Посеано на камен

А посеаното на камен е оној, што го слуша словото и веднаш со радост го прима, но нема во себе корен и е непостојан, настане ли жалост или гонење заради словото, веднаш се соблазнува.

Матеј 13, 20-21

Насекаде сум присутен каде и да се спомене Словото Божјо, со драга радост во исчекување Тоа да се слушне, прими и не заборави кога ќе поплават искушенијата. Неговата едноставност и ненакитеност со вештачки обиди да се претвори во поезија која ги симнува ѕвездите, гасне вулканите и ја попречува бурата, нуди прилика за сите да застанат со отворена уста и слушнат на разбирлив јазик, многу близок особено на срцето, за патот кој не ја заобиколува вистината и иако преполн со гребаници како резултат од борбата со нерамнините и трнливоста е единствената можност да се сфати и признае отпадот, побара и добие милоста и се започне живот како нов човек. Таа блага Вест иако навидум во форма на јарем има свои симптоми насекаде по целото тело, а посебно во душата која чувствувајќи го својот праоблик и насетувајќи ја поранешната чистина копнее по сопственото враќање. Најчесто е понудено директно со дошепнување во увото на зборовите со најсладок интезитет во периодот на несвесност, кога нешто значајно се случува со нашата суета и постоење со замислена посебност во светот, кога нешто ќе ни го запре и пренасочи текот на мислите кон Повисокото.

Тоа Слово со радост го примав и чувствував како му прилега на моите соништа да сторам нешто со себе во поглед на иницирање на подобар живот. Тоа значеше прилив на среќа која ги ширеше алвеолите убедувајќи ги дека новиот јас станува подобар човек. Можеби и начин да се живее во висините кога ќе се сфатеше дека самиот Бог се доближил до мене и со неограничена доверба ми ги понудил тајните. Уживање со тенденција да се претвори во вечна идила беа сите тие случувања на спознание и човечки привремен миг на експлозија од еуфорија и семоќ.

Но, посеаното немаше во мене корен. Радоста сакаше да потрае долго, долго, но никулците на Словото испуштени во почвата на верата вибрираа над површината и колку и да се обидуваа да изградат цврст однос со неопходните материи на опстојувањето, не успеваа во тоа. Човек без корен е само скитник кој ги носи своите желби со себе под пазува, но не успева да го види нивниот розов завршеток бидејќи тие се исполнуваат со сјај, ја носат сопствената незадоволеност зошто не се уште и повеќе и подолго, и на крајот се гаснат.

И, посеаното во мене беше непостојано. Утринските плодови ме мамеа со нивниот мирис, а вечерниот изглед ме плашеше со нивната мрачност. Ту се смеев како дете прегрнато од својот Учител, ту си плачев за страстите кои ме совладуваа. Каква судбина ми била, се прашував, да ја одгатнам мистеријата на Словото, а да не можам да се сладам ниту миг од блажината. Каде сум погрешил во засадувањето?

Настана и жалост и гонење заради Словото. Жалост поради ограничената трпеливост да се идентификува похотта, да се подготви оружјето, да се удри по неа и во круг пак така дури и кога се откорне од телото. Жалост поради истенчената вера дека на крајот на денот Пастирот ќе си ги собере сите овци и ќе ги стави на безбедно, каде демоните немаат пристап. И жалост поради големите очекувања дека Бог е фрижидер и дека доволно е само нешто да се посака, да се отвори вратата и само да се посегне по него. Гонење поради Словото кое воопшто не им се допаѓа на Мамона и неговите следбеници, армија од слепи послушници подготвени да рушат крстови и во нивните урнатини да ги сместат сите јагниња и суштества со памук наместо срце. Жалост, гонење, без корен, почва од камен и последично раѓање на соблазните кои не тргуваа со благодатта и милоста, туку го понудија светот навидум полесен и посладок. Но, два прсти подолу во бурето започнуваше пелинот.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz