Посеано на добра земја

А посеаното на добра земја е оној, што го слуша словото и го разбира, и дава плод: еден сто, друг шеесет, а друг триесет.

Матеј 13, 23

Конечно на добра земја. Го слушав словото и ја компензирав неговата магија со делови од мојата болка, понекогаш непозната за моите разбирања на нејзиното подмолно појавување, траење и последици по внатрешниот спокој. Така се лекував и бев еден од малкумината кои даваа плод, чии корени допираа длабоко до Суштината, вршеа размена на материи во правец изнесување на негодното кое подоцна ќе се рециклира во амбарите на Сејачот и внесување на погодното кое ми ги зацрвенуваше образите. Не беше само боја она што ми струеше низ телото, повеќе би рекол свежа крв обогатена со вера и надеж, минерали кои ретко кои капилари би можеле да ги додржат, а да не експлодираат од радост. И тоа беше добар знак за изгледот на некој не со нова физичка убавина од колоритните образи, туку со полнота и зрелост на некој кој уште од далеку восхитува со своето однесување, цврст став неколеблив пред световните виулици и чекори не со стаклени нозе, најчесто нестабилни и при првите искушенија.

[quote_box_left]Така се лекував и бев еден од малкумината кои даваа плод, чии корени допираа длабоко до Суштината, вршеа размена на материи во правец изнесување на негодното кое подоцна ќе се рециклира во амбарите на Сејачот и внесување на погодното кое ми ги зацрвенуваше образите.[/quote_box_left]Бев на добра земја бидејќи го разбирав словото онака како што беше напишано и замислено да ги допре сите витални органи предодредени да креираат и водат кон Небото. Го разбирав едноставно како еден плус еден дека секогаш се два и никако поинаку според аспектите на различните школи на трулежното. Тоа е безусловна љубов и ништо повеќе ниту помалку од тие пет букви и нивната содржина кога се споени и по истиот редослед за да претставуваат восрцие, содушие и сеопфатие. Варијантите од типот дека ја љубев, а подоцна разбрав дека омажена била или го љубам неговиот харизматичен поглед кој произлегува од длабочините на неговиот паричник, или го љубам мракот кој ја сокри сенката на моето грешение, … се самоизмама и заблуденост во уште една човечка мудрост. Го разбирав едноставно како насмевката на едно дете секогаш подготвено да се радува од утрото до слаткиот сон.

И плодот беше сто. Ниту една гранка не остана без својата тежина која ја влечеше надолу кон земјата асоцирајќи на благословен род. Сто венци со посебно име за секоја заслуга и исто толку лисја во нив со мирис на миро за надалеку да се препознава победникот помеѓу мнозината. Сто ѕвезди вечерници кои ќе им го осветлуваат патот на послушниците околу него и една, најголемата како ореол на неговата глава за никој да не се прашува за патот на праведниците. Дури и сонцето издвоило конкретен број зраци потребни да се затоплат тие сто и овозможат био-хемиските процеси во добрата земја да го завршат мостот помеѓу преодното и Татковината. Нека не се заборава дека сто се многу и тој плод е наменет за оние кои го љубат Бога повеќе од себеси.

И плодот беше шеесет. Гранките свиткани под сопствената тежина, среќни од своето рангирање понекогаш мрмореа со жалење дека не се сто. Шеесет венци одгледани во спокој повремено нарушен од копнежот кон нешто повеќе. Шеесет ѕвезди вечерници кои ја разбркуваат ноќта и нејзината темнина гладна за оние кои заскитале во лавиринтите на страста, доволно светли за утврдено сознание Кој е патот, вистината и животот. Сонцето било помалку даровно за шеесет, но застанало за момент во својата вечна обврска да грее и светли, и изброило повеќе од педесет и девет во име на благодатта. Нека не се заборава дека шеесет не се многу, ниту малку и тој плод е наменет за оние кои го љубат ближниот свој повеќе од себеси.

И плодот беше триесет. Гранките не можеа да се пофалат многу со тежината на родот, но беа среќни што барем не завршија во огнот на непотребното. Триесет венци се некогаш доволен број за утеха дека иако не биле повеќе, ќе бидат знак за почек на некоја друга, поврнежлива година. Триесет ѕвезди вечерници посилно од пламенот на свеќата го отстрануваат мракот на неговото вистинско место и овозможуваат подолго и посигурно да се чита од Писмото. Иако навидум сонцето е скржаво за триесет, тоа си ја завршило својата улога во раѓањето на новиот ден кој секогаш ветува дека нема да биде како претходната покаена ноќ. Нека не се заборава дека триесет сепак се малку, а тој плод е наменет за оние како мене кои сонуваат за сто, копнеат по шеесет и едвај се спасиле да не останат без род.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz