Пост банк

Шесто послание до нас, самите

…и излезе пред нив старец излитен во мантијата, изгорен во кожата од сонцето, пустиник, а тие чекореа покрај него. A Светителот побара благослов од него… а тој им се обрати на Даниелитите: како се осмелувате да чекорите пред митрополитот Пентаполски, кој одамна е вброен во Светиите.

На што треба да посветиме внимание ние грешните, недостојните, ниските, малите, невидливите, незначајните, безвредните, лесните, минливите, неспособните, последните, вкочанетите, невразумените, лошите, обичните смртници – луѓето?

Само на две работи: прво, дека ние сме баш такви (да осознаеме и да признаеме) и второ, како да се подобриме.

Да осознаеме, се мисли да се погледнеме, да се преслушаме, да подразгледаме, да се преиспитаме, да се запрашаме, да се покаеме, да се прибериме, да размислиме, да си простиме и да простиме, да се приземјиме, да седнеме, да се смириме, да застанеме …

Да признаеме, се мисли да се извиниме, да прашаме, да побараме, да се посоветуваме, да се направиме уште помали, да се преродиме, да го сознаеме правецот, правдината, вистинскиот пат.

Е сега, како да се подобриме?

Црква

Ние не знаеме кој сѐ е до нас, покрај нас, пред нас, со нас, позади нас, кој доаѓа, кој беше, кој ќе биде… не спознаваме. Гледаме, ама не гледаме. Слушаме, ама не сме послушни. Газиме, ама мислиме дека летаме. Туркаме, ама ќе паднеме. Паѓаме, ама тешко стануваме… Ни едно ливче на дрвата не се помрднува без Божја волја, Бог е насекаде околу нас, во секој човек, во секоја ситуација, во секој момент, на јаве и на сон, во полето, на планината, во морето и езерото, во храмот и во рудникот, напред пред олтарот, назад до вратата, и кај првиот и кај последниот. Да ја добиеме и да ја добиваме милост Господова секогаш, та така да живееме. Да не се возгордеваме. И раката на сиромавиот да ја целиваме корка леб кога даваме. Да плачиме, оти за плачење сме. Клечејќи прагот на храмот да го преминеме, бидејќи и за тоа не сме достојни.

Да се смириме. Нагоре да погледаме, та со солзи да изговориме: „Господи, Господи… Помилуј нѐ нас грешните.“

Да проштеваме. И прошка да бараме. Да простиме на секого и насекаде. Прошка од сите да побараме. Од мравките што сме ги згазиле, од тревките што сме ги скинале, од воздухот кој ги слушнал пцостите наши, клетвите наши, гневот наш, злото во нас. Од земјата врз која газиме со бес, инает, немир и похота. Прошка од трпезата врз која чревоугодуваме, од водата која сме ја проголтале без да се прекрстиме и помолиме.

Милостина и милосрдие да разлеваме насекаде. Псалми и молитви да ечат од нашите срца и души додека работиме, додека учиме, додека шетаме, додека животвориме …
Да запостиме… банка да отвориме, банка без пари.

Депозит без масло да ставиме. Влог на вода да заложиме. Божјата милост, Божјата благодат, судот Божји како плата низ таа банака да ни помине. Ситнеж како леблебија да замениме. Сметки со лук и вода да платиме. Штедна книшка на бел грав, со црвени пиперки да пополниме. Детска касичка со јаболка и крушки да исполниме. Леб да подигнеме.

Да се причестиме.

Само така банката на животот ке нѐ има за клиенти, а на Бога ќе можеме да бидеме жиранти, жиранти за најголемиот влог – нашиот живот вечен.

И само така Господ Исус Христос ке нѐ види во делата наши, а по делата наши ке ни суди, и само така Пресветата ке се застапи за нас пред лицето на тој суд ; и само така Претечата, Архангелите и Сите Светии ке се молат за нас отпаднатите од вистината.

А вистината и во пустината да ја сретнете, како пустиникот, ќе ве прозе со проѕорливоста и ќе ве благослови, без разлика дали веќе сте Свети како Светителот или ќе засветите во вечниот живот таму при второто Негово доаѓање.

Дотогаш, Господи помилуј нѐ како добар и човекољубив… и имај милост за нас.

Кочовски Ѓорги

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz