Црковно Новолетие: Послание на Вселенскиот Патријарх

+ ВАРТОЛОМЕЈ
по милоста Божја Архиепископ на Константинопол – Новиот Рим
и Вселенски Патријарх
до Полнотата на Црквата
Благодат и Мир од Создателот и Пазителот на сето создание
Нашиот Господ Бог и Спасител Исус Христос

Возљубени браќа и чеда во Господа,

Дојдовме до 1-ви септември*, почетокот на црковната година, која Вселенската Патријаршија, и следствено, сета Православна Црква го означи како ден на молитва за природната средина. Оттогаш, како резултат на оваа иницијатива, интересот за заштита на природната средина се прошири пошироко и бројни мерки се преземаат за одржување и врамнотежување на екосистемите на земјата, како и за сите други проблеми поврзани со овој.

Бидејќи е добро познато и докажано дека „законите на природата ниту се поништуваат, ниту се нарушуваат, но секогаш остануваат исти“ (Св. Јован Златоуст, За Лазар VI PG 48. 1042), денес сме обврзани да го насочиме нашето внимание на невидените човечки интервенции кои влијаат на еколошката рамнотежа, која е нарушена не само од видливите разорни акции – како отшумувањето, намалувањето на водните ресурси, севкупното експлоатирање на природните и енергетски извори, заедно со загадувањето на огромни земни и водни пространства преку излевање или складирање на отровни и хемиски материи – туку и преку активностите кои се невидливи за човечкото око. Говориме за интервенциите во гените на живите созданија и создавањето на мутации со непредвиден развој, како што е развојот на нови начини за ослободување на огромни енергии, атомски и нуклеарни, чија што погрешна примена би можела да ги избрише сите траги на живот и цивилизација од нашата планета. Во овие случаи, алчноста и желбата за моќ не се единствените критериуми од страна на оние кои сакаат да се замешаат и да ги мутираат созданијата кои Бог го создал „многу добро“, туку арогантноста од страна на некои (од нив, м.з.) кои сакаат да се спротивстават на Божјата Премудрост, сметајќи се себеси способни за подобрување на Неговото дело. Оваа духовна состојба Елините ја нарекувале „хубрис“, означувајќи ја арогантната дрскост на некој со ограничен ум пред Создателот Кој сѐ знае и е семоќен.

Црковно Новолетие
Духoт на Гoспoда Бoга e врз Мeнe заштo Гoспoд Мe пoмаза за да им благoвeстувам на бeднитe, Мe испрати да лeкувам сoкрушeни пo срцe, да им прoпoвeдам на зарoбeнитe и на затвoрeницитe – oтвoрањe на тeмницата, да ја прoпoвeдам благoпријатната Гoспoдoва гoдина и дeнoт за oдмазда на нашиoт Бoг; да ги утeшам ситe oниe штo тагуваат
(Иса. 61,1-2)

Природно, ние не се спротивставуваме на научните истражувања, сѐ додека тие овозможуваат благопријатни услуги за човештвото и околината. Оттука, употребата на научните постигнувања за, на пример, исцелување на болести секако дека е прифатлива; но, присилното комерцијално искористување на ресурсите на современата биохемиска технологија во светло на некакви предодредени заклучоци за нивната нештетност, секако дека е осудена, затоа што (истата) во повеќе наврати доведе до трагични последици по човештвото и околината.

Науката има право постојано да истражува и да се обидува да ги објаснува природните закони и поредок. Божјата заповед на првосоздадените, имено, да „ја владеат земјата“ (1Мојс. 9,1), им дава дозвола за истражување на присутните природни и биолошки механизми, како природната средина би била небесен ентитет. Единствениот услов е оваа потрага и ползување со знаење да не биде насочена единствено кон профит, или да не постане арогантен зафат кон градење на нова Вавилонска кула, кадешто Божјите созданија, заведени од некои луѓе, би посегнале кон Самиот Создател. За жал, човечките битија понекогаш забораваат на фактот дека „Создателот на убавината ги создаде и нив“ (Мудр. 13, 3), и дека „Раката Господова ја основа земјата, а Неговата десница ги распростре небесата“ (Ис. 48, 13).

Оттука, нашата задача, како пастири на Црквата, но и на секој човек, и на сите посветени Христијани, е да правиме добро и особено да се молиме божествениот Создател да ги просветли научниците кои се вклучени во овие процеси, за да навлезат во тајните на природата во смирение пред Бога, и да ги почитуваат природните закони, одбегнувајќи ја неприродната примена на нивните истражувања за комерцијални или други цели. Потребен е долг опит за да може да се докаже дека утврдените благопријатни последици од примената на новостекнатото знаење немаат паралелни нуспојави кои се деструктивни за околината и човештвото.

При создавањето на светот, гласот Господов и првичната заповед „природата да може да си има свои закони кои ќе останат во нашиот свет, за да може да раѓа и постојано да дава плодови“ (Св. Василиј Велики, Шестоднев, IX PG. 29.26) ја осигурале одржливоста на земјата. Природата ќе продолжи да раѓа и дава плодови, доколку ѝ се дозволи да се придржува до нејзиниот природен ред, и доколку ние, како нејзини населители живееме во склад со заповедите и законите Божји, живеејќи според нив, практикувајќи ги. Tогаш самиот Тој ќе ни „даде дожд во свое време, и земјата ќе го даде родот свој, и дрвјата полски ќе го дадат својот плод… и ќе го јадете својот леб до наситка и ќе се настаните на земјата ваша со сигурност, и војна нема да мине по целата ваша земја“ (3Мојс. 26, 4, 5).

Во оваа прилика, тогаш, на овој важен ден на отпочнување на годината, се молиме со Исус Навин, со божествениот Симеон, со седумте ефешки отроци и светиот псалмопеец Давид, за Господ да ни Го испрати Својот Дух и да го обнови лицето на земјата (Пс. 103, 30), да го благослови делото на Своите раце и да нè покаже достојни за мирно завршување на времето што стои пред нас.

А врз оние кои преземаат научно-истражувачки потфати во природата, го призиваме просветлението, благодатта и благословот на Светиот Дух. Амин.

*1 септември ст.ст., односно 14 септември нов ст.

1 септември 2013

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz