Последици од абортусот

Причестување дете

претходно: прв дел | втор дел | трет дел

Абортусот или прекинувањето на бременоста е кратка интервенција која кај жените остава трајни последици. Компликациите зависат од многу фактори, како што се: здравствената состојба и староста на жената, дали е прва бременост, времетраењето на бременоста, техниката на изведувањето, анестезијата, дополнителни операции, стручноста на гинекологот, хигиенските услови. Светската здравствена организација ги дели компликациите од намерното прекинување на бременоста според времето на јавување на рани и доцни компликации.

Рани компликации:

1. Инфекција. Најчеста компликација што настанува и покрај користењето стерилни инструменти. Се манифестира со висока температура, болки во стомакот, а доколку не се лекува, може да предизвика сериозни заболувања, стерилитет, сепса и смрт.
2. Долготрајно крварење. Се јавува во текот и после завршувањето на абортусот.
3. Заостанато ткиво. Предизвикува грчеви и исфрлање парчиња коагулирана крв.
4. Перфорација на матката. Освен повреда на матката, може да дојде до повреда и на други внатрешни органи, како што се: мочен меур, црева, уретери, големи крвни садови. Оваа повреда се решава хируршки заради запирање на крварењето. Доколку не може да се запре крварењето, следниот чекор е отстранување на матката, што претставува апсолутен стерилитет. Кај секој оперативен зафат, при текот на операцијата и опоравувањето, постојат компликации што се поврзани со составот на крвта и состојбата на внатрешните органи, при што една од најтешките компликации може да биде емболија на белите дробови и смрт.
5. Компликации од анестезија. Обично се од минлив карактер.

Доцни компликации:

1. Инфекции со доцни компликации во вид на хронично воспаление на јајцеводите, запушување на јајцеводите, оштетување на слузокожата на матката, на грлото на матката, кое резултира со неможност жената да остане бремена или, пак, доаѓа до спонтан абортус, односно неможност бременоста да се износи докрај.
2. Вонматкина бременост.
3. Појава на тумори, карциноми, па и смрт по повеќебројни абортуси.

Освен физички компликации, постојат и психички компликации, т.н. постабортусен синдром, кој се манифестира со суицидни идеи, обиди за самоубиство, самоубиство, сонови за абортусот со чувство на вина и грижа на совеста, депресија, потиснување на емоциите, избегнување на емотивни врски, страв, беспомошност, сексуални дисфункции, страв од бременост и страв од неплодност, пореметување во исхраната, злоупотреба на цигари, алкохол и дрога.

Во оваа група на психички компликации треба да се спомне и мажот, неговата улога и психичките последици на мажот по абортусот. И мажот, исто колку и жената, подеднакво ги носи сите последици настанати од абортусот. Гревот е грев, и за едниот и за другиот, и верувајте, заклучокот мој е дека и мажите страдаат. И тие го носат тешкиот камен на срцето за сторениот грев, но ретко зборуваат за тоа. Затоа, потенцирам: духовните отци да не забораваат и мажите што дошле на исповед да ги потпрашаат да не допуштиле или можеби ја натерале својата жена или партнерка да направи абортус. И верувам, поради благодатта на Светата Тајна Исповед ќе се роди плод на покајание.

Кога се раѓа едно детенце, се радува целата Вселена

Оние што се покајале имаат должност пред Бога да ги разубедат своите ближни кои помислуваат да направат абортус, но и да ги охрабрат да го сочуваат плодот во својата утроба, зашто ќе им се роди детенце, кое во сѐ ќе наликува на нив, бидејќи кога се раѓа едно детенце, се радува целата Вселена. Секое дете се раѓа за Господ Исус Христос, бидејќи е икона на живиот Бог уште од своето зачнување, бидејќи е образ Божји и претставува голем дар од Бога. А за секој дар се благодари:

Ти благодарам, Боже, за секоја рожба и прости им на сите страдалници кои извршиле вакво злодело, и облиј ги со врели солзи на покајание, бидејќи си многумилостив и човекољубив Бог. А оние што пострадале уште во утробите на своите мајки поради случајни дејства, поради тешко породување, некое невнимание или биле свесно убиени, не лишувај ги од Твојата божествена светлина, бидејќи и Самиот ја познаваш немоќта да се биде во мајкина утроба.

Во текстов не сакајќи многумина осудив, односно нивните постапки (мајки и татковци, лекари и државници), и затоа со широчината на Твојата љубов, Боже мој, прости ми и мене, грешниот, и покриј ги сите беззаконија мои, заради Богородица и молитвите на мојот свет владика. Амин!

крај

о. Григориј Јакимов презвитера
д-р Александра Јакимова

Извор: списание „Премин“, двоброј 115/116

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz