците житија на светите, каде неретко се открива насмевката (понекогаш дури и иронична насмевка) Божја? Бог има смисол за хумор, и никој не може да Му го одземе тоа. Ниту на човекот, кој е Негова икона. Бог не се плаши од човековиот смисол за хумор, па колку богохулен тој и да звучи/изгледа. Океј?

П.С. Како што рече Ружди, залагајќи се за почит кон религиите, лицемериве во случајов говорат за страв од религиите, страв кој сакаат да го наметнат врз сите – и верници, и неверници.

Милан Јаковчевски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz