Постот како начин на живот, дел втор

meteori

Постот е украс на девственоста и светоста, светлост на целомудрието. За ова ни сведочат светите подвижници и постници низ целата историја на Црквата. Оние кои оставајќи го зад себе метежот на овој свет, итаа кон синајските височини на средбата со Бога во примракот на Неговата трисолнечна слава.

Затоа, избегнувајќи ги стапиците на гордоумието ќе замолчиме и ќе оставиме за ова да ни зборува најопитниот меѓу девствениците, Свети Јован Лествичник:

Ако си Му ветил на Христа дека ќе одиш по тесниот пат, – вели тој, – стеснувај го стомакот. Зашто ако го храниш и шириш, нема да можеш да го исполниш ветувањето. Обрни внимание и ќе ги чуеш зборовите: „Широк е и простран патот на стомакот, кој води во пропаста на блудот, и мнозина се кои одат по него. Колку е, меѓутоа, тесна капијата и тесен патот на постот кој води во чист живот, и макумина се кои одат по него!“ (сп. Матеј 7, 13-14)

И понатаму: Со твоето дишење нека се соединат зборовите на оној кој вели: „А јас, кога демоните ме вознемируваа, се облекував во кострет, ја истоштував душата моја со пост, и молитвата ми одекнуваше во градите ми“ (сп. Псалм 34, 13). Постот е насилство над природата и лишување на грлото од насладата на која е навикнато, гаснење на пламенот на телесната похота, отстранување на лошите мисли, ослободување од сновиденија, очистување на молитвата, светилник на душата, стражар на умот, спас од огрубеноста, двери на умилението, смирено воздивнување, ведра скрушеност, запирање на многуговорливоста, основа на безмолвието, чувар на послушноста, олеснување на сонот, здравје на телото, причина на бестрастието, отпуштање на гревовите, врата и блаженство на рајот.

Постот е начело на христијанскиот пат. Кога човек ќе трге на пат, мора да знае каде оди. Така е и со постот. Пред сè, постот е духовно патување, а крајната цел му е Воскресението. Тој е подготовка за исполнување на Пасхата како вистинско Откровение. Постот како духовно патување подразбира континуитет. Вграден во нашата богообразност, во нашата придода, постот е патување кое започнува во самиот почеток на нашиот живот и продолжува во Царството небесно, во рајот, во оној ангелски образ на пост, во кој живееше Адам во Едемската градина. Тој е наш начин на живеење. И уште повеќе, начин на постоење. Постот го опфаќа секој сегмент од нашиот живот, нашата волја, умот и срцето, нашите сетила, телесните движења и мислите. Нашата совршена слобода, се темели на нашиот динамички однос кон самите себе и кон светот, имено преку воздржанието. Воздржувањето од гревот нè ослободува од ропството на гревот. Нè ослободува од ропството на нашата падната и осмртена природа. Постот е гарант на нашата слобода. Надвор од постот ние се лишуваме од нашата слобода, од нашето достоинство, од нашата Богообразна љубов и конечно од нашата човечка природа.

Затоа Свети Теодор, богомудриот подвижник на Студиската обител, вели: За трезвеноумниот секогаш е Четириесетница. И оваа мисла едноставно невозможно е да се заобиколи кога станува збор за постот. Најпрвин, поистоветувањето на постот воопшто со светата Четириесетница, со великиот и пресветол велигденски пост, значи дефинирање на целиот наш историски, овоземен живот како Велик Пост. Со други зборови, онака како што велигденскиот пост е благодатно и подвижничко патешествие кое нè воведува во преславното Христово Воскесение, во пасхалната радост на нашата лична заедница со воскреснатиот Бог, така и нашето историско постоење треба да биде пат кон христообразното воскресение во вечен живот, во незалезна љубовна заедница со Бог Троица. Историскиот праобраз на пасхалното торжество се повторува секоја година. Секоја година ние се подготвуваме и го славиме Христовото Воскресение. Исполнувањето, пак, на ова надисториско собитие, се случува еднаш и засекогаш. Во таа смисла, почетокот на постот е почеток на нашиот живот.

Постот е мајка на молитвата, источник на целомудреноста и благоразумноста, учител на тихувањето, патеводител на секое добро дело. Подвигот на воздржанието е темел на секоја добродетел. Мајка, источник, учител, патеводител на секоја добродетел, на сето она што не води кон спасение. Свети Теодор Студит вели: Постот е обновување на душата. Зашто според зборовите на свештениот апостол: „ако нашиот надворешен човек тлее, внатрешниот од ден на ден се обновува“ (2Кор.4,16). А ако се обновува, тогаш, конечно, и се украсува според образот на првосоздадената убавина. Украсувајќи се, пак, љубовно Го привлекува кон себе Оној, Кој рекол: „Јас и Отецот ќе дојдеме и живеалиште во него ќе создадеме“ (Јован.14,23). Ако, пак, благотворното дејство на постот е обично такво што ние постануваме живеалиште на Бога, тогаш треба со радост да го примаме него. И имено радоста во постот значи со радост да го носиме крстот Христов. Со радост на христа да Му се уподобуваме, зашто само таму каде што има силна вера, каде што има вистинско богопознание има и радост.

Наместо заклучок, ќе се послужиме со прекрасната Поука за првата Недела од Великиот Пост на нашиот Свети Климент, Охридскиот Чудотворец, кој во неа ги докоснува најактуелните нивоа на постот како наш начин на живеење. Тој вели:

Ја видовте ли, возљубени, од самите вештества ползата во постот? Ако, пак, ова сте го искусуле во оваа недела, тогаш уште повеќе разберете го вашето приближување кон Бога и во следните недели подвизувајте се со пост. Зашто оној што не го запазил постот, тој не ја знае полезноста на постот. Како ќе зборуваат за сладоста на шеќерот и најфиното пченично брашно оние што не вкусиле од него? Дури и ако искажат многу пофалби, нема да ги разберат оние што ги слушаат. Доброто од постот, пак, сами видете го: никаква препирка, никаква ненавист еден кон друг. Секаде молчание и тишина, на лошите навики во нас, со пост и со молитва им се спротивставуваме. Затоа, да не го оставаме браќа започнатиот пост! Зашто првата недела веќе мина, па и во останатите да бидеме бодри, и како што доликува да тежнееме кон доброто.

Послушајте го словото на блажениот апостол: „она што е зад мене го заборавам, а се стремам кон она што е пред мене“ (Филипјани. 13,3). Размислете, христољупци: светиот пост има седум недели: најчестена од сите е седмата недела, која се нарекува велика. Но таа не е поголема од другите заради поголемиот број на часови, туку заради величието на тајните на страданијата Господови, кои во неа се случија. Така и оваа недела е поголема од претходните, како што царот е поголем од кнезот, а кнезот – од војводата, а војводата – од болјаринот, а болјаринот – од стотникот, а стотникот – од педесетникот, а педесетникот – од слугата. Размислете браќа!

Доколку некој би посакал да му служи на царот, тој им постанува мил од најмалите слуги па сè до најголемите, пред кои одговара. Ако во нешто и согреши, се труди што поскоро да се оправда. Така и ние, браќа, кои не само што сакаме да го задобиеме Царството Небесно, туку и во своето срце да го примиме причестувањето со Светите Тајни, треба во овие свети недели на постот да му се доближиме на Бога.

Би сакал да ви раскажам една приказана. Си беше некој цар во некоја земја, многу добар и добродетелен и сите подеднакво ги љубеше како свои деца; и за сите подеднакво промислуваше, па и за нивните души се грижеше. А и земјата беше таква, што изобилуваше со секакви блага, како што рече Давид: „И од плодот на нивната пченица, вино и елеј се умножија“. Царот имаше обичај да му дава секому што му треба. И даде заповед оние што имаат да им даваат на оние што немаат, и како што пишува во Делата Апостолски: „сиот народ беше една душа. И се раздаваше секому што му беше потребно“. Таква беше таа земја и таков беше нејзиниот цар. А овој добар цар имаше седум ќерки мошне убави. И им заповеда на сите луѓе, сакајќи да ги искуша, да дојдат и да им оддадат почит на неговите ќерки, поставувајќи ги по ред, најмладата подалеку, а најстарата крај себе. Некои им оддадоа почит на сите подеднакво и му угодија на царот, а некои лукаво постапија: на најмладата ѝ оддадоа примерна почит, а останатите ги целиваа и одминуваа. Гледајќи го ова добриот цар, своето милосрдие го обрати во гнев и им заповеда на своите слуги да ги изгонат овие од пред лицето негово. И не само тоа, туку заповеда да ги предадат на мачители да ги мачат. Зарем не стори праведно овој цар?

Христољупци, сакате ли да дознаете кој е тој цар? Оние што брзо размислуваат веќе разбраа, затоа ќе кажам заради останатите. Царот е Бог, Кој е најдобар од сите. А земјата која изобилува со блага е Црквата. Знаете сите колку блага има во неа; секоја жива душа од овој свет во неа се спасува. Тука се законот и пророците и Сам Господ, Кој заради нас слезе и постана Човек подобен на нас, се распна за нас и умре. Потоа ги испрати Своите апостоли. Преку нив нè повика во Свето Царство, и секогаш нè повикува преку Светото Евангелие: Дојдете при Мене изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам. И повторно: Оној што доаѓа при Мене, нема да го отфрлам. – Што е повозвишено од оваа добрина? А седумте ќерки се седумте недели од светиот пост, за кои ни заповеда да ги почитуваме повеќе од сите денови во годината, со пост и молитва и милостиња. Та ако веќе првата добро ја испочитувавме, како најмалечка и која е најдалеку од отецот, зарем сите други ќе ги минеме просто? Ако се случи тоа, што ќе одговориме на страшниот ден на Судот пред Господа и како ќе се оправдаме кога останатите посни денови не сакаме чесно да ги запазиме?

Ве молам, немојте така да размислувате, велејќи, дека не ни е можно сите да ги запазиме. Лош е тој изговор и полн со вина. Зашто ако од прејадувањето и препивањето се запазивме во првата недела од постот, толку повеќе, навикнувајќи се на доброто, ќе можеме целиот пост да го запазиме, (на Бога) ќе Му благоугодиме и своите души ќе ги спасиме и очистиме. И не треба преку своите сили да постиме и да бдееме, туку кој колку може според силите. Само отстапете од светските грижи, од крчмите, пијанството, од завист и клевети, од злопамтење, од блуд и лакомство; и правете поголема милост од другите денови, та со чиста совест да се удостоите со Христовите Тајни и преку пречистото тело и крв вечен живот да примите. На сиромасите благодарност воздајте им, зашто тие непрестано се молат пред Бога за сите. Ова не е тешко, доколку сакаме. Само да не западнеме во мрза или униние, да не го загубиме трудот, што го запазивме во првата недела. Амин.

Митрополит Методиј Златанов
Ерусалим и Вавилон

Оставете коментар

1 Comment on "Постот како начин на живот, дел втор"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Постот како начин на живот, дел втор […]

wpDiscuz