Посеано покрај патот

При секого што го слуша словото за царството и не го разбира, доаѓа лукавиот и го граби посеаното во срцето негово, ете тоа означува посеаното покрај патот.

Матеј 13, 19

Колку е благо Словото Божјо, свилена музика за уморни уши неспособни да танцуваат во таа чудна ноќ наречена живот, но доволно силни да побараат утеха во последните акорди кога обично се исчекува она зацртаното во соништата, и виножитна глетка за уморни очи кои ги гледаат буквите, нивниот склоп во реченицата и се прашуваат како се составува анаграм од зборот: лек. Толку е благо Тоа, што вкусувањето е момент на најнормална појава на надеж дека ќе има крај на трулежното и дека она што сега е неразбирливо и матно било само дел од проречената одисеја.

Кога би се зборувало за придобивките од послушаното Слово, би се напишале многу томови книги кои без оглед на напнатоста на содржината помеѓу, на крајот завршуваат среќно. Но, што се случува со секого што го слуша Словото за царството, а не го разбира? Дали тие имаа лингвистички проблем, па се загубиле во преводот или по природа како градителите на Вавилонската кула, миксот на јазиците им ја расипал глупавата намера? Можеби степенот на интелигенција премногу низок, се спротиставува да го впие сознанието на толку едноставната поставеност на Словото, или пак обратно, толку висок што возгордеаноста која ја произвел не сака ниту да размислува за скромната вест. Во секој случај не е енигма дека во неприфаќањето на патот кон Небото многу големо влијание имаат валканите прсти на избезуменоста по и од светот.

Го слушам Словото и уживам со широко отворени очи кога се зборува за Наградата или сонливо подзатворени за делот за дрвото на животот кое дава плод секој месец, а лисјата негови служат за вечно исцелување. Веќе го чувствувам семето на посеаното како ги испуштило своите никулци подлабоко во почвата исцицувајќи парче живот. Нормално, голем дел од Словото се заповедите, патоказите до Наградата на крајот. На зборот кој вели да го љубиш ближниот свој како себе си се подразбудив поради секавичната мисла во облик на прашање дали го правам тоа? И секвентно подоцна, веќе не ни можев да сонувам покрај острата критика и местото, многу неповолно одредено за прељубниците, гневните, гордите и останатите слични со непокаените. Дури и семето станало непослушно да продолжи да се обидува и своите никулци ги смести подлабоко во земјата која веќе не беше плодна.

И така додека се обзирнеш назад што сè си сторил, а што пропуштил, сфаќаш дека посеаното е всушност покрај патот. Патот не е нива со потребните својства да се одгледа нешто со можност за суштествена иднина. Тоа е место со честа посетеност на Лукавиот кој ги надгледува сличните пунктови кршејќи прсти дали ќе успее до крајот на неговото време да ги преобрати сите земјани. Неговата способност да сугерира ќе ја подбуцнува мојата слабост и ќе разговараат за навидум неважни теми од типот: материјалното како полнетица за очи и вчудоневиденост за зародиш на депресијата во тие околности. Она малку посеано во срцето ќе се бори за да се одржи прицврстено во името на добрината и милоста, во името на ветеното дека после дождот доаѓа сонце, и тоа толку заслепувачки силно што мракот нема повеќе да се заканува со тага во бесполезните очи. Но, корените се тенки и полека се извлекуваат отстапувајќи место на празните дупки со нерамномерни димензии од пустошот. Лукавиот го грабнал и тоа станува жител на новото царство насликано со оази и вештачки вечерни ладовинки, кое завршува со плач и крцкање на заби. Привремено сум среќен со слободата да се биде растоварен од јаремот кој воспитува, нејзината пристапност до богатствата кои ‘рѓосуваат и крадец ги мерка и можноста да ги валкам своите мисли со прекумерно угодување на телото кое стравотно го истуркало духот во заден план. Секако, покрај Словото, она нешто што тогаш не го разбирав беше и мирисот на сулфур кој чекаше на мене на крајот од времето.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz