Посеано во трње

Посеаното, пак, во трње е оној што го слуша словото, но грижите од овој свет и примамливото богатство го задушуваат словото и тоа останува без род.

Матеј 13, 22

Го слушам Словото, во секоја пригода сум подготвен да го перцепирам тој призвук, таа благост која сигурен сум покрај влијанието за длабоко смирение на душава, веќе подготвила стопроцентно адаптиран дом во мојата иднина и во целосно нетрулежна населба. Прв сум на беседите од мудрите луѓе ненавикнати да говорат на висок тон ниту кога поучуваат, ниту кога ги скрушуваат дрзниците. Највпечатлив сум во институциите каде Тоа се распевува, каде се наддаваат донациите и каде исполнување на молитвата се трампа со на Бога немили жртви со око видливи. Масата во мојата тајна соба, синоним на монашка ќелија која после првата анализа ќе падне на тестот за идентичност, е преполна и одвај ја издржува тежината на тоните книги преполни со медни блаженства од Словото и неговите постулати. Со еден збор Тоа е мојот живот, го барав насекаде за да го најдам, го измолував за да го добијам и чукав по портите за да ми се отвори. Неговиот сјај беше мојата ѕвезда Деница, приспивна песна за разделба од моите кошмари и воденички камен кој немилосрдно ги мелеше мрачните мисли.

Но, овој свет има толку многу грижи. Грижа за пари, тие книжни или монетни демончиња, сега во поново виртуелни броеви со брз проток низ компјутерите, се елемент на угодување кои скоро и го замениле Божјиот збор од кој човекот требаше да живее наместо од леб. Грижа за слава, моментална желба да се живее во висините на ниво над останатите од каде ќе се погледнува надолу со фокус како кон црви. Грижа за статус, припадност кон нешто организирано во собир на мнозина истомисленици кои иако тргнале во погрешен правец многу неспознаено, но упорно гордо се поддржуваат во своите напори да останат забележани во искористувањето на сите потенцијални животни капацитети до максимум. Грижа за смртта, тој лимит без кој немаше да се стави крај на човечката глупавост и семожна валканост, страв дури и во најдлабоките соништа дека може да се случи секогаш и почитување на нејзината моќ да го одземе она што е видливо и овозможува уживање.

Но, овој свет има и толку многу примамливи богатства. Годишен одмор на плажа која не е само локација на тур-операторските веб страници, туку и илузија креирана од потонување на ногата во мекиот песок и слевање на бојата од зениците на окото со тиркизноста на морската површина која е најизразена пред зајдисонцето во денот што заминува и ве остава да жалите. Физичка љубов, започната или завршена како авантура со ниту еден заеднички мотив од креацијата на Творецот на еден маж и една жена од неговото ребро, и умешно извитоперена во чинови со кои не би се идентификувале ниту животинските родови. Недвижности, подвижности, технологии и други сомнителни соблазни кои се рекламираат на секое трпнување на окото, а се во палетата на понуди на средства за самоугодување, адекватни за пат до рај и назад со голема измама дека тоа бил навистина рајот.

Така словото се задушува и останува без род. Колку добри мисли заминуваат во неповрат кога покајникот јас со насмевка која ја претчувствува спокојната иднина и душа толку лесна што веднаш е подготвена да полета, ќе подзаборави на основното правило за безбедност и невнимателно ќе дозволи светот да го преокупира со своите стапици. Тоа е крајот на надежта која тлее уште од самото раѓање и нормално следната слика е збир од темни секвенци кои фотографски заблеснуваат ту во бесплодни ниви, ту во какол и пустош. Ако некој ме запраша тогаш каде е крстот кој беше и советник мој по патот и оружје силно против демонските началства во поднебесјето, за да одговорам ќе морам да проверувам по џебовите како кутар пијаница кој трага по последните парички за омилената огнена вода, ќе ги прашувам пазувите да не го сокриле како и некогаш сите драги спомени, и ќе наѕрам во срцето каде обично го носев гордо, победнички. Но попусто, ќе го нема, а јас ќе бидам она што отсекогаш го мразев.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz