Последна можност

Оти тогаш ќе биде мака, каква што не била од почетокот на светот па досега, а и нема да биде. И, ако не се скратат оние дни, никој не би се спасил, но заради избраните ќе се скратат тие дни.

Матеј 24, 21-22

Онаа апокалипса од крајот на Откровението веројатно е на почетокот од своето остварување, толку озабена што верувам дека не покажала ниту промил од својата сила на запустение како што тоа било запишано, а сепак доволно силна да континуирано го вознемирува нашиот спокој. Веќе се заканила со потопот и неговата милост да поштеди само по двајца неистополни од секој род, но тоа не било доволно да се извлече поука и гревопадните дела да се заменат со покајание и богоугоден живот. И човекот продолжува по својата волја, но и Бог по своите планови за воспитување сè до конечното прибирање на своите во небесните живеалишта. За среќа малкумина се помеѓу избраните кои го разбираат тој знак во Светото Писмо и можат да се носат со тој ужас што наскоро ќе проследи или за несреќа многумина се повикани, но не и избрани за тоа правилно да го толкуваат и го земаат во обзир подготвувајќи ја својата иднина. И можеби говориме, иако комплетно неуко, за последната можност нешто да се стори, да се набави или заштеди постоечкиот елеј со што не би се донесле во позиција светлината да се изгасне и нè проголта мракот кој не знае и не почитува ништо друго освен неговите природни застрашувачки својства.

Оти сега ќе биде мака каква што не била од почетокот на светот па досега, а и нема да биде. Нашите деца кои Бог од утробата ги наменил да бидат машки ќе се спротистават на својата природа и ќе ја искористат науката да се трансформираат во женски. Оние кои се зачнале како женски ќе ја злоупотребат љубовта и ќе станат едно тело со други од истиот пол. Нашите учители ќе заборават на Словото кое требаше да го засадат во младите фиданки и ќе поитаат кон благодетите кои ги нудат општеството и инструментите на корупција. Нашите лекари ќе ја потиснат милоста од срцата и заклетвите запишани и нема ниту да ја погледнуваат болката ако вниманието не им го привлечи материјалната благодарност. Нашите свештеници, варосани гробови, ќе говорат слатко за Бога, но нивното однесување кое не може да се сокрие како и погрешните помисли, ќе кажува нешто друго кое во трлото ќе предизвика негодување. Нашите управители наместо на мудри и добри ќе се поделат политички и интересот на заедницата на која припаѓаат ќе биде пред плачот на стадото и неговите молби да опстанува и покрај тоа што можел да набави бележница само од партијата на овци. Нашите скакулци ќе добијат заби како на лавови, нашите реки ќе бидат црвени како крв, планини ќе нè згмечат, громови ќе нè палат, глад и помор на секој чекор. Ако сме двајца на нивата еден ќе земат, а тебе ќе те остават. Мака каква што не била од почетокот на светот па досега, а и нема да биде.

Страшниот суд

И ако не се скратат оние дни, никој не би се спасил, но заради избраните ќе се скратат тие дни. Дали ќе бидат доволни овие стравотии за да почне да се размислува за последната можност? Раката е подадена, ветровите на уништувањето се сопрени, покрај избраните дадена ни е можноста и нам. Да бидеме мажи и жени како што од Бога ни беше определено, носејќи ги гордо не толку сопствените украси колку она што е длабоко во срцето и треба да се покажува секогаш како ореол. Да бидеме учители со зборовите од Писмото кои сведочат за Патот, Вистината и Животот. Да бидеме лекари како добриот Самарјанин и да не оставаме никого на колена, освен кога тоа е молитвен став при разговорот со Таткото. Да бидеме свештеници со добар слух за исповедтта на немоќните на кои можеме да им дадеме утеха и потсетување за добро познатата траса до Единствениот кој може да ги простува гревовите. Да бидеме управители над сите космополитски неподелени по боја, раса, имот и верување, бидејќи сите ја живеат својата последна можност. Да бидеме бестрашни пред скакулците и лавовите, немилосрдните реки и планини, гладот и поморот, оти се беше запишано за после да биде Новата земја. Бидејќи последната можност не е само спас од неколку, во моментот непремостливи неволји страшно предимензионирани во нашите страшливи души. Таа, всушност е почеток за оние кои ќе им се придружат на избраните да добијат повик за наследство кое не ’рѓосува и не се краде. Колку убава можност за обременетите и често несреќните по срце. Наскоро ќе бидат со Кроткиот, без јаремот и со насмевка дека барем пред крајот ја донесле вистинската одлука.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz